Пелистер го освои Купот на Македонија во сезоната 2016/2017

Пелистер го освои Купот на Македонија во сезоната 2016/2017. Пелистер, во финалниот меч кој се одигра во Струмица, славеше против Шкендија, по изведувањето на пенали со 4:3. Натпреварот по 120 минути игра заврши без голови. Пелистер во Струмица го освои вториот Куп во клупската историја, прв по 2001 година.

Битолскиот тим иако со определба да го брани својот гол, ги имаше шансите на натпреварот. Два пати Баже Илисоки можеше да го реши победникот, првиот пат во 80.минута, кога по грешката на Вујчиќ беше сам пред Захов, но упати лош удар, а вториот пат во 115.минута кога по пробивот на Фереира, Бразилецот се обиде да го проигра својот напаѓач, но во последен момент пред него интевенираше еден од дефанзивците на Шкендија.

За разлика од Пелситер, Шкендија иако ја имаше топката не ја оправда фаворитската улога. Тимот од Тетово за 120 минути игра не создадоа ниту една чиста шанса. Два пати во првиот дел се обиде Ибраими, еднаш Жуниор но нивните удари лесно ги скроти Петровски. Во вториот дел Ибраими имаше уште еден обид но неговиот удар од 20 метри заврши крај голот.

Дамка на фер натпреварот, фрлија навивачките групи, поради нивното некоректно навивање во 55.минута мечот беше прекинат, а продолжи по десетминутна пауза. Во пенал серијата за Шкендија Ибраими беше непрецизен во втората серија, а Петровски го одбрани ударот на Абдурахими во четвртата серија, додека кај Пелистер промаши само Фереира во третата серија. Од пенал за Шкендија прецизни беа Алими, Радески и Хасани, додека головите за Пелистер ги постигнаа Петров, Тодоровски, Ковачев и Илијоски.

Advertisement