Петнаесет години постоење на Македонското друштво “Илинден”-Тирана

 

На 6 февруари 2009 година беше формирано Македонското друштво “Илинден”-Тирана, а оваа година се навршуваат петнаесет години од неговото постоење и работа.  Македонско друштво “Илинден”-Тирана е регистрирано во Основниот суд во Тирана, а со цел заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет на Македонско национално малциство во Република Албанија.

Од особено значење за работата и информирањето за активностите на Македонското друштво “Илинден“-Тирана е објавувањето на Македонски весникот “Илинден” кој покрај печатеното има и електронско издание. Во него се објавуваат различни аспекти од животот на Македонците во Република Албанија.

Со оглед на фактот што интересот за работата на Македонско друштво ”Илинден”-Тирана постојано растеше, а македонските жители во Голо Брдо, Елбасан активно се вклучија во наеговата работа, беше предизвик за отворање на ограноци на Друштвото. Така, на 15. 10. 2012 година Македонско друштво ”Илинден”-Тирана отвори свој огранок во областа Голо Брдо. Неговата цел е заштита на интересите, културата и традицијата на македонското национално малцинство во oбласта Голо Брдо.

Растот на Македонското друштво “Илинден”-Тирана го бележиме и во 2021 година, кога беше назначен и координатор на Македонското друштво “Илинден”-Тирана за округот Елбасан.

Имајќи ја предвид потребата да се контактира со институциите во татковината, прес сѐ заради поддршка на значајни проекти за Македонците во Република Албанија, во 2020 година беше именуван генерален координатор на Македонското друштво “Илинден”-Тирана за татковината  Македонија.

Долгогодишната присутност на Македонското друштво “Илинден”-Тирана во Федералната унија на европските националности и други меѓународни организаци ја покажа потребата од назначување на Меѓународен кординатор на Македонско друштво “Илинден“- Тирана што беше реализирано во 2023 година.

Македонското друштво “Илинден”-Тирана, за периодот од петнаесет години оствари безброј средби со многу државни институции во извршната и локална власт, а соработката ја проширивме со невладиниот сектор, во земјата и странство.

Македонско друштво “Илинден”-Тирана е член на Федералната унија на европските националности од 16. мај 2015 година и дел од Работната група на словенските малцинства при ФУЕН. Како активен партиципиент во ФЕУН, членови на Друштвото досега учестува во сите конгреси и поднесува резолуци, што придонесува Македонското друштво “Илинден”-Тирана рамноправен член и силен глас на Македонското национално малциство.

Во изминатите четринаесет години како претседател на Македонско друштво “Илинден”- Тирана, заедно со моите соработници, имавме можност да оствариме бројни работни и официјални посети, да се сретнеме и да соработуваме со владини институции, како во Република Албанија, така и во матичната држава Македонија, како и со меѓународни организации.

При сите реализирани средби со претставниците на државните институции во Република Албанија, во матичната држава Македонија и европските институции ја користевме секоја прилика да размениме мислења за важни прашања за унапредувањето на положбата и правата на македонското национално малцинство во Република Албанија. Иако не секогаш наоѓаме заедничко или задоволително решение за одреден проблем, сепак должна благодарност искажувам на сите државни институции во Албанија, Македонијаи низ светот.

Ја користам оваа прилика да упатам добронамерна критика до Владата на Република Албанија и до надлежните министерства и организации да посветат посебно внимание и позитивно да одговорат на нашето барање за настава на мајчинот македонски јазик за децата во областите Голо Брдо и Гора, и насекаде каде има значителен број Македонци.

Бараме Владата да изврши промена на штетната територијална организација на локалната самоуправа и да ги прифати општините во областите Голо Брдо и Гора каде живеат Македонци.

Исто време бараме од Владите на Албанија и Македонија целосна функционалност на граничниот премин Требиште – Џепиште во областа Голо Брдо, кој што е потребен за да може луѓето полесно да комуницираат од двете страни на границата.

Нашите ставови за Законот за националните малцинства во Република Албанија се исти како и пред донесувањето на овој Закон. Неколкупати укажавме, дека Законот треба да ги реши горливите проблеми на националните малцинства, но со новодонесениот Закон се постигна токму спротивен ефект. Донесе дополнителни проблеми, кои се негативни не само за Македонците, туку и за Република Албанија во целина.

Го повикувам Комитетот за национални малциства да покаже поголема активност за малциствата и за Македонско национално малциство во Република Албанија, а не да биде во сенка. Комитетот треба да ги воздигне малцинствата и да им помага во борба за опстанок во Република Албанија.

Исто време бараме од Владите на Албанија досегашното тело Комитетот за национални малцинства од консултативно тело на Владата да прерасне во Агенција за национални малцинства со посериозни и обврзувачки ингеренции за афирмација на националните малцинства во Република Албанија. Комитетот за националните малцинства е формиран во 2004 година од страна на албанската Влада како централна институција зависна од Владата, со задача да ја подобри заштитата на малцинствата во земјата. Како што е утврдено во многу извештаи на меѓународни институции кои се занимаваат со правата на малцинствата, оваа институција е подложна на политичко мешање, што резултира со нејзина целосна контрола од извршната власт и нејзина трансформација од тело за заштита на малцинствата, во тело штетно за дијалогот меѓу Владата и малцинствата. Затоа, сметаме дека Комитетот за националните малцинства треба да биде независен и активен глас на малцинствата, со способност да учествува во дијалог со Владата за заштита и подобрување на правата на малцинствата во Албанија, а неговата работа да биде јавна и присутна на медиумите во државата.

Македонско друштво “Илинден“-Тирана останува посветено на борбата за македонско национално малцинство во Република Албанија, за унапредување на положбата и правата на Македонците врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност.

Посебно благодарност сакам да упатам до сите што помогнале на Македонско друштвото “Илинден“-Тирана во петнаесет години.

Во чест на 15-годишнината од постоењето на Македонското друштво “Илинден”-Тирана сакам да ги повикувам сите државни институции како и сите политички партии и невладиниот сектор во Албанија и Македонија да дадат поддршка на Македонците во Република Албанија, да дават поддршка во контунитет за решавање на проблемите што се сочуват, ќе посакаме повеќе текстови за објавување во весникот “Илинден“. Да му се множат годините на успешна работа на Македонското друштво “Илинден”-Тирана а за неговите постигнувања оставаме повеќе да каже историјата.

Македонците во Република Албанија и Албанците во Република Македонија се мостови на братство и пријателство меѓу двата народа и двете држави.

Да се вечни Македонците во Република Албанија!                                                                                                            

Да живее албанското – македонско пријателство!

 

Со почит,

Никола Ѓурѓај                                                                                                                               

Претседател на Македонското друштво “Илинден“- Тирана

Advertisement