Македонското Кресненско востание е востание на Македонскиот народ против отоманската власт кренато на 17 октомври (5 октомври по стар стил) 1878 година, во селото Кресна, во долината на реката Струма во Пиринска Македонија, со цел ослободување и создавање на независна Македонска држава.
Главните подготовки за кревање на востанието биле водени од повеќемина видни Македонци – учители, трговци и свештеници. Најангажирани во подготовките биле охридскиот митрополит Натанаил Кучевишки и познатиот македонски револуционер учителот Димитар Поп Георгиев Беровски кој бил назначен за началник на штабот, а прв војвода на четите бил поп Стојан Карастоилов.
Во востанието со своја чета учествувале и познатиот македонски борец и прв македонски историчар Ѓорѓија Пулевски и војводата Кара Тодор од Тетово, познат како “страв и трепет за башибозукот”.
На 11 ноември 1878 година, Османлиите крваво го задушиле востанието, а цели два месеца потоа биле вршени потраги по останатите востаници од околните села со најголеми репресивни мерки и убиства, иселувања и мачења врз месното население. Поради таквата состојба Натанаил Кучевишки заминал за селото Падеж и таму на 6 јули 1879, издал наредба за демобилизација на четите и собирање на оружјето кое требало да се складира во селото Бураново. Со тоа Кресненското односно Македонското востание завршило.