Почина универзитетскиот професор Томе Груевски

Професорот Томе Груевски, кој зад себе остави многубројни генерации новинари, синоќа почина по тешко боледување во Скопје, на 70-годишна возраст.

Томе Груевски е роден во Смилево, Битолско (1949), бил новинар и универзитетски професор по комуникологија, новинарство и односи со јавноста, прв доктор по комуникологија во Република Македонија и основоположник на студиите по односи со јавноста во Македонија.

Дипломирал на Филолошкиот факултет (1972); магистрирал на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (1989) и докторирал на Правниот факултет (1995) во Скопје.

Уште од средношколските години му се оддал на новинарството, во времето на студиите бил соработник, уредник и главен уредник на „Студентски збор“, а подоцна и директор на НИП „Студентски збор“. Покрај тоа, бил и главен уредник на списанието за општествена теорија и критика „Дијалог“. Бил соработник на емисиите „Бранови на младоста“ и „Студентски паралели“ на Радио Скопје, а потоа бил и соработник на Третата програма на Македонското радио.

Професор на Студиите по новинарство, медиуми и комуникации и односи со јавноста на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и професор на постдипломските студии на групата за комуникации при Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Повеќе години беше професор на Универзитетот „Свети Климент Охридски“, на Педагошкиот факултет во Битола и на Факултетот за јавна администрација, на сите степени на студии. Автор е на триесет и пет книги: учебници, научни трудови и студии од областа на историјата, теоријата на новинарството, комуникологијата и односите со јавноста, како и повеќе публицистички и новинарски трудови.

Членство во професионални и невладини организации и асоцијации: член на Претседателството на Универзитетската конференција на ССММ и претседател на Комисијата за информирање, во два мандата, (1978-1982); член на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје; во два мандата; секретар на Здружението на новинарите на Македонија (1982, 1983 и 1984); потпретседател на Здружението на издавачите на Македонија (1985 -1987). Македонско научно друштво – Битола од 1997; член на Советот за радиодифузија на Република Македонија (2006-2013); претседател на „Студиорум“, Центар за регионални истражувања и соработка, Скопје.

Добиени награди и признанија: прва награда на Фестивалот на радиото на ЈРТ во Охрид, (1978) заедно со целата новинарска екипа за контактна емисија на програмата „Бранови на младоста“ на Радио Скопје; „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, од областа на публицистиката (1983); „Новинарско перо“ (1986), награда на Здружението на новинарите на Македонија; награда на издавачите и книжарите на Република Македонија (1999); награда „4 Ноември“ на град Битола (1999); награда на „Битолски весник“ – „Најуспешни битолчани“ (2007). Во 2018 беше прогласен и за почесен член на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид. Во соработка со оваа установа д-р Груевски ги промовира двете книги посветени на охриѓанецот Константин С. Шахов, а на 18 март годинава д-р Груевски по покана на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Општина Охрид говореше на настанот „185 години од раѓањето и 110 години од смртта на Кузман Шапкарев“. Д-р Груевски беседеше на тема: „Журналистичката и публицистичката дејност на Кузман Шапкарев“. Најверојатно, за жал, тоа беше и неговото последно официјално појавување и обраќање во јавноста.

Објавени трудови: Јавното информирање во Македонија, Скопје, 1991; Системот на јавното информирање во Македонија, Скопје, 1992; Преглед на македонскиот печат (1885–1992), Скопје 1993 (со коавтор Боро Мокров); Современиот печат во Македонија (1944-1994), Скопје, 1995 (две изданија); Историја на новинарството, кн. 1 и 2, Скопје, 1999; Теорија на новинарството, Скопје, 2000; Комуникациите и културата, Скопје, 2004; Историја на новинарството, Скопје, 2005; Култура на говорната комуникација, Скопје, 2006; Односи со јавноста, Скопје, 2007 и 2011; Комуникологија, 2011; Комуникологија на масовни медиуми (2012), коавтор со д-р Зоран Костов; Комуникологија на жанрот, 2013; собрани дела „Комуникологија“ 2015, Коста С. Шахов – публицистика, кн 1. (2017), Константин С. Шахов -книжевност кн. 2 (2018). Томе Груевски е автор и на два аудиоучебника наменети за читатели со посебни потреби. Автор е на „Односи со јавноста“ и на учебникот „Историја на новинарството“.

Advertisement