
Во куќата музеј на Стерјо Спасе, во селото Глобочани, општина Пустец, денеска се одржа средба на партнерите од Албанија и Македонија како и претставници од ЕУ за почеток на проектот SMART4YOU2.
Проект опфаќа санација и уредување на плоштадот во центарот на Глобочани, каде се наоѓа и споменикот на Стерјо Спасе, како и патот до музејот. Истиот е подготвен од општина Пустец со техничка поддршка на Регионалната дирекција за култура на округот Корча и ќе се реализира со финансиска поддршка на Европската Унија, Министерството за култура на Албанија и на Македонија во рамките на проектот „Smart4you2″, информираше за Македонски весник Илинден, Пали Колефски, градоначалник на Пустец.
Додаде дека целта на проектот е да го зголеми туристичкиот потенцијал на Преспа преку создавање олеснувачка инфраструктура за поврзување на центарот на селото Глобочани со Куќата музеј на Стерјо Спасе.
Музејот беше отворен во март годинава и станува се почеста дестинација за туристите а се одржуваат и настани од значење на Македонците. На средбата присуствуваше Министерката за култура на Македонија Бисера Костадиновска – Стојчевска, македонскиот амбасадор во Тирана Данчо Марковски, градоначалникот на Битола Тони Коњановски, градоначалникот на Пустец, Пали Колефски, Нертил Јоле, префект на округот Корча и претседателот на Македонска алијанса за европска интеграција Васил Стерјовски.
Стерјо Спасе родум е од селото Глобочани, едно од селата во општина Пустец населени со Македонци. Тој е еден од најпознатите писатели во Албанија, чиј познат роман „Зошто” го најавил создавањето на современа литература во Албанија.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden