Покрај Македонците, на удар се и Евреите

Каков ироничен пресврт. Човекот чија работа беше да го смени името на мојот народ, да го избрише мојот идентитет и да ја препише мојата историја сега гледа како историјата на неговиот народ се менува и како кршењата на човековите права кои неговите сонародници го претрпеле се бришат, поради политички причини, и како директен резултат на неговите постапки.

Овој човек го игнорираше кршењето на човековите права кое го претрпеа моите сонародници – и кое се уште трае – а воедно додаваше експоненцијано нови кршења на нашите права.

Метју Нимиц е Евреин. Јас сум Македонец. Пратеникот на Обединетите Нации повеќе од две децении изјавуваше дека мојата етничка припадност е помалку вредна од секоја друга во светот.

Знаете, постоењето на мојот народ беше прогласено за „дипломатски спор“ од страна на нашиот најгласен угнетувач, Грција, а Обединетите Нации се вклучија да им помогнат (тоа е една од предностите на романтизирањето на Грција). ОН именуваа пратеник да преговара меѓу нас да и помогне на Грција да ја постигне својата цел – нашето бришење како народ. Првиот пратеник беше Робин О’Нил кој веднаш откако ги сфати грчките намери, им се спротистави – ги одбиваше нивните барање, даде оставка и и изрази полна поддршка на Македонија осудувајќи ги преговорите за името.

„Македонија не смее и нема да го смени името за да и удоволи на Грција. Ако Македонија попушти под притисоците и си го смени името, тоа само ќе и даде уште повеќе сила на Грција да ја исполни својата конечна цел – бришење на Македонија од мапата.“

Благодарни сме му на господинот O’Нил. Како што кажа нобеловецот Ели Визел, кој го преживеа Холокаустот, „мораме да одбереме страна. Неутралноста секогаш им помага на угнетувачите, а никогаш на жртвите. Молкот го охрабрува напаѓачот, а не нападнатиот“.

За жал, молкот е оружјето кое го одбраа многумина. Замислете вашиот народ да е принуден да помине низ изнасилено менување на неговото име, идентитет и историја. За жал, Македонците не мораат да го замислуваат ова, а истото важи и за Евреите. И еврејската историја во регионот се препишува. Ние (Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права) ги повикавме еврејските организациидада да дадат соопштение за јавноста во одбрана на двата наши народи. Го повторуваме нашиот повик до меѓународната заедница да го стори тоа, и да престане кон нашето постоење да се однесува како кон предмет на преговори. Од нашето создавање, логото на ММДЧП е дека „од 1986 година ние сме активни во одбрана на човековите и националните права на Македонците и сите други угнетени народи“.

Да сумираме што ни се случуваше досега:

– Грција анектираше голем дел од Македонија по поделбата во 1912/13 и почна да врши етничко чистење на Македонците, со масовни убиства и протерувања;

– Грција брутално ја потиснуваше употребата на името „Македонија“ и било каков израз на македонски идентитет;

– Ненадејна промена на тактиката и пропагандата – Во 1988 година Грција почна да го присвојува името „Македонија“. Оваа промена во однесувањето беше направена со цел Грција да ги прикрие своите грозни кршења на човековите права против Македонија (на пример, ако Англија реши да ги присвои имињата на домородните народи, дали тоа значи дека не извршила колонизација и насилство врз нив?);

– Додека Западот се правеше дека не гледа, Грција го убеди заедно да извршат притисок за да се смени името, идентитетот и историјата на Македонија и Македонците, а во спротивно, се закани дека ќе стави ветео на приемот на Македонија во НАТО и ЕУ и ќе го запре ширењето на западниот империјализам на Балканот (на Македонија не и треба да е членка на НАТО и ЕУ, но за тоа другпат);

– Ни беше наметнато крајно навредливото име „Северна Македонија“, а со него и „Северномакедонци“. Како што објаснив тука, „Јас сум Македонец од Македонија. Било кое друго име го негира мојот етнички идентитет“.

– Соседната членка на НАТО и ЕУ Бугарија стана љубоморна и постави свои барања кон Македонците… и кон Евреите.

Еве што конкретно бара Бугарија. Таа исто така анектираше дел од Македонија во 1912/13 и, со цел да го прикрие своето кршење на човековите права на Македонците, тие сакаат се што е Македонци да се прогласи дека всушност е бугарско, вклучително и нашиот идентитет, јазик и историја, како и хероите кои се бореле за македонска слобода од бугарска окупација. Меѓу барањата е да се избрише од историјата дека Бугарија била сојузничка на Хитлер, ја окупирала Македонија во Втората Светска Војна и депортирала 7,000 македонски Евреи во логорот на смртта Треблинка во Полска. Ова е повторно, крајно навредливо. А да, Бугарија воедно сака да биде прогласена за „администратор“ и „ослободител“ на Македонија. Да ги прашаме Македонците кои се бореле против нацизмот што мислат за ова.

Со сето ова ни се наметнува прашањето – дали Метју Нимиц конечно ќе го следи својот претходник и го осуди ова принудно менување на името/идентитет/историјата на Македонија како брутално кршење на најосновните човекови права? Особено имајќи предвид дека со тоа одврзаа рацете на Грција и на Бугарија уште повеќе да ги засилат нивните напади врз Македонците – особено грчката влада која им дозволува на неонацисти физички да напаѓаат Македонци, додека бугарската тајна служба апси и им се заканува на Македонци, нивните официјални институции ги бришат сите изрази на македонски национален идентитет, а во медиумите и од владини функционери постојано доаѓаат напади во кои Македонците се прогласуваат за „нелуѓе“ кои треба да „бидат стрелани на улица“.

Дали Метју Нимиц ќе реагира, особено сега, кога овие напади почнаа да ги засегаат и неговите сонародници?

Нема. Тој сака да биде запаметен како човекот кој „го решил“ таканаречениот „спор за името“. Сепак, треба да разбере (веројатно веќе му е јасно) дека ќе биде запаметен како колаборационист во кампањата за културолошки геноцид на Македонците. Кога се сретнавме пред неколку години, беше забележително неговото познавање на вистината за Македонија и Македонците, но уште позабележително беше дека е подготвен да стори се за да добие „заслуга“ затоа што го решил „спорот за името“, иако беше потполно свесен кои се вистинските грчки планови. Нимиц мора да разбере (ова не го сфатил уште) дека човековите права се поважни од барањето заслуга за нешто што воопшто не треба да се слави. Дали ќе го осуди фалсификувањето на еврејската историја? Не. Нимиц разбира дека проблемите со кои се соочени Евреите и Македонците во регионот се поврзани и дека не можете да го отворите едното прашање без да го отворите другото.

Му го поставив прашањето подолу на Нимиц во една подоцнежна дискусија, која уште повеќе е важна денес (на почетокот на средбата ми рече дека „од почит кон вас и покрај грчкото противење, ќе ве нарекувам Македонец за време на нашата средба.)

Моето прашање до Нимиц беше: „За време на нашата средба, ми кажавте дека имате еврејско потекло. Што ако јас ви кажам дека, „од почит кон вас, ќе се согласам да ве нарекувам Евреин, но неуморно, секој ден, ќе работам на тоа да го смениме вашето етничко потекло и да ги избришеме спомените за сите кршења на човековите права што вашиот народ ги претрпел?“

На крајот Нимиц самиот си го стори тоа на себе и на својот народ. Како реагираа Македонците? Јас и ММДЧП сме најгласните противници на бришењето на спомените за кршењето на правата на Евреите (јас и приватно сум многу гласен човек). Такви сме ние Македонците. Како народ кој е угнетуван – јасна ни е и нивната положба. Ние ја осудуваме омразата независно кон кого е насочена. Само бараме и другите да го сторат истото за нас./Бил Николов, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права

Advertisement