Поп Теодор Икономо (1831, Бобоштица – 1910 Бобоштица) чувар на духот на македонската традиција на Македонците во Албанија

Поп Теодор Икономо е роден во 1831 година во големото корчанско село Бобоштица (денес во Албанија). Основното образование завршува во родното село. Освен својот мајчин македонски јазик, говорел и старогрчки и албански.  Во XIX век бил забележан преродбенски порив кај македонското население, кој го одразувал духот на македонската традиција. Ваквиот порив постоел, покрај другите, и во корчанскиот крај, а особено во селата Бобоштица и Дреново.

Кога се зборува за ширењето на елинизмот, во втората половина на XIX век, најмногу тоа се правело преку црквата и просветата. Таквиот елинистички пробив не го одминал ниту македонскиот народ во корчанскиот крај. Иако богослужбената литургија, официјално, се одвивала на грчки јазик, неретко таа се одвивала на македонски. Македонското население се стремело да се заштити од агресивната елинизација, а најистакната улога во таа насока имале македонските преродбеници Димитар Цанко и Теодор Икономо.

Димитар Цанко бил иницијатор за превод на изборното евангелие од грчки на народен македонски говор. Имено, во 1880 година, било преведено евангелие познато како Корчанско или Бобошчинско евангелие, а зачуваните ракописи се пишувани на македонски говор, но со грчко писмо. Преводот требало да се користи во неделните богослужба во манастирот Св. Богородица и во Св. Никола. Целиот кодекс содржи 47 листови, во кои се претставени три делови. Секој дел е самостоен според содржината, со исклучок на текстот од евангелието на Матеј. Првиот дел кој го пишувал Цанко е најголем и се состои од 25 листови, додека вториот е пишуван од поп Теодор Икономо, а третиот дел е пишуван од три анонимни пишувачи. Корчанско или Бобошчинско евангелие се применувало околу 30 години, или од 1880 до 1909 година.

Fragment du F» 32: MATTHIEU, xxv, 3 1-46 (de la main de Theodhor Ikonomo)

Ракописот останал кај поп Теодор Икономо кој бил добар раскажувач, импресивен пеач и страствен вљубеник на народното творештво на својот народ. Икономо како свештено лице бил образована личност. Освен својот локален дијалект, тој зборувал новогрчки, албански и по малку романски јазик. Се спротивставувал како на грчката пропаганда, така и на Османлиите и заради тоа имал голем авторитет меѓу локалното население.

Митрополитот го ценел неговиот авторитет и кога престојувал во Корча навраќал да го посети. При една посета на Бобоштица, Владиката бил мошне изненаден кога го чул проповедувањето на евангелието на македонски јазик. Високиот црковен достоинственик се налутил и остро го прекорил поп Икономо. Тој му одговорил дека самиот е господар во својата црква, зашто сметал дека главните проповедни делови од богослужбата требало да се разбирливи и за неписмените и обичните луѓе. По овој настан продолжило да се чита евангелието на македонски јазик во двете цркви.

Икономо зад себе оставил богато наследство од собрани народни творби. Тие биле чувани од неговата потесна фамилија, чии потомци со љубов го пренесуваат ова наследство од колено на колено и подоцна го прават достапно до пошироката јавност./Никола Ѓурѓај

Advertisement