Поранешниот министер за внатрешни работи Тахири ја напушти Албанија

Поранешниот министер за внатрешни работи на Албанија, Саимир Тахири ја напуштил Албанија и отпатувал за Германија. Тој е под истрага на обвинителството за тешки кривични дела. Според неговиот адвокат, Макс Хаџиа, Тахири отпатувал како слободен човек, а според други извори тој заминал поради семејни причини.

На 25 октомври на Тахири му беше одземен пратеничкиот имунитет, под сомненија дека бил вмешан во недозволена трговија со дрога. Тогаш парламентот гласаше за одземање на имунитетот, но против барањето за негово апсење.

Тахири се сомничи дека бил вмешан во недозволена трговија со дрога кога бил министер за внатрешни работи, во перидоот од 2013 до март годинава. Според Обвинителството водач на криминалната банда бил неговиот братучед Моиси Хабилај наречен „балкански Пабло Ескобар“, уапсен од италијанската полиција.