Повелба на Република Македонија на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата

Сообраќајот е нераздвоен дел од нашето секојдневие. Патиштата и пругите се артериите на нашата економија, без кои економскиот напредок е незамислив. Но, покрај бројните економски придобивки, сообраќајот носи и одредени ризици по безбедноста на неговите учесници – возачите, патниците и пешаците. Веќе 55 години со овој сериозен предизвик се бори Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот.

Пред малку чувме дел од постигнувањата и успесите на Републичкиот совет. На сето тоа ќе го додадам следното: сите стратегии, активности, мерки, кампањи, предлози и иницијативи на Републичкиот совет се сведуваат на едно нешто, а тоа е заштита на човечкиот живот. Сепак, не можеме, а да не забележиме дека од година во година, задачата на Републичкиот совет станува се посложена и тоа поради повеќе фактори.

Имаме сè поголем број возила на патиштата. Фреквенцијата на сообраќајот секојдневно се зголемува. Несовесното користење на современите технологии, а особено мобилните телефони за време на возењето е израз на ниското ниво на сообраќајна култура што многу често се плаќа со живот. Дополнително на тоа, политичките кризи, неизвесноста и непредвидливоста ги изложија граѓаните на постојан стрес. Собрани заедно, овие фактори го намалија трпението и почитувањето на сообраќајните правила и го зголемува бројот на сообраќајните несреќи, кои за жал станаа наше секојдневие.

Секое утро се будиме со статистиките за тоа колку несреќи имало во текот на претходниот ден. Само во 2013 година во просек имало по 11 тешки сообраќајни незгоди секој ден. Во таа фатална година, секоја десетта жртва била дете! Годишно во Република Македонија меѓу 160 и 170 лица ги губат животите во сообраќајни незгоди. Бројот на повредените е многупати поголем. Тоа се многу предвреме прекинати животи, неискористени можности и неостварени соништа. Тоа е голема загуба за семејствата, за општеството и за државата. Брзото возење, алкохолот, неносењето појас и телефонирањето или, уште полошо, праќање пораки за време на возењето се меѓу најчестите причини за овие страшни статистики.

Републичкиот совет неуморно и совесно се бори против овие тенденции. Со отрезнувачки кампањи ја будат јавната свест за потребата од одговорно учество во сообраќајот. Упорно укажуваат дека една секунда невнимание може да ги измени сите животни планови. Ја едуцираат јавноста, особено младите, за ризиците кои можат да ги чинат живот. Во таа насока, Републичкиот совет ја имплементира и националната стратегија за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Целта на оваа стратегија е бројот на жртви во сообраќајни незгоди да се намали и да биде во рамките на Европската Унија.

Затоа, во годината кога Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот прославува 55 години од формирањето, ја имам честа, како Претседател на Република Македонија да доделам Повелба на Република Македонија. Повелбата е признание за постигнатите резултати во унапредувањето и во развивањето на сообраќајното образование, култура и етика, со што Републичкиот совет даде исклучителен придонес за подобрување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот на нашите патишта.

Минатата година на отворањето на Регионалната конференција за безбедност во сообраќајот реков дека ниту нови патишта, ниту нови закони, ниту повисоки казни и построги санкции, сами по себе, нема да ја намалат смртноста на патиштата ако истовремено не работиме на развивање на сообраќајната култура и етика. Таа култура и етиката треба да се гради и да се пренесува преку семејствата, училиштата, автошколите, сè додека не прерасне во општоприфатена општествена навика. Сите ние треба да работиме на создавањето на таа навика.

Но, за тоа е неопходен еднаков третман на сите пред законите. Потребна е соработка во рамките на системот, ангажирање на јавниот и на приватниот сектор, осигурителните компании, академската заедница, цивилното општество и медиумите. Бидејќи, само така ќе изградиме безбедност во сообраќајот. Верувам дека, како и до сега, така и од сега, Републичкиот совет ќе има клучна улога во постигнувањето на оваа цел. И во таа насока, честитајќи им за признанието, ги охрабрувам да продолжат да го прават она за што постојат – спасување на човечкиот живот.

Advertisement