Пратеникот Васил Стерјовски побара поголема грижа за Македонците во областа Гора

Почитуван претседател на Собранието, Почитувани пратеници, Партијата Македонска алијанса за европска интеграција, како партија која меѓу другото се грижи за унапредување на положбата и правата на Македонската заедница во Албанија, изразува загриженост за положбата во која се наоѓа областа Гора во општина Кукс. Во областа Гора традиционално и во хармонија живеат Македонци и Албанци заедно. Според официјалните податоци од Заводот за статистика на Албанија, на пописот од 2011 година, во областа Гора се изјасниле 700 Македонци. Но, ве уверувам, Македонската заедница во областа Гора е многу поголема. Македонците таму живеат во девет села: Шиштавец, Борје, Пакишта, Црнелево, Очикле, Оргоста, Орешек, Запот и Кошаришта. Областа Гора последните 28 години е запоставена од страна на државата и поради лошите услови за живот и екстремната сиромаштија, голем број на жители се заминати кон градовите Кукс и Тирана, и надвор од државата.

Овој тренд на иселување на населението продолжува и денес. Областа Гора е една од најсиромашните области во Албанија, каде над 90% од населението е невработено. Речиси во сите села во областа нема водоводи. Селата имаат заеднички чешми каде жителите полнат вода. Извори има во областа, но нема инвестиции за инсталација на водоводната мрежа за вода за пиење. Изградбата на водоводи во селата ќе го олесни животот на жителите. Селата немаат и канализации. Во зима поради снегот, областа Гора со месеци е блокирана и жителите се принудени сами да ги чистат патиштата. Проблем претставува и електричната мрежа, која е доста амортизирана и дотраена и има потреба од нејзина реконструкција. Патната инфраструктура низ целата област е во многу лоша состојба, таму сè уште нема асфалтирани патишта. Во лоша состојба е и здравствената заштита.

Дополнителен проблем за Македонската заедница во Гора е фактот што децата не можат да го изучуваат мајчиниот јазик во училиштата, иако изминатите години имаше повеќе иницијативи за изучување на предметот македонски јазик. За жал, овие иницијативи не најдоа на одобрение од образовните институции во Албанија. Министерството за образование спорт и млади треба да стори се, оваа состојба да се подобри, децата да го учат Македонскиот јазик како посебен предмет. До 2015 година во областа Гора постоеја три општини: Шиштавец, Запод и Топојан. За жал, со новата териториална реформа, општините Шиптавец, Запод и Топојан се укинаа и се припоија со општина Кукс. Во 2014 година, кога се донесе Законот за територијалната реформа, Владата не ги зеде во предвид барањата на Македонската заедница во Гора и на партијата Македонска алијанса за европска интеграција: Областа Гора да се организира во посебна општина, со цел развој на оваа област. Главен приход на населението доаѓа од емиграцијата, дел се занимава со сточарство и земјоделство, додека дел со сезонски работи во Македонија.

Жителите посебно се сконцентрирани во одгледување на компирот. Главен проблем е немамањето на канали за наводнување на посадените површини, пазар за пласман на компирот како и собирачки пункт за компирот. Почитувани пратеници, Областа Гора има голем развоен потенцијал, со посебна природна убавина, како и големо културно богатство, фолклор и традиција. Има услови за развој и на планинскиот туризам. Областа Гора е богата со води и пасишта. За да се постигне стабилен развој, да се подобрат условите за живот и да се намали сиромаштијата во областа Гора, Владата како и општината Кукс треба итно да инвестираат во патната инфраструктура, водоводот и канализацијата, изградбата на канали за наводнување, снабдувањето со електрична енергија, развојот на планинскиот туризам, изградбата на ски патека, изградбата на центар за собирање на компирот, обезбедувањето пласман на компирот, како и субвенции за семето за компир за фармерите што го одгледуваат компирот.

И една иницијатива, која барам Владата сериозно да ја разгледа, бидејќи е во духот на евро-интеграциите и развојот на Албанија и регионот. Предлагам формирање на Евро-регион ШАРА на тромеѓата, меѓу трите држави Албанија, Македонија и Косово. Тоа ќе биде практична мерка за евро-интегративните процеси во регионот, за унапредување на меѓуграничната соработка и за развојот на областа што ќе ги подобри условите за живот и работа на месното население од трите страни на границата. Евро-регионот ШАРА ќе ја спречи емиграцијата и ќе го привлече вниманието на инвеститори од земјата и странство. Шар планина е богата планина, природата и Господ ни го дале своето, останува ние да го промовираме Евро-регионот ШАРА, да се изработи физибилити студија и да се понудат проекти пред Европската Унија. Мислам дека и Македонија и Косово ќе бидат заинтересирани и за Евро-регионот ШАРА. Ви благодарам на вниманието

Advertisement