Пратеникот Васил Стерјовски упати честитки за изборот на новиот градоначалник на општина Пустец, Пали Колефски

Почитуван г-дин Колефски, Ви ја честитам победата за градоначалник на општина Пустец, на локалните избори одржани на 30 јуни 2019 година. Македонците во огромен број Ви ја дадоа довербата во наредните четири години да ја раководите општината Пустец. Ме импресионира Вашата изјава во медиумите, дека во општина Пустец живеат Македонци и дека вие сте Македонец. Тоа е непобитен историски факт: Во областа на Преспа живеат Македонци кои се признати од страна на Република Албанија и се нејзини лојални граѓани. Ја имате мојата поддршка како пратеник, но и поддршката на македонската партија

Македонска алијанса за европска интеграција, за сите Ваши проекти за инфраструктурен развој на општина Пустец, развој на македонската култура и традиции и унапредување на положбата и правата на Македоцните во општина Пустец. Македонците во општина Пустец заслужуваат пристоен и достоинствен живот. Областа на Преспа изобилува со природни убавини. Господ и природата ни дале се’. За еден месец и половина, откога сум пратеник во Собранието на Република Албанија, од партијата Македонска алијанса за европска интеграција ги бранам интересите на Македонците во општина Пустец и во цела Албанија. Во Собранието на Република Албанија повеќепати зборував за проблемите со кои се соочуваат Македонците во општина Пустец. Неприфатливо е во 21. век повеќето села да немаат вода за пиење и основни услови за живот.

Истовремено, во повеќето средби што ги имам остварено со министрите и претставниците на разни институции, побарав поддршка за општина Пустец. Општината треба да изготви што повеќе проекти, да можеме конкретно да лобираме тие да се одобрат. Потребна е ефикасна општина која ќе се посвети на изготвување на проекти за водовод, канализација и локални патишта. Верувам дека заедно со Вас ќе излобираме што повеќе проекти за развој на општина Пустец од страна на албанските институции и странските донатори. Ја имате мојата поддршка за соработка по сите прашања, во решавањето на сите проблеми во општина Пустец. За подобар живот, за правата на Македонците. – стои во честитката потпшано од Васил Стерјовски Пратеник во Собранието на Република Албанија.