Православна Нова година ја одбележуваат Македонците во Албанија

По традиција, во духот на македонските обичаи и традиција, Македонците во Албанија го одбележуваат празникот Свети Василиј Велики, со кој се означува почетокот на Новата година, според јулијанскиот календар.

И оваа како и минатата година, почитувајќи ги антиковид мерките, изостана масовноста, но, како што изјави за МИА, Васил Стерјовски, лидер на единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција, ја продолжуваат традицијата наследена од дедовци и прадедовци.

Со помало присуство на народ, во Мала Преспа, Голо Брдо, Врбник, синоќа се палеа василичарски огнови, се пиеше вино и топла ракија, се пееја песни. Посакувам пандемијата со Ковид-19 да остане во минатото и до година одбележувањето да биде помасовно, како што беше до пред две години. Од свое и од име на партијата честита православна Нова година, со најдобри желби за здравје и живот, мир и љубов, среќа, радост и благосостојба, порача Стерјовски, кој како и другите верници, во божјите храмови, денеска запали свеќа за здравје.

Секое македонско семејство ширум Албанија, домаќинките денеска подготуваат пита или како што ја нарекуваат мазник со паричка. Се верува дека на оној кому ќе му се падне, во текот на годината ќе му се случуваат убави нешта.

Честитка по повод православна Нова година до сите Македонци во Албанија, во матичната земја и дијаспората, со желби за здравје, среќа и благосостојба и надминување на актуелната состојба со Ковид-19, со цел до година помасовно да се одбележува и овој и сите други божји празници, упати и македонското друштво “Илинден“-Тирана и органокот за Голо Брдо.

Advertisement