Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова за време на престојот во Рим, оствари средба со претставници на македонската дијаспора

Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова за време на престојот во Рим, оствари средба со претставници на македонската дијаспора и на италијанско-македонската стопанска комора, АПИ НОРДЕСT.

На средбата, соговорниците ја запознаа претседателката со нивните тековни активности и вклученоста на дијаспората во севкупните општествено-економски процеси во Италија. Во разговорот со г. Мунир Шемси, успешен бизнисмен и претседател на АПИ НОРДЕСT, претседателката беше информирана за заложбите на Комората, за неговиот личен и професионален развој, како и за над тридеценискиот хуман активизам насочен кон социјално ранливи семејства во неговиот роден крај.

Претседателката Сиљановска Давкова изрази благодарност за исклучителниот придонес на македонските иселеници во континуираното унапредување и продлабочување на соработката меѓу македонската и Италијанската република. Таа ја нагласи важноста од одржувањето на врските со дијаспората, што како нераскинлив дел од македонското ткиво доследно ги негува културата и традицијата, афирмирајќи ја нивната матична држава во странство. Во таа насока ја потенцираше и потребата од почитување на нивните согледувања на состојбите во нашето општество, имајќи ги предвид децениските искуства и демократски вредности стекнати во државите во коишто живеат и работат.

Средбата со претставниците на македонската дијаспора се реализира за време на посетата на претседателката Сиљановска Давкова на Италијанската Република и Светиот Престол, по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.

Advertisement