Претседателот Иванов со Медал за заслуги за Македонија ги одликуваше македонистите Волф Ошлис, Виктор Фридман и Кристина Крамер

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги одликуваше со Медал за заслуги за Македонија, истакнатите научни работници, лингвисти и македонисти, Волф Ошлис, Виктор Фридман и Кристина Крамер.

Волф Ошлис, професор, автор и преведувач на повеќе дела од врвни македонски автори е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Сојузна Република Германија, како и за унапредување на пријателските односи меѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија.

Виктор Фридман, еден од најпознатите и најактивните лингвисти со македонистичка ориентација,  е одликуван со Медал за заслуги за Македонија, за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Соединетите Американски Држави, како и за унапредување на пријателските односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави.

Американскиот лингвист, Кристина Крамер е одликувана со Медал за заслуги за Македонија, за исклучителен придонес за афирмацијата и за популаризацијата на современиот македонски јазик, литература и култура во Соединетите Американски Држави и Канада, како и за унапредување на пријателските односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави и Канада. Претседателот Иванов рече дека му претставува чест и должност што ги одликува овие истакнати македонисти со Медал за заслуги за Македонија, како израз на благодарност за сето она што тие го направиле и што допрва ќе го прават за македонскиот јазик.

„Професорите Ошлис, Фридман и Крамер со децении пишуваат книги и научни статии, ги збогатуваат европските и светските лингвистички енциклопедии со одредници за македонскиот јазик. Низ децениите имало меѓународни славистички и балканистички конференции на кои тие биле можеби единствени бранители на вистината за македонскиот јазик. Борејќи се за македонскиот јазик, тие се борат за душата на македонскиот народ. И тоа го прават со силата на аргументите, без ниту еден миг да застранат од научната објективност и професионалната непристрасност“, рече македонскиот претседател.

Професорот Ошлис изрази благодарност на целото македонско општество за големата чест што им се доделени Медали за заслуги за Македонија. „Оригиналноста на македонскиот јазик се запознава според убавината на македонските народни песни. Македонски печалбари работеле од Виена преку Цариград, дури до Каиро и насекаде ги пееле своите македонски песни, верувајќи во духот и во душата на Македонците“, рече Ошлис.

Advertisement