Претседателот на Македонија, Пендаровски оствари средба со претседателката на Грузија Зурабишвили

Денеска во рамки на официјалната посета на претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили на Република Македонија, претседателот Пендаровски и претседателката Зурабишвили остварија тет-а-тет средба, а се одржа и пленарен состанок на официјалните делегации. Во фокусот на разговорите беа билатералните односи меѓу Македонија и Грузија и начините за нивно унапредување, ЕУ и НАТО интеграциите, регионалните прашања, како и пандемијата на Ковид-19.

Во рамки на посетата на претседателката Зурабишвили, во претседателскиот кабинет ќе бидат потпишани Спогодба меѓу Република Македонија и Грузија за укинување на визи и Меморандум за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура, спорт и млади на Грузија. Претседателот Пендаровски и претседателката Зурабишвили ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас.