Претседателот на Македонско друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај учествува на 69 конгресот на Федералната унија на европски националности во Болзано во Јужен Тирол, Италија

Претседателот на македонското друштво “Илинден”- Тирана учествува на 69. Конгрес на Федералната унија на европски националности (ФУЕН), кој денеска попладне почна во Болзано, Јужен Тирол, Италија.

Највисокиот собир на ФУЕН ќе трае до 26 октомври а домаќин е  Јужнотиролската народна партија, како рамноправна членка на унијата. Да потсетам дека нашето друштво рамноправна членка  е од 16 мај 2015 година и е дел од работната група на словенските малцинства при ФУЕН, рече Ѓурѓај за Македонски весник “Илинден”.

Присуствуваат претставници на автохтоните национални малцинства, националности и јазични групи од цела Европа.

Конгресот ќе се фокусира на дискусии за актуелните случувања во политиката на малцинствата, средбите со регионот домаќин и неговите модели за заштита на малцинствата, како и идниот развој на ФУЕН.

На сите досегашни Конгреси друштвото “Илинден” е редовен учесник и подносител на резолуции за положбата на Македонците во Албанија.

И сега имаме поднесено резолуција за унапредување на правата на Македонците во Република Албанија.  Очекуваме, како и претходните резолуции за положбата на Македонците да биде едногласно усвоена, нагласи Ѓурѓај.

Друштвото редовно има и свој штанд на саемот на учесниците, на кој презентира македонски традиционални јадења, пијалаци, како и примероци од весникот “Илинден” и монографиите со македонски народни носии од сите делови на Албанија.