Претседателот на Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права, Бил Николов, се сретна со генералниот директор за Европски и Евроазиски Прашања на канадското Министерство за Надворешни Работи Ендрју Турнер, со заменик-директорката за Европски и Евроазиски Прашања Луиз Корбин и со Роберт Колман. Притоа, Николов побара Канада да бара итно ослободување на македонските политички затвореници, кои се осудени поради тоа што се спротиставуваа на режимот и на принудното менување на името на државата во крајно навредливото „Северна Македонија“.
Николов посочи дека Канада има долготрајна пракса да осудува режими низ светот и да ги брани човековите права на активисти и на политички затвореници. Николов побара да се покаже еднаков пристап и кон Македонците.
Понатаму, Николов ја осуди вмешаноста и влијанието на САД во огромно мнозинство од меѓународните конфликти и поддршката што други западни држави, меѓу кои и Канада, и ја пружаат на САД. Во случајот на Македонија, САД изнудија промена на името, со цел да ги задоволат грчките барања и да се крене грчкото вето за приемот на Македонија во НАТО и во ЕУ – чекори кои исто така се наметнати од Западот. Бугарија на ова реагираше со свои барања и стави вето на интеграциите во ЕУ. Двете земји водат политика на бришење на македонското име, идентитет, култура, јазик и историја и своите барања ги користат како изговор за прогонување на големите, автохтони македонски заедници во рамките на нивните граници.
Понатаму, Николов посочи на бруталната иронија дека токму западните земји го одржуваат режимот во Македонија кој врши брутално кршење на човековите права и казнува неистомисленици, а во исто време тврдат дека ги почитуваат конвенциите за човекови права и демократските принципи.
Македонците кои се залагаат за овие идеали се соочуваат со сурови последици, меѓу кои и претепување од страна на полициски специјалци, апсења, притвори, закани против нив и нивните семејства, отпуштање од јавни и приватни работни места, истраги и заплашување од тајната полиција, физички напади и подметнати пожари и долготрајното незаконско притворање на македонски политички затвореници кои се изложени на ужасни затворски услови, вклучително и ускратување на итно потребна медицинска нега.
Николов истакна дека Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права покренало повеќе тужби, со цел да им се помогне и да се ослободат политичките затвореници. Овие процеси се водат и пред Европскиот Суд за Човекови Права, и се мобилизира поддршка од меѓународната заедница, и од организации за заштита на човековите права, меѓу кои е Европската Слободна Алијанса во Европскиот Парламент.
Николов повика канадската дипломатија да се приклучи во ова и го подвлече повикот на ММДЧП – Канада да изврши притисок врз режимот во Македонија, да бара итно ослободување на политичките затвореници и да го брани правото на сите Македонци на нивното име, идентитет, култура, јазик и историја.