Претседателот на МАНУ, Коцарев: Македонското име, јазик, култура и идентитет се универзално право на македонскиот народ

На собирот на МАНУ по повод денот од формирањето на Македонското научно-литературно другарство во Петроград во 1902 и 80-годишнината од смртта на неговиот претседател Димитрија Чуповски, претседателот на Академијата Љупчо Коцарев предложи идната година МАНУ да го одбележува овој датум како зародиш на постоењето на Академијата.

Истакна дека формирањето на Македонско-научното литературно другарство во Петроград (денешен Санкт Петербург) е настан кој симболично го означува почетокот на македонската современа научна мисла. Роденденот на МАНУ се одбележува на 9 октомври, денот кога е основана во 1967, но Коцарев смета дека по примерот на други академии, од идната година на 28 октомври да се одбележат 119 години на Академијата бидејќи нејзината историска основа е во Македонско-научно литературното другарство кое во Петроград го формирала македонската емиграција.

Се заблагодари за придонесот на академик Блаже Ристовски, проучувач на делото на Чуповски и Мисирков, нагласувајќи дека со своите темелни истражувања проникнал во историјата на Македонија и македонскиот народ.

Македонското име, јазик и култура, идентитет, историја, национална свест и самобитност се суверено, нераскинливо и неотуѓиво, универзално право на македонскиот народ. Парадоксално и, за жал, дел од овие права ги загубивме во потрага по античкото минато, а дел во името на европска иднина. Време е за национален консензус за сите овие прашања. Се надевам дека ќе најдеме сили да излеземе од состојбата во која се наоѓа дел од македонскиот народ – поделеност, разнебитеност и разочараност, со цел достоинствено, но не по секоја цена да продолжиме во Европа, истакна претседателот на МАНУ.

Advertisement