Првиот човек на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) од Канада влезе во отворен вербален конфликт со американскиот Стејт Департмент во врска со македонското прашање. Преку социјалната мрежа Твитер Николов открива детали од неговата комуникација со официјален Вашингтон и најавува дека ќе објавува нови детали. Во еден од твитовите Николов ја прозива Елен Хенсли, одговорна за досието на Македонија во Стејт Департментот. Николов веднаш откако Трамп стана претседател ја запрашал Хенсли од кого Стејт Департментот добива насоки за својата работа. Одговорот од Хенсли бил: Се разбира од претседателот Трамп. Потоа Николов прашал: Дали Трамп веќе дал насоки? Хенсли одговорила негативно.
Во вториот твит Николов ја цитира фразата “прифатен пораз” искажана во контекст на обидот да се одбрани македонското име и националност. “Вие признавате американско надворешно мешање. Вие признавате дека ги прекршувате сите конвенции за човекови права и меѓународното право. Вие признавате дека се плашите да зборувате со мене. А јас признавам дека ми се лоши од вас”, реагира Николов. Во третиот твит Николов вели дека една од пораките која ММДЧП ја стави на билбордите преку кои во Македонија се повикуваше на прекин на преговорите за името е цитат од изјава на Хенсли од 2017 година. Николов овде најавува дека допрва ќе објавува други детали од комуникацијата.
“Се сеќавате ли на првата рунда од кампањата “Нашето име е Македонија” со цитат од Стејт Департментот? “Ќе нема апсолутно никакви последици ако Македонија ги прекине преговорите за своето име”. Тоа беше изјава што ми ја даде Елен Хенсли на мене, вели Николов “Елен, следи ме , јас ќе откривам повеќе информации”, пишува претседателот на ММДЧП Бил Николов во невообичаената комуникација со јавноста и американскиот Стејт Департмент на тема преговорите за името. Предходно лани Николов пренесе изјава на медијаторот Нимиц кој неофицијално му рекол дека ако тој бил Македонец никогаш не би преговарал за неговото име.