Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Александар Николоски оствари средба со амбасадорот на Полска, Војциех Тицињски

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Александар Николоски, денеска, оствари средба со амбасадорот на Република Полска, Н.Е. Војциех Тицињски. На средбата присуствуваше и заменикот амбасадорот г.Пиотр Висоцки.

На почетокот на средбата Александар Николоски, се заблагодари за прифатената покана за средба од страна на амбасадорот на  Полска, при што информираше дека ова е негова прва средба како претседател на Националниот совет за евроинтеграции, со амбасадор на земја-членка на ЕУ.

Николоски го запозна амбасадорот на Полска за: формирањето и новиот состав на Националниот совет за евроинтеграции, надлежностите и клучните цели, улогата како репрезентативно тело на политичките и општествените чинители во државата, градењето и одржувањето на консензусот за членството во ЕУ. Николоски изрази надеж за плодна соработка во процесот и интензивна агенда на Националниот совет, во периодот што претстои.

Полскиот амбасадор Тицињски изразувајќи задоволство од средбата, му го честита изборот на Николоски за претседател на Советот, и истакна дека Република Полска отсекогаш ја давала својата поддршка за интеграција на земјата во ЕУ, со надеж дека што побрзо ќе се направи чекор напред кон преговорите со ЕУ. Тицињски се осврна на економската соработка и инвестицискиот циклус на Полска во нашата земја и другите земји од Западен Балкан.

Соговорниците разменија мислења за актуелните предизвици што претстојат во процесот за почеток на пристапните преговори, односно за предлог-преговарачката рамка за процесот на пристапување во ЕУ, за бугарското вето, Договорот од Преспа, донесувањето на законите во скратена постапка и др. Соговорниците се осврнаа и на актуелната состојба предизвикана од пандемијата со Ковид-19, како и понудената помош за вакцини преку Ковакс механизмот.

Претседателот на Националниот совет Александар Николоски се заблагодари за континуирана поддршка што Република Полска ѝ ја дава на нашата држава во евроинтеграциите, и го информираше Полскиот амбасадор, дека Националниот совет ќе организира посебна седница на која ќе се поканат амбасадорите на сите земји од Вишеградската група. Соговорниците изразија заложби за понатамошно унапредување и зајакнување на соработката во областа на европската интеграција на нашата држава.

Advertisement