Претседателот на Владата на Република Македонија се сретна со претседателот на Израел

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од владина делегација во којашто се заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заменик претседателот на Владата за економски прашања Кочо Анѓушев, како и министрите за економија, Крешник Бектеши и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски се сретна со претседателот на државата Израел Руевен Ривлин.

Постои искрено пријателство меѓу двете земји но и меѓу граѓаните на двете држави. Република Македонија и Република Израел немаат отворени прашања. Затоа има можности за интензивирање на соработката, констатирано е на средбата.Израелскиот претседател Ривлин ги поздрави демократските промени во Македонија и реформските определби на новата Влада, коишто отвораат можности за односите меѓу двете земји.

Владата е насочена да обезбеди квалитетен живот на граѓаните и мотивација младите да останат да работат и живеат во родната земја. Интеграциите во ЕУ и НАТО и продлабочувањето на односите со пријателските држави, како со Израел, многу ќе придонесе кон тоа, рече премиерот Заев. Претседателот на Владата додаде дека искуствата на Израел на безбедносен и економски план се драгоцени и дека ќе бидат земени предвид од новата Влада во Македонија. На средбата е изразена заедничка определба за активности кон заштита на светскиот мир. Исто така договорени се чекори кон економско поврзување на двете земји.

Advertisement