Двајца македонски тренери во „војна“ за функцијата селектор на Романија!

Кошаркарската репрезентација на Романија летово, по пауза од дури 50 години, настапи на Европското првенство (ЕП) како еден од домаќините на шампионатот што максимално ги крена апетитите на луѓето што го водат овој спорт, кои се решени да сторат сѐ за да продолжат со настапите на големите натпреварувања.

За остварување на таа цел тие се решени да ангажираат селектор од Македонија, чија задача би била да избори пласман на Светското првенство (СП) во 2019 година во Кина. Според романските медиуми, главен фаворит за улогата предводник на Романија е тренерот на турски Банвит, Сашо Филиповски, со кого веќе се преговара. Но, сериозен кандидат за селекторската функција е и неговиот повозрасен сонародник, Заре Марковски, кој во моментов исто така работи во Турција и тоа во екипата на Трабзонспор.

Решението кој од двајцата македонски тренери ќе биде нов селектор на Романија најверојатно ќе биде донесена во текот на неделава. За Филиповски тоа би бил прв репрезентативен ангажман, додека за Марковски ова би било второ вакво искуство, по работата со македонската национална селекција со која прв избори пласман на еден континентален собир и тоа во 1999 година во Франција.

Advertisement