Претставници на Централен совет на Македонците во Германија и Македонски клуб „Илинден“ од Хановер- Лацен оствариа средба со Македонскиот амбасадор во Берлин 

На 28 декември (вторник) во просториите на Амбасадата во Берлин Амбасадорот Рамадан Назифи во придружба на колеги дипломати одржаа средба со претставници на здружението „Централен совет на Македонците во Германија / Zentralrat der Makedonen in Deutschland“ (https://zentralratdermakedonen.de/) – претседателот Роберт Кленкоски и заменик-претседателот Горан Николоски и претставници на здружението Македонски клуб „Илинден“ од Хановер- Лацен https://ilinden.de/  предводени од претседателот Живко Лазаров.

Во пријателска претпразнична атмосфера беа разменети мислења за состојбите во билатералните односи со Германија на политички и економски план, дијаспората, ефектот на промената на генерациите и се поголемата тешкотија да се одржат постоечките организации.

Од Централниот совет на Македонците ја повторија нивната цел како мрежна организација, која е се повеќе активна, да воспостават структура и соработка на целата територија на Германија, па така и Македонскиот клуб „Илинден“ од Хановер- Лацен е дел од нивната мрежа од 2021 година, а имаат амбициозен план постепено да се обидат да се вмрежат со разни формални и неформални групи на Македонците во Германија, вклучително и во блиска соработка со Амбасадата.

Од Македонскиот клуб „Илинден“ од Хановер-Лацен, како едно од најстарите и сеуште функционални и добро организирани здруженија на Македонците во Германија ја информираа Амбасадата за нивните активности, предизвиците со кои се соочуваат во последните години, но и потешкотиите со кои се соочува дијаспората од Северна Германија, со посебен акцент на дијаспората во Долна Саксонија и околината на Хановер во контекст на пристап до конзуларни услуги, изучување на македонскиот јазик и разни културно, образовни и спортски активности.

Беа разгледани предлози за подобрување на пристапот до информации и пружањето на конзуларни услуги и беше договорено, Амбасадата да им испраќа пишани информации околу административните постапки и потребните документи за конзуларните услуги на амбасадата и формулари кои би можеле да ги користат и постават и на нивната веб страница и социјалните мрежи со цел уште подобар пристап и информираност на дијаспората за услугите и потребните процедури и документи, како и да им помагаат на нивните членови.

Дополнително се разговараше за можноста да се разгледа опцијата за воведување/обновување на можноста за пракса на студенти во Амбасадата во рамки на студии,  што може да им се засметува како кредити за студиите и како потребно претходно практично искуство за вработување во иднина, а би можеле да помагаат во делот на телефонско советување и поддршка на вработените во пружањето конзуларни услуги на странки. Амбасадорот истакна дека ќе извести и ќе побара од МНР да се разгледа можноста за воспоставување стандардна редовна можност за пракса на студенти во Амбасадата во Берлин, истакнувајќи дека и досега повремено Амбасадата имала практиканти, нагласувајќи дека предуслов за стажирање е задолжителна претходна безбедносна проверка од надлежните македонски институции, како и регулиран престој во Германија.

Се зборуваше отворено за заедничка соработка и можни идни заеднички активности и проекти кои можат да помогнат во многу области за поврзување, но и надминување на проблемите на Македонците во Германија, како и заедничко учество и порепрезентативно македонско присуство на настани и чествувања, како на пример чествувањето на Св. Кирил и Методиј во Елванген, но и разни манифестации и настани во иднина. Амбасадорот Назифи од своја страна повтори дека Амбасадата ја нуди својата поддршка и отвореност за идна соработка, логистика и координација во тоа насока.

Беше договорено да продолжи започнатиот редовен дијалог, меѓусебни посети, соработка и размена на информации на секое поле со надеж дека пандемијата ќе заврши со цел практично да се олесни комуникацијата и можностите за соработка.

Advertisement