Пристигна Благодатниот оган од Ерусалим во Македонија 

Благодатниот оган, што секоја Велја Сабота веќе два милениума чудесно се појавува на гробот на Исус Христос, пристигна на Меѓународниот аеродром Скопје. По првпат директно од Ерусалим го донесе стобискиот епископ Јаков од МПЦ – ОА

Епископот Јаков на скопскиот аеродром беше пречекан од неговото блаженство архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, заедно со претставници на другите епархии низ државава, кои потоа ќе го разнесат благодатниот оган по храмовите во Скопје и низ земјата.

Благодатниот оган е феномен, односно чудо што се случува секоја година на Велигден. Самиот се спушта на чудотворен начин во гробот Христов и повторно на чудотворен начин се запалуваат свеќите на православниот патријарх кој пребива на молитва во гробот. Потоа тој ги изнесува свеќите и од тие свеќи сите верници или сите претставници, делегати на православните цркви кои стојат во храмот пред гробот ги палат своите свеќи или кандилата и ги носат потоа во своите земји.

Досега благодатниот оган беше носен или позајмуван, земан од другите цркви преку посредништвото на Бигорскиот манастир и архимандритот Партениј. Годинава првпат викарниот епископ од Струмичката епархија го презеде огнот во Ерусалим и го донесе во земјава како благослов за православниот народ и за православната црква.