Притисоци за денационализирање на Македонците во Албанија

Во пресрет на изборите и пописот во Албанија се засилуваат и притисокот, методите и формите за побугарување на Македонците во Албанија. Но, како што велат нашите соговорници, тие нема да потклекнат на овие притисоци. Од партијата Македонска алијанса за европска интеграција велат дека во Албанија има над 350.000 Македонци што живеат во оваа земја и очекуваат со демократските процеси во Албанија сѐ повеќе луѓе да не се плашат да се изјаснуваат како Македонци. Во пресрет на почетокот на политичката кампања за парламентарните избори во соседна Албанија, закажани за април, интересот на домашната јавност се насочува и кон состојбите и предизвиците со кои се соочува македонското малцинство во оваа соседна земја. Ова прашање уште повеќе добива тежина и актуелност ако се земе предвид какви сѐ права ужива албанското малцинство во Македонија. Оттаму се наметнува и дилемата како да добијат ист третман и исти права и Македонците во Албанија, за што побаравме одговори од претставниците на Македонците во Албанија.

Градоначалникот на Пустец, Пали Колевски, вели дека македонското малцинство во Албанија се соочува со голем број прашања и проблеми, за кои се надева дека ќе бидат решени во следните години, благодарение на резултатите на следните избори во земјата. Во средините во кои живеат Македонците голем проблем се комуналните прашања. Ние досега ги решивме проблемите со водоснабдувањето на Пустец, но се надеваме дека слично ќе биде направено и во другите општини каде што живее нашето население – вели Колевски. Во однос на моменталните случувања, поврзани со пандемијата, тој информира дека, за среќа, во моментов нема ниту еден заболен Македонец од вирусот, а медицинската помош секогаш е на располагање од државата.

Инфраструктурата е исто така горко прашање за кое се бориме во Албанија, бидејќи се обидуваме да издејствуваме подобри патишта и врски до местата каде што живеат Македонците. Тоа ќе помогне да имаме полесни врски со светот и така да се зголеми и фреквенцијата на луѓето, но и да се подобрат бизнисот и економијата – вели Колевски. Тој напоменува дека во последно време сѐ посилни се и притисоците за бугаризација на Македонците во Албанија, со сѐ поширока палета на форми и методи за побугарување на Македонците, но вели дека тие нема да потклекнат на овие притисоци бидејќи македонското малцинство во земјата е признаено уште од времето на Енвер Хоџа. Ние сме Македонци, не сме Бугари такви сме биле и такви ќе останеме – вели Колевски. Тој додава дека барањето по подобар живот притиснало дел од нашите во Албанија да извадат лесно бугарски пасоши, па затоа можеби се добива впечаток дека има Бугари во местата населени од Македонци. Сите нејаснотии и бројки за Македонците во Албанија ќе бидат појасни по новиот попис што треба да се одржи годинава во Албанија и тогаш сите овие притисоци ќе запрат од Бугарија – вели градоначалникот.

Никола Ѓурѓај, пак, првиот човек на македонското друштво „Илинден“ од Тирана, ги повикува сите Македонци во Албанија да гласаат на претстојните избори за поддршка на партиите на македонското малцинство во оваа земја. Ги повикувам сите Македонци во Албанија да се обединат и да ја поддржат единствената партија што ги претставува интересите на Македонците – вели Ѓурѓај. Тој истакнува дека претстојните избори, кои треба да се случат за еден месец, се можност за партијата да обезбеди парламентарни претставници во Собранието во Тирана, преку кои ќе се изврши политичка битка за подобрување на статусот на нашинците во оваа земја во секоја смисла на зборот. Тој потсетува дека освен политичката партија, на оваа тема, за подобрување на животот и статусот на Македонците во Албанија, многу е актуелна и организацијата „Илинден“, која по нејзиното формирање во континуитет ѝ дава поддршка на македонската партија и ги засилува заложби за подобар живот на Македонците во земјата. Овие избори за нас се многу битни бидејќи со нив се решаваат европската и националната иднина на нашето малцинство во Албанија, кое е постојано оспорувано – резимира Ѓурѓај.

Аднан Кејвани, пак, еден од претставниците на македонското малцинство во Албанија, вели дека тој ѝ припаѓа на постарата генерација македонски активисти во Албанија. Кејвани вели дека предизвиците се многубројни и за македонското малцинство и генерално тие се од политичка и економска природа. Тој информира дека здравјето на луѓето и сиромаштијата во моментов се најголемо прашање што ги мачи Македонците во оваа држава. За потсетување, партијата Македонската алијанса за европска интеграција вели дека во Албанија има над 350 илјади Македонци што живеат во оваа земја и очекува со демократските процеси во Албанија  се плашат да се изјаснуваат како Македонци./Алекснадар Србиновски/www.novamakedonija.com.mk

Advertisement