Проф. д-р Катерина Тодороска: Димо, со крстот на чело

Во 1981 година Ратко Оризовиќ, се потпиша како сценарист и режисер за филмот „Животот пишува романи, ама нема кој да ги чита“. Филмот трае само 24 минути, а ја обработува темата за расправиите на двајца домаќини за една меѓа. И реално, таа тема е толку стара и толку актуелна што од неа може да се направи енциклопедија за расправи.

Мојата идеја е да пишувам за друг вид на луѓе, многу поблагороден и попитом од оние раскараните за меѓата. За таа намена, многу накусо, ќе ви го раскажам животниот роман на Димо, со крстот на чело.

Димо бил едно од многуте деца во семејството кое имало многу земја и стока, па се есапело за поимотните. Децата работеле по полето рамо до рамо со родителите, ја напасувале стоката, помагале во собирање дрва за в зима и што уште не. А плодовите од нивната заедничка работа придонесувале во текот на целата година да имаат пристојни количини храна и други потребштини.

Во близина на куќата на семејството на Димо имало една трошна куќарка, во која живееле стара баба, мајка и незиниот син Коле. Коле бил посмртче, а татко му беше загинал во војната. Од почит кон жртвата што ја дало семејството за слободата, секоја куќа од селото ги снабдувала со по нешто. Кој што имал.  А Коле, многу сериозно си ја сфатил улогата на сирак од „бубаќ“, кому другите требало да му помагаат, па постојано беше побарувал по нешто од сите, а најчесто од Димо.

Така, Димо, роден со крстот на чело, се беше внел во судбината на сирачето Коле и си ја беше зел улогата на негов татко, иако бил само неколку години постар од него.

Имотните родители, ги воспитувале Димо и неговите браќа и сестри дека нема поголема човечност од тоа да им помагаш на немоќни луѓе. Тоа пак, за Димота значело дека ако човек е сиромашен тогаш е немоќен, ама никако и мрзлив. Е тука, Димо ја згрешил работата.

Од рана пролет до доцна есен, Димо работел по полето со родителите, а кон квечерина наминувал во куќата на Колета за да остави нешто храна. Не заборавал да донесе неколку трупчиња дрва, да ги исцепи и намести да се сушат за „немоќниот“ Коле да се грее в зима. Бабата и мајката на Коле, исто така, се соживеале со улогата на „немоќни“, но со големи потреби кои катадневно растеле.

Сакајќи да им помогнат, поимотните селани му нуделе на Колета да стане момок кај нив, да помага во нивните домќинства за да не живеат од милосрдието на соселаните. Но. Коле бил детето од „бубаќ“ и не смеел од лажица потешко да крева. А како дете на паднат борец за слобода бил чуван во „бубаќ“ и од државата.

Така, додека на Димо со крстот на чело му пикал ‘рбетот од работа по полето и домашните работи, додека катадневно ги снабдувал „немоќните“ Колевци со потребштини, сиракот Коле бил запишан во училиште и третиран соодветно на чедо на паднат борец со „попуст“ при оценувањето.

И Димо одел во училиште, ама бил обичен ученик кому домашните обврски му одземале многу време, па неговите оценки не биле ни приближно толку добри како на Колета.

Додека Димо со крстот на чело, носел во куќата на Коле зарзават, млеко и други намирници, мајката ги продавала во градот, а со парите купувала скапи производи за кои соселаните не можеле ниту да сонуваат. И после секое одење во градот, соселаните на Колета биле изненадувани со по некој градски марифетлук во нивниот дом. Сите знаеле дека грешат и дека „немоќни“ и „мрзи“ не е исто, но почитта кон загинатиот борец била посилна од реалниот аздис на Колевци, па помошта не запирала.

Така, година по година, Димо, завршил училиште за земјоделци и уште повеќе се ангажирал во селото, за да биде побогат родот, за да биде поголем приносот на млеко, за да живее селото. Поради неговиот карактер и добрина, сите селани го ценеле секој негов збор како алтан.  Независно од се друго,  Димо со крстот на чело продолжил да му помага на Колета на секој можен начин, иако гледал дека сето тоа се злоупотребува.

И Коле завршил училиште и почнал да бара работа. Не по поле, не со стаката, туку во општина. А кога се замомчил Коле, мајка му како постојано „немоќна“, на Колета му купила костум за да може да си избере невеста спроти себе (читај: спроти костумот).

Времето незапирливо врвело. Почнало да се зборува за избори за одборници во градот, а народот од селото бил едногласен дека Димо ќе биде нивниот најдобар претставник. Откако било јасно кој е народниот избраник, кај Димота се нацртал Коле со понизен глас и солзи во очите. Барал од неговиот заштитник да му овозможи да стане одборник, за да вади парче леб во општината со објаснување дека сѐ што ќе каже Димо, сѐ ќе почитува и ќе спроведува. Се сожалил Димо над судбината на детето на паднатиот борец и ги убедил соселаните дека не е важно кој ќе биде претставник во општината оти истите работи што ги предвидувал Димо ќе ги спроведувал и Коле. Зборот е збор и сите го прифатиле зборот на Димо.

И така било. Зборот е збор. Но само до изборот на Коле за одборник.

Уште првиот ден по изборот, Димо се јавил да се види со Колета и да му честита, ама Коле сега не бил Коле од „бубаќот“ туку Коле одборникот, па немал време за Димо. Кога почнале општинарите да ги глобат селаните за нешта што не им биле познати, се упатиле кај Димо за заедно да појдат кај Коле и да побараат заштита. Ама, Коле од „бубаќот“ почнал да мисли со главата на Коле одборникот, па решил да не ги прими и да не си ги расипува сметките со Општината. Дури и се оженил, спроти костумот и станал значаен човек, не само во Општината.

А Димо? Димо ги  омажил сестрите, ги оженил браќата, ги исчувал родителите, работел за доброто на сите. Денес е сам, гледа како неговото друштво заминува на исповед и го чека својот ред за да види дали вредеше цел живот да го носи  крстот на чело.

Наравоучение од лично искуство: Оние што сте ги чувале во „бубаќ“, ќе ви вратат со секира в грб