Проф. д-р Катерина Тодороска: Два академика за едно академиченце!

Во текот на моите студии имав чест, многу нешта да учам од  проф. д-р Христо Андонов Полјански. Една од неговите поуки беше: „Читајте сѐ, за да научите и да цените како не се пишува“.

Вчера разбрав, дека на 31. 01. 2022 год,, од страна на Македонската академија на науките и уметностите, јавноста била информирана за објавувањето на листата на предложени кандидати од одделенијата за избор на членови во работниот состав, надвор од работниот состав и за промена на статусот член на МАНУ надвор од работниот состав во статус на редовен член со рецензиите го побуди мојот интерес за разгледување на предлозите и рецензиите за лицата што се предложени.

Меѓу предлозите за избор на редовни членови на МАНУ поднесени од одделенијата на МАНУ се наоѓа и името на дописниот член Драги Ѓоргиев чија област на работа е: Историски науки (османлиски период)  (http://manu.edu.mk/teams/prof-d-r-dragi-gjorgiev/).

Како долгогодишен научен работник, лично ме интересираа рецензиите за дописниот член Драги Ѓоргиев кој е кандидат за член во работниот состав на МАНУ.

На рецензензиите за доп. член  Ѓоргиев потпишани се акад. Ѓорги Поп-Атанасов чија област на работа е средновековна македонска книжевност, библистика, херменевтика, црковна химнографија (http://manu.edu.mk/teams/d-r-gjorgi-pop-atanasov/) и акад. Вера Битракова Грозданова, чија област на работа е историја на уметноста на старите народи (класична археологија и античка археологија на Балканот) (http://manu.edu.mk/teams/dr-h-c-vera-bitrakova-grozdanova/). Во прв момент бев непријатно изненадена, но за изборот на рецензентите и блискоста на нивната професионална преокупација со работата на кандидатот нема да зборувам.

И така, научена да читам сѐ, ги исчитав и рецензиите потпишани од два академика за еден ИДЕН.

Од прочитаното можам да ви кажам дека во нив ќе прочитате славопојки, небаре ИДНИОТ сам си ги пишувал рецензиите и се заборавил од самофалбите. И тоа е нормално. Та, нели треба да се оправда трансферот на досегашниот дописен член во МАНУ, Ѓоргиев, во ним рамен.

Во двете рецензии се дадени стандардните биографски податоци, објавените трудови на кандидатот во периодот од 2015 година до денес, неговите патувања по светот во контекст на истражувања за проекти, неговата ангажираност во општествените случувања во Македонија, неговиот придонес во…. што ли не.

Дури, рецензентите, меѓусебе толку добро се разбирале што и двајцата посакале со исти зборови да го испофалат доп. член Драги Ѓоргиев како директор на Институтот за национална историја. Па (пот)пишале:

Акад. Ѓорги Поп-Атанасов: „… проф. д-р Драги Ѓоргиев веќе 10 години е директор на Институтот за национална историја, најстарата македонска  научна установа, формиран во 1948 година. Во споменатиот период тој активно ја креира научно-административната дејност во Институтот …. Секако, тука е соработката со МАНУ, при што, во изминатиот петгодишен период, беа организирани неколку заеднички конференции, а Институтот за национална историја остварува континуирана соработка со Јеголонскиот универзитет од Полска и со Хумболтовиот универзитет од Германија. Благодарение на контактите и ангажираноста на доп. член Драги Ѓоргиев, Институтот за национална историја, и покрај неповолните услови за работа, успева да излезе надвор од рамките на Македонија и да биде препознатлива научна институција во пошироки рамки…“. (http://manu.edu.mk/wp-content/uploads/2022/01/ Рецензија-Ѓ.Поп-Атанасов.pdf     стр. 21-22).

Акад. Вера Битракова Грозданова: „: „… Доп. член Драги Ѓоргиев веќе 10 години е директор на Институтот за национална историја, најстарата научна установа во државава. Во изминатиот период тој активно ја креира научно-административната дејност во Институтот …. Секако, тука е, пред сѐ, соработката со МАНУ, при што, во изминатиот петгодишен период, беа организирани неколку заеднички конференции. Институтот за национална историја остварува континуирана соработка со Јеголонскиот универзитет од Полска и со Хумболтовиот универзитет од Германија. На тој начин, благодарејќи им на контактите и ангажираноста на доп. член Драги Ѓоргиев, Институтот за национална историја, и покрај неповолните услови за работа, успева да излезе надвор од рамките на Македонија и да биде препознатлива научна институција во пошироки рамки“. (http://manu.edu.mk/wp-content/uploads/2022/01/Рецензија-В.-Битракова.pdf стр. 20).

Признавам, трогната сум од грижата на двата академика за „просперитетот“ на Институтот за национална историја (натаму: ИНИ) во периодот на директорувањето на нивниот избраник, иако во ИНИ немаат стапнато со години/децении. Можеби е субјективно, но ќе кажам дека ИНИ никогаш не бил во толку очајна состојба како во последниве 10 години. Вработените се поделени на „нивни“ и „наши“, „ваши“ и „туѓи“, „предавници“ и „патриоти“ и што уште не. Проекти добиваат или во проекти учествуваат само оние „помилуваните“ од милоста на директорот. Иако, статутарно, раководната улога во Инстутутот ја има Советот на ИНИ, неговата работа со години се минира.

Можеби пак академиците знаат дека ИНИ е претворен во приватна институција на нивниот кандидат за еднаков со нив, па затоа напишале дека  „… благодарејќи им на контактите и ангажираноста на доп. член Драги Ѓоргиев, Институтот за национална историја, и покрај неповолните услови за работа, успева да излезе надвор од рамките на Македонија и да биде препознатлива научна институција во пошироки рамки“. Небаре во ИНИ не постојат други вработени, туку тој саможртвено со месеци истражува по светот. При тоа, можеа да ѝ објаснат на македонската јавност кои се тие „… неповолните услови за работа…“. Признавам, од страна подобро се гледаат работите, па можеби тие, гледајќи го ИНИ од МАНУ ги „откриле“ нашите неповолни услови за работа.

Тажно е што, два академика  (пот)пишале рецензии во кои, небаре зборуваат за соработката на ИНИ со „ЈЕГОЛОНСКИОТ универзитет од Полска“. Како мини информација, Универзитетот во Краков е основан во 1364 година како „Akademia Krakowska“, а од 1817 година во чест на Јагелонската династија на полските кралеви е наречен ЈАГЕЛОНСКИ.

Поради фактот што двата академика ги заинтересирал општествениот живот во македонскава држава, преку ИНИ, очекував дека во рецензиите ќе го видам и ставот на рецензентите по однос на улогата на доп. член Драги Ѓоргиев како копретседател или  раководител на македонската страна во Заедничката комисија за образовни и историски прашања со Бугарија (натаму: Комисија). Очекував, согласно обемниот и исклучително темелен опус на двата академика, да го кажат својот став по прашањата кои ги отвори Комисијата за средновековието и да дадат ум, на раководителот, како поука. Но, од тоа ништо. Небаре академиците не се оние најповиканите и најумните во државава по однос на нејзиното минато, сегашност и иднина. И небаре, Ѓеоргиев не е раководител на една Комисија. Знам дека одговор ќе најдат, а можеби и го насетувам. Ама смешен е и одговорот и бегањето од реалноста која ја тишти македонската држава.

И да не се лажеме. Немам илузија дека ова мое писание ќе спречи НАГРАДУВАЊЕ на доп. член Драги Ѓоргиев со скок од дописен член на МАНУ во член во редовниот состав. Секако не после темелните и содржајни рецензии, а секако и бројноста на благонаклонетите на благонадежниот во МАНУ.

Единствено не ми е јасно, како АКАДЕМИЦИ, со светско реноме во областите во кои работат, ќе кренат два прста за овој дописен член да го направат достојно на нив, кој, барем за мене, секогаш ќе остане АКАДЕМИЧЕНЦЕ.

Advertisement