Проф. д-р Катерина Тодороска: Двоножни хиени

Во време кога основните прехрамбени производи ги намалуваат за по некој денар, наумиле некои двоножни хиени себе си да се наградат со по 78% зголемување на платата. Нели, оти им паднала секирата во медот на народот, а народот го прават недоветен. А тој пак, не само што им молчи и туку и им коленичи на оние чии џебови тој ги полни. Ама, толку е од питом народ.

И ич не мислев да ви пишувам за тоа колку сте крвници на сопствените „одржувачи“ во живот, ама ете информацијава за зголемувањето на платите на едни емотивно сиромашни ликови, ме поттикна да ви кажам дека дури и хиените имаат некој усул.

И не дека ова го пишувам заради вас, оти вие ни збор не заслужувате да потроши човек на вас, туку го пишувам за да раскажам една вистинска случка во која има многу човечко однесување кое ја оживеа во мене, одамна изгубена надеж.

Ден како сите дни, само што датумот е 7 март 2023 година.

Утрински се јавувам кај пријателка ми за да ѝ го честитам осмомартовскиот празник, оти не знам со колку обврски ќе ме огрее утрешниот ден. Од другата страна на воздухот, таа. Речиси расплакана, ми кажува дека повеќе од 40 минути чека 9-ка за да оди во Клинички центар, а пари за такси нема оти 12.000,оо денари пензија не стигнуваат за подмирување на основните потреби, а камо ли за луксузот наречен такси. Како за човек со премногу шеќер во крвта, со болести кои не знам ни да ги набројам, добро се држи. Видно е дека бескрајно тагува по сите нејзини блиски, за кои душа даваше, кои откако заминаа во Америка заборавија и на Македонија и на неа.

Мене бесот ми се пренесе в грло, голтам и низ заби процедувам: Јави ми се кога ќе стигнеш на Клиники, да не те мислам.

И денот продолжува, а јас во 12 часот се наоѓам во ГТЦ со колешките од работа на еден предпразничен муабет со цел да се видиме, барем оние кои не сме како рогови во вреќа. И кога на средба ќе почнат да се евоцираат спомени од првите работни денови, од нервозите кои денес ни се смешни, времето лета. Патем го ѕиркам телефонот, часот е 14, а од мојата пријателка нема ниту повик, ниту порака.

По завршувањето на колегијалната дружба, го вртам бројот на пријателката, ама таа не се јавува. Помислив, можеби не го слуша телефонот ако има гужва на Клиника. Ама, по некоја секунда заѕвони мојот телефон, а погледот на екранот од мобилниот ми кажува дека е таа. Се засилив да ја искудам што досега не ми се јави, но, ме пресече машки глас:

– Вие сте Катерина?

Грутката во грлото чувствуваше дека нешто лошо се случило. Молчам, а тој продолжува.

– Ние сме на автобуската кај МАНУ. На вашата пријателка и се слоши во автобус, ние излеговме со неа од автобус за да ѝ помогнеме. Повраќаше и ние викнавме Брза помош.

– Почекајте ме, ќе дојдам.

– Ќе чекаме, дојдете.

Со најцрните мисли во глава истрчав од ГТЦ до автобуската постојка пред МАНУ, а таму веќе беше паркирано возило на Брза помош, а мојата пријателка внатре. Ме чекаа само мене за да ја транспортираат до „8-ми Септември“. Во возилото, мојата пријателка веќе беше згрижена, беше комуникативна и го раскажа дневното патешествие.

Утринското чекање на автобус за да стигне до Клиники и да биде проверена нејзината здравствена состојба, било толку нервозно што ѝ се покачил притисокот. Кога завршила со сите обврски на Клиниките, имала вртоглавица и чувствувала немоќ. Се одморила на некоја клупа и се упатила кон автобуската на Водњанска, но нагло ѝ се влошила состојбата. Несакајќи да ме вознемирува, решила со автобус да си оди дома, па се качила на првиот што го видела. Во автобусот било загушливо, а нејзе веќе ѝ било толку лошо што, кога наближиле кон Веро Џамбо, побрала од шоферот да застане за да слезе. Тогаш ѝ пришле три момчиња, со зборовите „не плаши се, нема да ти украдеме ништо“, ја фатиле под раце и ја придржувале да не падне. Откако им кажала дека сака да оди на 9-ка, тие ја носеле до постојката кај МАНУ. Бидејќи ѝ било многу тешко, почнала да повраќа, па децата повикале Брза помош. Не знам како се викаат средношколците од „Михајло Мупин“ ама сакам да им се заблагодарам за тоа што, тој ден, спасија човечки живот. И како после да не се борите за нормалност во државата кога знаете дека на вакви деца треба да им направите простор за нормален живот. Секао, ќе се видиме со нив во блиско време.

Во четитите часа што ги поминав со неа, сѐ што видов во новото возило на Брза помош, но и во болницата „8-ми Септември“ беше професионалност и внимание кон пациентот. Еве, користам прилика да им се заблагодарам и ним, за сѐ што сторија за опоравување на мојата пријателка. А вам, вам би ви порачала да не се расфрлате лесно со квалификации кон луѓето кои бдеат над вас додека сте во бесознание во нивните раце.

Денес мојата пријателка е подобра, ама сега има нова мака оти ги нема лекарствата кои нејзе најмногу ѝ помагаат. Ама, тука се наоѓаат пак моите училишни другари/ки, на кои сум им за на век заборчена.

И за крај да ви порачам по нешто.

Двоножни хиени, народот кој ве храни нема пари за лекови, а и да има пари, во апотеките нема лекови.

Двоножни хиени, појдете кај децата од средното училиште на час по човештилак, оти вакви какви што сте ним не сте им до глуждови.

Двоножни хиени, за 78% покачете им ги пензиите, платите и социјалната помош на оние кои ја изградиле и градат оваа држава. Штом ви се прелеваат парите, дајте и народ, наместо да преживува, да живее.

Дваножни хиени, некој убав, сончев ден и вам ќе ви попушти здравјето, ама тогаш увезени и ефтини ќе ве лечат. Не тешете се дека имате пари и ќе си купите здравје. Никој досега не го купил, иако такви како вас скапо плаќале.

Зачистувачи на хиенското дувло. И вам не ви е лесно во таа смрдеа, ама секој одговара за својот избор.

А вие, кои што со часови чекате да се сардинирате во градски автобуси, вие кои паѓате од болести и молите за лек, вие кои го крпите животот со цркавица после 40 години паботен стаж, вие кои гледате пред очи како децата ви немаат учебници, вие кои сте пресреќни што ви ги смрзнале цените на лебот и јајцата, вие … продолжете да си молчите и продолжете да бидете мирни, за да не ја вознемирите идилата во дувлото на двоножните хиени. И задолжително, како лек, три пати на ден проверувајте дали ви е кубурот на појас.

П.С. Доколку некој се препозна во овој текст, следува ишкањето на мувата од капата.

Advertisement