Проф. д-р Катерина Тодороска: Кои сме ние по втор пат

Поминуваат и овогодинешните новогодишни и божикни празници. На красноречието во пораките му немаше крај. Па, некако нормално ми дојде уште еднаш да го пуштам овој текст, кој и покрак тоа што е пишуван пред три години, сѐ уште е актуелен.

Среќна Нова 2023.

Кои сме ние?

Предновогодишно, сѐ уште, комунициравме во ритамот на секојдневната залауфеност во користењето на навреди и оцрнувања на сечиј збор и потег, кои не беа во согласност со нашето убедување. Тоа беше нашата тегобна 2020 година. Да не се повтори.

На 31. 12. 2020 год. си посакавме добро здравје, многу приватни и професионални успеси, а добрите желби нѝ траеја до 3. 01. 2021 год. Тогаш прочитавме дека се запалил трговскиот центар „Глобал“, гледавме снимки од местото на несреќата. И секако, сето тоа зачинето со толку жолчни и отровни коментари по социјалните мрежи, дури некои навредливи за човековата природа.

И дојде 6.01.2021 год., а нашите ФБ-пораки, ја изгубија жестината и црнотијата на „глобалскиот“ гареж, та волшебно, со камелеонски способности почнавме да си посакуваме убав и среќен Бадник. Убоста на честитките за следниот ден, посветен на рождеството Христово, топеше срца.

И така, за само десетина дена, ние, да ние се покажавме до неколку бои. Нешто што ме тера да прашам: Кои сме ние?

Дали сме ние жолчни и огорчени, без никаква грижа за другиот? Оние отровни и себеомразени кои фрлаат токсини врз секој кој не го дели нашето мислење? Оние кои се натпреваруваат во флекањето на другите, оние други кои ниту сме ги виделе, ниту ги знаеме, ниту ги познаваме. Ама, зарем ова се аргументи за да не избербатиме некого?

Или?

Дали сме оние душегрижни и чувствителни ликови кои себе си и секому посакува добрина, благосостојба во домот? Оние кои имаат свои грижи, но бездруго сакаат да помогнат на другите, оние кои сакаат да помогнат на послабите, понеимотните, изнемоштените? Ме мачи недоумицата, а немам одговор на прашањето: Кои сме ние?

Како поборник на изреката „Секое зошто има свое затоа“, одговорот на прашањето го побарав во делата на автори чиј професионализам оставил сериозен печат во времето кога биле најпродуктивни.

Првите книги, на кои се сетив, се двата тома напишани од руските научници Дјаков, В.Н. и Ковалев, С.И., насловени „Историја на стариот свет“, а кои  во македонски превод биле издадени од Универзитетот во Скопје, во неколку наврати и тоа во 1965 година, потоа во 1969 година, како и во 1980 година. Овие книги беа задолжителна литература за полагање на предметот „Историја на стариот век“.

Основната поента на овие два тома беше реченицата која често се повторуваше во текстот: „Нема лоши народи, има само лоши владетели“.

Ова беше објаснувано со многу примери и содржајни објаснувања. Во основа сите се сведуваа на фактот дека лошите владетели секогаш опстојуваат врз основа на римската „Раздели, па владеј“. Имено, секој од владетелите со седнувањето на тронот, почнувал да се плаши од неговите најблиски (не)пријатели, чиј број секојдневно се множел зависно од (не)задоволството од вниманието кое ним им било посветувано од владетелот. Љубомората и казните, но и кодошите и подлизурковците, станувале нераскинлив дел од секојневието на владетелот. Но, вообичаено, владетелите не знаеле кои им се „најверни“ приврзаници па поради тоа се сомневале во секого. За да се заплашат (не)пријателите морало да се сее страв низ целата територија.

А за да се постигне тоа, најлесно било да се „удри“ по народот, оти гилотината, бесењето и убиствата на сред плоштад, предизвикувале страв кај народот. Не помалку „мир“ бил купуван со одземање на годишниот род од населението, во форма на даноци или давачки. Од една страна, доушниците биле богато плаќани и штрчеле со привилегиите и материјалната стабилност од другите класи на население. И така, додека владеачките структури живееле раскалашен живот, народот се борел со сиромаштија и бил преокупиран со сопственото одржување во живот. Со сето тоа се зголемувала народната понизност и мир за владетелите. Но, меч има два краја.

Но, она што секогаш го заборавале владеачите бил моментот на стрмоглавување.

Никола Софијанов, во неговата книга „Болестите на славните личности“ (стр. 5) за таквите владеачи, ќе рече: „… дивинизирани до невидени размери во текот на својот живот, по своја вина или поради склоп на околности, -подоцна, ќе бидат фрлени во мемлата на ништожноста. Но, и во оваа мемла, нивните дела или недела, ќе останат на генерациите што идат како потсетник за тоа што направиле“.

Падот од власта им бил толку кошмарен што предизвикувал распад во фамилијата, дури и трагедии во владеаната територија.

Кога оваа старовременска пракса би ја пресликале во македонсково совремие, приказната е иста. Владетелите живеат раскалашен живот, голем дел од народот се бори да преживее. Кодошите и подлизурковците се богато наградени за нивните „услуги“, па се котат на дневна основа. Разликите и разноласијата меѓу народот секојдневно се практикуваат со фрлање на некоја „политичка коска“ која треба да ја задоволи римската „Раздели, па владеј“. Идила за владеачите. Особено, ако таа испробана пракса се практикува триесетина години, без никаква одговорност за нанесеното зло на народот и државата.

Секако, целиот текст не би имал свој епилог ако не одговориме на првичното прашање: Кои сме ние?

Ние сме оние кои дозволија непречено да се уништува македонската држава од некадарници, кои умешно го разградуваат државното ткиво на нашата татковина, богато живеејќи со кредитите земени во името на народот, а кои кредити и камати ќе ги плаќаме сите ние.

Ние сме оние кои не успеаја да сфатат дека ДРЖАВАТА е сопственост на НАРОДОТ. Народот работи и нема време да се занмава со сите потребни работи (правни, здравствени, образовни итн. итн.) во државата, па тие обврски ги пренесува на Влада која ја плаќа. Народски кажано, народот како сопственик на државата ангажира одредени лица за одредено време да ги работат административните работи во негово име.

Ние сме оние кои дозволивме оние изнајмените од нас, да станат ГАЗДИ НА ГАЗДИТЕ и сопствениците на државата да се плашат од аргатите. Зимзелениот народ подвитка врат пред листопадните најменици.

Ние сме оние кои треба да сфатиме дека е време да раскрстиме со секој кој се огрешил од законот, да се врати народното достоинство, да се врати во народниот џеб секој украден денар, да се фрлат во мемлата на ништожноста сите оние кои газат по светоста на образованието, а со тоа и иднината на државата.

И за крај.

Ние сме тие кои треба да престанат да се глодаат за фрлената коска од триесетгодишните „другарчиња во бизнисот“, да не реагираме на подбуцнувањата на кодошите и измеќарите платени со народни пари. Ние сме тие кои треба да кажат ПРЕМНОГУ НИ Е од вашата мемла со која нѝ ги мемлосавте животите.

Advertisement