Проф. д-р Катерина Тодороска: Кој го запали „институтот“ во Битола?

Велат секоја возраст има свои убавини. И јас сум од поборниците на таа констатација, особено затоа што сметам дека возраста ја следи и искуство. А јас, со пристојна количина на години веројатно имам искуства за многу повеќе од биолошката возраст.

Што велат моите искуства за тоа кој го запали „институтот“ во Битола?

Едно време, на факултет предаваше професорка со скромни, дури и незабележителни гради. Реално, не беше нешто забележителна ни како појава. Арно ама, се прочу дека ќе оди на операција за рак на дојка. Во машкиот дел од персоналот на факултетот имаше професор кој важеше за исклучително воздржан лик. Но, на паниката за болеста на професорката, со сталожен глас рекол: „Оставете, си прави реклама дека има гради“. По извесно време, испадна дека ракот на дојка не бил рак, а „саморекламата“ стана предмет за подбишега која цел живот ја спомнуваме.

Ете така, и ова палењево на „институтот“ во Битола личи како на самореклама, ама и нешто друго.

Е, за тоа другото треба да ви кажам што мене ми зборуваше мојот ментор за магистерскиот труд, д-р Глигор Тодоровски. Патем, не бевме роднини. Имаше некој симпозиум и јас не се пријавив со тема бидејќи работев на магистерската. Менторот лут што не сум пријавила тема за учество, дојде во канцеларија и ме искара: „Твоја работа е да истражуваш, да се подготвуваш и пишуваш како утре да има симпозиум. Инаку, зошто би земала плата?“. Тогаш се стопив од срам, а денес се прашувам зошто тие во тој, од старт промашен „институт“ би ги лапале силните бугарски пари ако не си ја вршат работата да бидат видени, да има некаков ефект од нивното постоење? И бидејќи ефект нема, полесно е да направиш нешто и слепците да дотрчаат и да те тешат за стравот и штетата што ти се нанесени? Бездруго инвентивно.

Ете така, палењево на „институтот“ во Битола личи како одработување за плата, ама и нешто трето.

Е, тоа третото е една приказна од детството на мојата посилна половина, приказна за комшиско куче кое постојано лаело и било насилно. Комшиите се бунеле кај газдата да го тргне кучето од дворот пред зградата, ама тој не попуштал. Така дошло до труење на кучето, а над неговата мрша се собрале комшиите и небаре зачудени, негодиувале кој го отрул кучето. Само од едно семејство немало „претставник“ на собирот, па таткото му рекол на синот да оди и тој кај собраните и да вика: „Срамота, срамота, кој имаше душа да го  отруе кучево“?

Денес, кога брзо брзо се јавија сватовите „са истока“, да прашуваат кој го запали „институтот“ стана повеќе од јасно дека ќе цмиздрат и лелекаат над чадот од скарата.

И не ми се предизвик ниту тие, одработувачите за плата, ниту оние сватовиве „са истока“, мака ми е за овие вазаливе, кои не ги интересираше 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, ама затоа пак живо се заинтересираа да изблујат гареж за чадот во „институтот“.

Advertisement