
Сака човек да не ве коментира, да ве измножи со нула, ама пусто сами се пикате в очи, како трн од трендафил.
Па, толку од нулирањето.
Не дека нешто некому ќе значи овој текст, како и многуте напишани до сега, ама чесно е да остане за историја дека имало некој што пишувал дури и кога бил свесен дека текстот ќе заврши во ветер.
Со оглед на фактот што советниц (к) ите во Владата од „нашата држава“ имаат соодветни работни обврски во кои не влегуваат државните интереси, решив да ја потсетам јавноста на неколку случувања од историјата. Секако, доколку советниц(к)ите ги знаеја и ги предочеа на властодржачите, можевме да живееме понормално од ова максималново ненормално.
Историјата вели дека ако не учите од неа, ќе учите од сопствените грешки. Но, проблемот е што ние, во совремиево имаме ликови кои се на чело на македонската држава кои прават катастрофални грешки, кои нам нѝ го прават животот неподносливо тежок.
Доколку знаеја и сакаа да научат нешто од минатото, пред да преземат било какви активности требаше да погледнат кој и како се однесувал во ситуации кои биле, барем, слични на актуелните. А во овие, многу сериозни времиња, најмалку што можеа да направат беше да прашаат. Секако, на самобендисани не им се отвораат очите кога веќе им се залепени со мед, ама барем да прашаа бидејќи имаат кого. Сушност, заради тоа постојат институти, факултети, универзитети, заради тоа постојат луѓе на кои науката им е занает. Секако, не заборавам дека за да ги „подмачкаат“ некои од вработените во тие институции, си формираа комисии, советодавни тела и прибраа некакви „дополнителни“ советодавачи. А тие, добро подмачканите само треба да бидат параван за исклучителните политички егзибиции во правец на доуништување на македонската држва.
Доколку не е така требаше да ја прашате историската наука, подалечна и поблиска, која само преку еден пример, го кажува ова.
Историската вистина говори за однесувањето на Русите во Втората светска војна. Имено, во септември 1941 година, кога германските сили ја започнале опсадата на Ленинград, го прекинале снабдувањето со храна за два милиони жители на градот. Додека Германците навлегувале во градот, научниците и работниците од Институтот за растителна индустрија се забарикадирале во нивните трезори. Тие не се обидувале да си ги спасат животите, туку иднината на човештвото.
Имале незавидна задача да ја заштитат најголемата колекција на семиња во светот и од гладните советски граѓани и од германска армија. Со оглед на фактот што опсадата на градот траела 900 дена, еден по еден овие луѓе почнале да умираат од глад и ниту еден од нив не ја допрел ризницата со семиња што ја чувале – буквално со својот живот. Имале можност да ги искористат семињата и да преживеат, но нивниот повик и професионалност, не го дозволувале тоа. Раководител на научниците и работниците, како и човек кој бил одговорен за оваа голема збирка семиња бил Николај Вавилов, руски генетичар и географ на растенија.
Веројатно се прашувате што треба македонските властодршци да научат од оваа лекција?
Многу нешто.
Како на пример, дека во 1941 година Ленинград, денешен Санкт Петерсбург, бил два милиона жители, или повеќе отколку денешното население во Македонија, така што една држава која има население колку еден руски град во 1941 година не е фактор кој воведува санкции против мечка која може да ја згази и да не забележи дека ја згазила.
Потоа дека постоела институција која и денес ја нема во Македонија, а се викала Институтот за растителна индустрија во која се чувало најголемото светско богатство во тоа време. Можат да научат и дека имало луѓе кои живееле сред храна, а биле подготвени да прегладнат до смрт во интерес на идните генерации. Тие не би купувале октоподи за себе, додека народот им страда за парче леб и чаша млеко.
Факт е дека научникот Николај Вавилов, почитувајќи го својот работен повик спасил тони семиња кои, со соработниците, ги негувал и зачувал за истите да бидат користен за посеви во повоените години. Можат да се поучат дека како што Вавилов ја штител својата наука во полза на советската држава и народ, така и ние, историчарите, за разлика од нивните платеници, си ја штитиме својата наука во полза на македонската држава и народ.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden