Проф. д-р Катерина Тодороска: Кон географијата на Македонија 

Во 1926 година, во Софија почнал да излегува весникот „Македонија“ како орган на македонската емиграција во Бугарија, а во 1930 година негов уредник бил Димитар Талев[1], „Прилепчанец со голем товар на душата“, како што го опишуваат многумина. Во бројот 1133 од 28 јули 1930 година на весникот „Македонија“, на првата страна објавена е една рачно изработена карта на Дебарската област.

Димитар Талев (1 септември 1898, Прилеп- 20 октомври 1966, Софија). Учел со прекини во Прилеп, Солун, Скопје, Стара Загора и Битола, каде ја завршил гимназијата во 1920 година. Во периодот од 1920-1921 година учел медицина и филозофија во Загреб и Виена, за потоа да се префрли во Софија, каде што во 1925 година завршил словенска филологија на Софискиот факултет. Во 1927 година работел како коректор на Органот на македонската емиграција „Македонија“. Во 1929 година станал уредник, а во периодот од 1930-1931 година бил главен уредник. По убиството на директорот на весникот „Македонија“ во 1933 година, застанал на директорската функција, се до превратот во 1934 година, кога биле распуштени сите партии и Македонски здруженија во Бугарија, како и нивните весници. Автор е на повеќе романи: „Железниот светилник“, 1952; „Илинден“, 1953; „Преспанските камбани“, 1954; „Самоил“, 1958; „Хилендарскиот монах“, 1962; „Гласовите ви ги слушам“, 1966 година.

Картата е придружена со текст напишан од Стамат Стаматов[2] под наслов „Куси географски информации за Дебарската област“, кој е објавен на четвртата страна од весникот. Имајќи предвид дека осум години подоцна, Стамат Стаматов објавил и книга за грaд Дебар, верувам дека овој текст е почеток на неговите написи за дебарскиот крај. За читателите напомнувам дека овде претставената карта не е дел од книгата на Саматов за Дебар. Вториот момент кој треба да му го предочиме на читателот е дека Стаматов зависно од неговиот престој во Бугарија, како и во духот на долгогодишната верската определба на православното населението од дебарскиот крај кон бугарската Егзархија, во време на агресивна бугарска политика против српското политичко присуство во дебарскиот дел на Македонија и фактот дека за непречено печатење на книги и другите материјали, тие требало да поминат одредени „филтри“, нормално било авторите да ги „прилагодуваат“ своите текстови, па затоа, разбирливо е зошто Стаматов православните жители во Дебарско ги именува како Бугари.

Со цел, читателот да има увид во оригиналниот текст го презентираме како две фотофрафии, бидејќи должината на испечатенот текст не овозможува добра читливост.

Поради должината на текстот, тој продолжува и во следниот број 1134 од весникот „Македонија“, објавен на 29 јули 1930 година, исто така на четвртата страна.

Податоците кои ги среќаваме кај Стамен Стаматов имаат исклучителна важност за оформување на историјата на дебарскиот крај, секако после споредувањето со податоците на други автори, од различни временски периоди. Секако, тоа за еден историчар е важно и за да направи демографски проверки и да согледа дали печалбарството како најчеста професија во дебарскиот крај, предизвикало уништување или напредок на градовите/селата.

Advertisement