Проф. д-р Катерина Тодороска: Образ Ова Ни Е

Овој текст е пишуван пред две години. Тогаш УКИМ беше апострофиран како центарот на злото во високото образование, а јас мислев и сѐ уште мислам дека рибата смрди од главата, а главата на образованието, од сите степени, е Министерството за образование и наука. Секако, над таа глава има друга, Владата. И така се вртиме во круг на некадарни, но континуирани уништувачи на македонското образование, а спроти нив, реномирани имиња во својата работа. Оние првите им ја одредуваат месечната заработка на оние вторите. Какафонија од најголем дострел.

УКИМ беше поим за високообразовна институција, а неговиот пад не е случаен ниту денешен.

И ако решите да ги сатанизирате професорите од УКИМ затоа што барале ДОСТОЕН месечен надоместок, тогаш ги сатанизирате учителите на вашите предци, а можеби и вашите. Патем, со ставањето во ист кош на расипани и здрави јаболка, по некој ден, ќе добиете расипани од здравите.

Но, она што со децении го добивавме со УКИМ го уништивме до универзитетите/факултетите кои се трафики за дипломи. Од нив произлегоа „дипломирани“ професори кои работат по сопствен терк. Незнајко може да продуцира само незнајковци, а спиралата ја гледаме со години. Со децении „продуцираат“ некадарен кадар чии аспирации се големи, бидејќи напикани во партиски јасли успеваа да се доберат до магистерски и докторски дипломи. А таквите дипломи во нормално образование, за многумина од нив би биле недостапни. Денес имаме сериозно руинирано образование во сите степени. Имаме, но имаме и квазиминистри за образование и наука, имаме квази Државен просветен инспекторат со кадар од „нашите кујни“, имаме Биро за развој на образованието на кое повеќе му приликува именувањето Биро за растурање на образованието итн. итн.

Бидејќи, секое ЗОШТО има свое ЗАТОА, немам намера да пишувам нови текстови за историјата на уништувањето на македонскиот државотворен столб, оти одамна сум напишала.

Повелете, прочитајте.

Во едно време, различно од нашево, образот бил слика за една фамилија, а слика  биле чесност, доследност, работољубивост. Затоа, образот се чувал како најголемо богатство на фамилијата. Образот не смеел да го извалка ниту стопанот, ниту домаќинката, ниту потомците. Во спротивно, заради срамот еден член, можел да биде извалкан образот на сите членови на фамилијата.

Во тоа време, различно од нашево, било незамисливо некој да го краде залакот од устата на децата на сожителите, со цел неговите деца да живеат во благосостојба. Уште понезамисливо било едикојси да се кити со туѓи пердуви и така да гради иднина.

Во времево сегашно, најголем дострел е да се биде „богат“, а ако „богатиот“ е шуплив во главата, добива уште поголема популарност во „богатиот свет“.

Ајде од почеток. Во историјата постои категорија последователност, па редно е да кажеме како од наследници на луѓе со ОБРАЗ, дојдовме до тоа државата да ни‘ ја уништуваат оние без ОБРАЗ. Јас ќе се навратам на современата историја на македонското образование.

Во септември 2008 година влезе во сила Законот за задолжителното средно образование, кое за прв пат се воведе во Македонија. Парадоксалноста на овој Закон донесе бројни проблеми, но секако и казни. Читавме дека „…Од оваа учебна година средното образование е задолжително, а родителите кои нема да ги запишат своите деца во училиште ќе заработат прекршочни пријави и казна од 1.000 евра“. Како и за сѐ, така и за ово Закон, груевата Влада имаше цел, а целта на овој необјасниво забеган Закон, во почетокот беше „…помасовно вклучување на запоставените групи во образовниот процес“. На неимотните родители им се ветуваше парична помош, која или беше еднократна или никогаш не им стигна.

Но, како и за секој грујов „закон за доброто на народот“ и овој имаше своја ЦЕЛ, но не онаа која беше прокламирана, туку сосем друга. Беа потребни многу повеќе високообразовани професори за остварување на целта. Затоа, во текот на таа година, а и потоа, низ Македонија никнуваа факултети и Универзитети како печурки. Дури една тогашна пријателка, виден член на ДПМНЕ-то, на смеа забележуваше дека единствено недостасува Факултет за пантомима во Дојран. Сѐ во име на „доброто на државата“.

Учебната 2009/2010 година беше промовирна, како одличен проект, несфатливата пропагандата за запишување на сите средношколци на факултет. Тоа беше наплив на бруцоши, а погубните 92% запишани средношколци на факултетите беше „прославено“ како достигнување на образовната политика на тогашната владеачка гарнитура.

На тој начин, Груевски и неговите полтрони, добија решенија на многу од нивните проблеми. Секако, погубни за државата.

  1. Го решија проблемот со сѐ поголемата невработеност на младата полулација во Македонија. Така, вештачки создавајќи „студенти“ заштедија четири-пет години на небарачи на вработување.
  2. На професорите од УКИМ и другите државни универзитети им се затнаа устите заради БЕДНИТЕ плати, па им се овозможи да предаваат на факултетите-печурки, низ цела држава. И сето тоа, во исто работно време кога требаше сериозно да се посветат на студентите на матичните факултети.
  3. Експресно се промовираше бизнис елитата со продажба на дипломи, од што најмногу корист имаа токму партиските војници на тогаш владеачките партии. На тој начин, лица кои во нормален образовен систем не би имале завршено средно образование, се стекнаа со факултетски „дипломи“. Уште поекспресно истите, ги запоседнаа фотелјите за кои, во нормални услови, не можеле ни да сонуваат. Ама, тие и такви ја „водеа“ држава.
  4. Ја задоволија желбата на „понеимотните родители“ во секој град да има дисперзирани студии, независно од тоа што немаше никакви услови за тоа. Оти во тоа време се бараше квантитет, а не квалитет.
  5. На некадарните, СДСМ-овски, ДПМНЕ-вски и ДУИ-евски плакатолепачи, уште поекспресно од студиите, им беше овозможено да се стекнат со м-р и д-р. Пак, под превезот на „образованието е сила, образованието е моќ“.
  6. Го донесоа „Кембриџ“ со што дополнително добија можност да ангажираат свои „преведувачи“ кои импровизираа со буквален превод, не познавајќи ја материјата и терминологијата на учебникот кој го преведуваа.
  7. За основците и средношколците требаше да се изготват, преведат и печатат многу повеќе учебници од дотогаш. Секако, „бајадера бизнисот“ го добиваа соодветните печатници на кои не им беше важно што за учебниците ќе употребат габаритна и тешка хартија, само да биде поефтина. Оти никој не мислеше на децата кои ќе се килават да носат ташни со учебници за шест/седум часа.
  8. И, секако, го воведоа ЕКСТЕРНОТО тестирање за да се вработат нивните факултетлии во оценувањето на работата на оние чие знаење можеа да го сонуваат. Не им беше важно ниту знаењето, ниту стресот на децата, ниту понижувањето на сериозните долгогодишни професори во основните и средните училишта. Важно беше, да се перчат со РЕФОРМИ, независно колку се штетни за македонскиот образовен процес.

Токму смената на интелектуалецот со груевистот беше причина за смена на власта во Македонија во 2016 година. Што стана со тогашното ОБРАЗ ОВА НИ Е?

ОБРАЗОТ дополнително нѝ го поопинчија, оти за „владетели“ си донесовме едни со опинок образ.

Освен укинувањето на екстерното тестирање, што беше потег за поздравување, нема нешто што би го квалификувале како позитивна реформа во македонското образование. Наротив.

Денес сме сведоци на владеење на силеџии во образованието, чии методи на работа се сведува на копирање на хитлеровите палења на книги, инквизиторските забрани на „неподобни“ книги. Но, затоа пак, маглата пред очите на народот наречена реформа во образованието, ја почнаа од основното образование, наместо од темелот, од едукацијата на учителот. Секој еден интелектуалец кој работел во образование, освен платениците и гореспомнатите зачистувачи зад „владеачите“, го кажаа своето мислење за потребата од напуштање на вака неосмислените, дури и штетни реформи во македонското образование.

Бесцелно.

Процесот на добивање на фалшиви, фалсификати или лажни дипломи денес цвета повеќе отколку во грујовото време. Ученици и студенти со минимални знаења, дури и површни познавања на некоја лекција добиваат одлични оценки. Сето тоа се објаснува со потребата да се задоволат родителите чија радост за успехот е интелектуална фатаморгана.

Како држава, неодамна добивме и еден антинационален универзитет кој треба да продуцира антимакедонски настроени индивидуи, кои потоа ќе се инфилтрираат во македонскиот образоване систем и ќе воспитуваат антимакедонски индивидуи.

Прашањето за штетноста на работата на носителите на фалц дипломи, по иднината на македонската држава, е многу легитимно, а одговорот е горчлив.

Во едно свое интервју Игор Радев говореше за образованието во Кина и нагласи: „Ако зборуваме социолошки…. во Кина образованието е религија. Постои култ кон образованието, кон учењето. Најважен настан во годината, тоа беше сега пред три дена, полагањето на завршните матурски испити, кои што истовремено во кина служат и како приемни испити за факултет. Значи, тоа е НАСТАН, го следат телевизии, го следат новинари, каде што се полагаат завршните испити. Сите улици околу училиштата се затворени за сообраќај, бучавата да не им пречи на децата. И родителите многу се вложуваат во образованието, тоа е просто неверојатно. Дури и се случува, кога се децата последна година во средното образование, многу родители да ја остават и работата, само за да учат, да импомагаат на децата…. Ако те фатат да препишуваш на завршниот испит, казната е 7 години затвор…. За детето, ако е матурант треба да е полнолетен, но и за организаторите…. На факултет не може да се запише секој, треба да се има НИВО.“

Ако ова се спореди со нашето образование, јасно е дека не постои начин за компарабилност.

Денес, од секој агол нѐ демни прашањето ОБРАЗ – ОВА – НЍ – Е?

Одговорот е НЕ. ОБРАЗ – ОВА – НЕ – НЍ – Е, па затоа треба да го дополниме прашањето со дали има решение за постојаната продукција на фалшиви дипломи, покриени од фалшиви застапувачи за квалитетно образование?

Да, решение за овој проблем е можен со сечење на коренот на проблемот, а тоа е престројување во МОН.

Се‘ натаму е лесно.

Со чистење на уништувачите на македонското образование, да си го вратиме исконското ОБРАЗ – ОВА – НИ – Е!!!

Advertisement