Проф. д-р Катерина Тодороска: Официјализирање на ортаклукот

Како и секогаш, навреме сакам да си ја кажам мислата, независно дали некој ќе се смее читај мајтапи, дали некому ќе пречи, дали некој ќе се налути или ќе го одобри текстот кој го објавувам. Секој има право на свое мислење, па така и јас. Македонската приказна низ историјата секогаш била испреплетена со ортачење и ортаклуци кои, не секогаш биле во полза на народот. Така и современиве случувања внесуваат сомнеж дека во неповолна насока водат и современи ортачења. За да го составиме мозаикот и да ги разбереме сите негови делови, секако, почнуваме од почетокот.

Студентската, а по неа и Шарената револуција, според моето скромно мислење, беа  најважните современи настани кои ѝ се случија на  Македонија на патот кон самоодржувањето. Тоа беа настани во кои се излеа незадоволството на граѓаните од единаесетгодишната тортута на општеството. Да, времето кое македонските граѓани го преживеаја во заробената држава под власта на заробувачите од ДПМНЕ и ДУИ имаше реална основа да ескалира во самоорганизирано и масовно негодување. Коренити промени мораа да се случат и секој од нас, кои бевме „Секој ден во 6“ пред СЈО, безусловно се вложивме во битката за остварување на опозитот од девизата НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР. Следеа избори на кои народот им кажа збогум на ДПМНЕ и ДУИ. Но, не било така.

И после формирањето на новата македонска Влада многу нешта не личеа на промени, а уште помалку на коренити. Така, челниците на ДУИ останаа и во новата Влада на Македонија, а со тоа си обезбедија и „недопирливост“ од оние кои требаше да ја сроведат спротивноста на девизата НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР.

Напротив, сè повеќе сведочевме на она што го слушаме на рекламите И ТОА НЕ Е СЕ. Почнаа да нè бомбардираат со изјави дека функционерите на ДПМНЕ не било можно да се сменат оти така налагал законот и треба да се чека ним да им помине мандатот за кој биле избрани. Така на врвните места во МРТ остана кадарот на ДПМНЕ со целосна слобода и натаму да го труе народот со небулози и конструирани информации. И денес истата уредувачка политика е актуелна на македонската национална телевизија, која денес не е македонска. Беше преименувана  за повисоки национални цели.

Секако, и челникот на Комисијата за заштита од дискриминација остана ист оти неговата работа била да им издава потврди на челниците на ДПМНЕ дека македонската држава ги дискриминира. Така, челникот  на ДПМНЕ со писуле од Даштевски, како дискриминиран од државава си замина во Будимпешта. Тоа е истиот оној кој со години нѐ понижуваше и малтретираше со поставување на полуписмени кадри во сите министерства и државни институции. Се сеќавате, нели? Веројатно, неговото заминување било за повисоки државни цели.

Имаше и едни министри кои, ние Шарените, ги викавме министри за смрт и кои требаше бел ден да не видат поради „превидите“ во работата во времето кога беа неприкосновени во владеењето, ама и ним влакно од глава не им фали. Нејасно е дали во име на повисоките национални цели испоумреа бебиња, Тамара и многу како нив.

Овие, не оние, не подмамуваа со апсења, притвори, смешни „одлуки“ на судовите во стилот „пу, пу, притворот не е притвор“, за состојбата да кулминира со амнестија на криминалци кои нѝ се појавија во форма на  „гласачи“ на измените на Уставот. Но, не недостасуваа и наградите за истите криминалци во форма на тендери за фирми од типот на тате, бате и јас. И тоа во име на повисоки државни цели.

Кнедлата која народот требаше да ја голтне беше и неодземањето на имунитетот на еден од организаторите на најголемиот антидржавен акт во Македонија во поновата историја. Така, Трајко Велјановски согласно „убедувањета“ на неговите другарчиња од ДУИ остана недопирлив за правдата. Дали и тоа беше во име на повисоките национални цели, допрва ќе видим.

Во име на истите повисоки државни цели беше сменет Уставот на државава, а повисоките цели не биле повисоки туку највисоки оти ветувањето дека НАТО и ЕУ не чекаат со отворени врати веднаш после промената на Уставот, излезе дека имале уште некоја пречка за прескокнување и уште многу маратони за трчање.

И така, лека полека народот се залажуваше со дневни кострукции кои требаше да го одвлече од вистината за ортаклукот кој му се случува пред очи.  СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ секојдневно здружно работеа и работат на оддржавање на државните интереси до степен кој не го загрозува полнење на касите од нивните фирми.  А приказната за реформите во судството, образованието, здравството и сѐ друго беа оставени за „после изборите“. Иако, никој не разбра после кои избори ќе заигра еднао од многупати најавувана метла.

И дојдовме до најновите избори. Овој пат за претседател на една новоименувана држава. Искрено се радувам што нашиов народ нема да мора да го трпи понижувањета на намигнувачот, кој безочно го урниса чувството за достоинство на граѓаните на Македонија. И тој факт, според мене, е навистина нешто што би било во име на највисоките национални интереси. Но. Како и секогаш во македонската историја, се појавува едно големо НО.

За кандидати на претседателските избори се појавуваат тројца кандидати. Иако двајца од нив отворено беа поддржани од најголемите политички партии во државава, тие сепак „решија“ да бидат „независни“ и да собираат по 10. 000 потписи за кандидатура. Објаснувањето, кое многумина го голтнаа како локумче, беше дека „сакале да ја потврдат својата кандидатура со потписите на народот“. А кој за кого се потпишуваше, јасно нѝ е на сите. Во пишувањево би го иззела кандидатот Блерим Река, бидејќи зад него навистина стојат 10.000 граѓани, и партија која немаше шанси за собирање на потписи на 30 пратеници за кандидатура. Сепак, сите тројца кандидати јавно ги користат капацитетите и приврзаниците на партиите кои стојат зад нив. Автобусите, како и порано, ги полнат членовите на СДСМ, ДУИ, ДПМНЕ, и нивните коалициони партнери за двајца од кандидатите. Патем не сме поштедени ниту од јавните „испади“ за „трампа“ на гласови за претседател во компензација за гувернер на Народна банка, и други небулози кои јасно го покажуваат ортаклукот на штета на граѓаните на Македонија. Затоа, не чудете се кога на радио ќе чуете дека „платената политичка програма“ т.е. рекаламите за некој од кандидатите е нарачана од кандидатот, но неи  од партијата зад него. Сѐ во интерес на државниот интерес.

Иако е сѐ појасно понижувањето на гласачите, беше нејасно, чуму беше театарот со собирањето на потписите за „независните“. Но, како што одговорот за секој „испад“ испливува по некое време, така и за овој исплива на површина дека „независните“ ќе добијат милиони народни пари за нивната кампања. Значи, не е доволно што народот им ги плаќа шеталинките на членовите на партиите, па си донеле одредба да си ги наградат кандидатите за претседатели со дополнителни народни пари. Народот кој нема основни средства за живот, може да биде исклучително задоволен што ќе си ги финансира кандидатите за претседател, па макар и да останат на ниво на кандидати. Кој, кога и како ја донел таа одлука дополнително ќе „исплива“. Та, нели и тоа може да се сведе под повисоки државни интереси?

И како поминуваат дните на кампањата, од висок функционер на една од партиите, чувме дека и ако нема доволна излезност на претседателските избори, ќе се изнајде начин заедно со народот, кандидатот на владеачката партија да победи. Ваквата реторика ми ги разбуди спомените на едно време кога ДПМНЕ ја кандидираа Јагнула Куновска за градоначалник на Карпош, а потоа членовите на ДПМНЕ гласаа за Стево, кому никој ништо не му може. Тогаш, Јагнула беше жртвено јагне за остварување на еден ортаклук, кој се покажа многу вносен. Па, прашањето кое ме мачи е,  дали еден од кандидатите е жртвено јагне кое ќе се задоволи со „кандидатските“ народни пари? Ова, заедно со аминувањето на  барањата за амнестија на многуте долгогодишни  криминалци од  ДПМНЕ, изгледа и реално.  Нели, за повисоки државни интереси.

И така, мозаикот кој мислевме дека нема шанси да го составиме полека почна да го добива својот вистински лик во моментот кога чувме изјава дека во Македонија во иднина треба да се „организира Влада по швајцарски пример“ . Според изјавата тоа би било вака. На претстојните претседателски избори, едната од партиите треба да доживее дебакл, да ги смени контролираните од Будимпешта раководители за да се освежи  со „свежа“ крв. Тоа би бил позитивен момент за четирите најголеми партии, читај ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и некоја друга, да формираат заедничка Влада НЕ до приемот на Македонија во ЕУ, туку трајно.

Можеби грешам, ама јас ова вака си го разбрав. Безумието да се замени со едноумие, со што секоја партија ќе добива онолку министерски, директорски и др. места  колку што ќе изнесува бројот на гласачите кои ќе го заокружат бројот на нивната партија. И секој секому, пред народот ќе му објаснува кој колку е длабоко навлезен во криминал, кој колку е вовлечен во непотизам, судовите ќе нè занимаваат со „пу, пу притвори“. И така, среќно ќе си владеат до и после моментот кога Македонија ќе влезе во ЕУ. Потоа, ако не тие, кој сака може да дојде да раководи со уништената и загушена држава, некој друг  да ги враќа кредитите и каматите на кредитите, со кои овие ортачки владеачи ќе го задолжат граѓанинот во државава.

Откако, здружно ќе си напишат по едно писуле дека ги дискриминирала македонската држава, дозволено ќе им биде да се распрскаат по светот зависно од тоа кој каде си ги „сместил“ народните пари на граѓаните од Македонија. Тоа би била кулминацијата на државниот интерес и официјализирање на реално присутниот ортаклук.

Сума, сумарум.

1.Нема да има правда, нема да има мир додека државата не се одзароби од СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ со сателитите.

2.Јагнула 2 може да се подготвува за шок кој не го очекува.

3.Едноумието, како општествено уредување од минатото со примеси на осовремено квазидемократизирање, е реалност.

Јас, во официјализирање на ортаклукот не сакам да учествувам, а како ДЕМОКРАТ, вам ви оставам да си го изберете својот потег.

Advertisement