Проф. д-р Катерина Тодороска: Пред и после Протоколот (Дел 2)

Методологијата и терминологијата на секоја наука е засебна и многу тесно го одредува пишаното/­кажаното од авторот, што тоа се однесува и на историографијата. Така, секој потпишан документ како декларација, записник, договор, уредба, спогодба, протокол, има точно одредена историска тежина, а со тоа и важност при неговото почитување и спроведување. Кон именувањето се додава категоријата домашен – меѓународен – билатерален – мултилатерален документ, што дополнително ја одредува тежината на напишаното. Конечно, многу се важни и потписниците т.е. функцијата на потписниците на документот во времето на неговото потпишување. Тогаш се доаѓа до  неговата вистинската вредност или важност.

Во оваа прилика би сакала да подвлечам дека во историската наука терминот „конечна спогодба“ нема третман или важност на терминот „договор“, терминот „протокол“ нема важност или тежина на „договор“ итн. итн. Уште поважно е да се знае дека преименувањето на одреден петтостепен документ и неговото именување со поважен документ се прави само со една цел. Замајување на јавноста.

Еден таков, петтостепен документ во форма на задолжително четиво неодамна нѝ беше подметнат од лица во Македонија, кои според функциите треба да се грижат за добробитта и благосостојбата на македонската држава и македонските граѓани, без при тоа да им штетат. Тој документ, тие го беа нарекле „Протокол од Вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, формирана врз основа на членот 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија“

(https://dw3yoh98rrrmk.cloudfront.net/2b7121d887324274a716d051fdece4f9.pdf). Читателите на првиот дел од овој текст, веројатно забележаа дека во хронологијата на „добивањето на датум за преговори“ недостасува „Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија“

(https://vlada.mk/sites/default/files/dogovori/Dogovor_Za_Prijatelstvo_Dobrososedstvo_Sorabotka_Megju_Republika_Makedonija_I_Republika_Bugarija.pdf). Целта е во овој дел да се посвети поголемо внимание на тој Договор и да се пренесе краток историјат на неговото потпишување, бидејќи како и за сѐ друго и во тој процес има последователност од настани.

Имено, на 22 февруари 1999 година беше потпишана „Декларација за пријателство и соработка“ меѓу Република Македонија и Република Бугарија, од премиерите Љубчо Георгиевски и Иван Костов. Во оваа Декларација, покрај другото стои: „Република Македонија изјавува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање на Република Македонија во внатрешните работи на Република Бугарија со цел да го заштити статусот и правата на лица кои не се државјани на Република Македонија“ и „Двете страни ќе преземаат ефикасни мерки за спречување на недобро-намерната пропаганда од страна на институции и агенции и нема да дозволат активности на приватни лица насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични дејства кои би наштетиле на односите меѓу Република Македонија и Република Бугарија.“. (https://www.mn.mk/istorija/7153-Deklaracija-za-prijatelstvo-i-sorabotka-megu-Makedonija-i-Bugarija-Sofija-22-fevruari-1999-godina). Ова претставува прво официјално откажување на македонската држава од заштита на Македонците во Пиринска Македонија, на што Бугарија работеше со децении.

Разногласијата во врска со потпишаната Декларација, секојдневно беа присутни во македонските медиуми особено што ВМРО – ДПМНЕ жестоко се бореше за ставовите на премиерот Георгиевски, а челниците на СДСМ го поддржуваа ставот на претседателот Глигоров велејќи дека „Ќе се претвориме во национално обезличена маса, со држава, но без национална припадност, па уште и со бугарско потекло“ (https://prizma.mk/istorija-na-dogovorot-za-dobrososedstvo-i-podelbi/).

Осумнаесет години после потпишувањето на Декларацијата на 1 август 2017 година од страна на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов беше потпишан „Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Бугарија“. И почнаа да се користат истите методи на заплашување и етикетирање на граѓаните, делејќи ги на „европејции“ од СДСМ и „патриоти“ од ДПМНЕ. „Своевидна историска иронија е што тогаш (во 1999-К.Т.) улогите беа  сменети, па ВМРО-ДПМНЕ со премиерот Љубчо Георгиевски беше партијата што „ја гледаше европската иднина“, а СДСМ беше партијата што ги „бранеше македонските национални интереси“ (https://prizma.mk/istorija-na-dogovorot-za-dobrososedstvo-i-podelbi/).

Веднаш после неговото објавување Договорот, што е своевидна надградена варијанта на Декларацијата од 1999 година, го оценивме како крајно штетен по македонската држава, а објаснувањата кои ги дававме неколкумината историчари во државава, беше дека во текстот на Договорот нема ништо пријателско, ниту добрососедско. Напротив тој претставува шуплив текст во кој може, за потреба на бугарската страна, да се додаваат или иницираат нови т.н. документи со кои дополнително ќе се условува и понижува македонската држава. Таков додаден  документ е и актуелниов Записник, по ново наречен Протокол од 17 јули 2022 година.

И овде предисторијата е нужна за да се види полтронската улога на македонските политичари во процесот на измислувањето и подметнувањето на овој Записник во вид на Протокол.

17 јуни 2022 година: Се појавува т.н. Француски предлог за надминување на бугарско-македонскиот спор, кој реално не постои. Во него стои: „Северна Македонија ќе треба да се обврзе да го смени Уставот во брз рок за да ги внесе Бугарите во Преамбулата, а потоа и да донесе Акциски план за заштита на нивните права, за да ги започне пристапните преговори со ЕУ, се наведува во францускиот предлог кој е доставен до Софија. Официјално Скопје, барем засега, тврди дека до нив не стигнал овој документ. Притоа, поголем дел од планот „4+1″ на чија основа двете земји преговараат за надминување на билатералниот спор, се сели во Преговарачката рамка. Па така, во Акцискиот план кој треба да го спроведе Скопје, освен заштитата на малцинствата и недискриминацијата, се споменува и образованието. Дополнително, за воопшто да почнат пристапните преговори, Бугарија ќе треба да биде задоволна дека повеќе не се врши дискриминација во земјата и дека нема говор на омраза. Тие прашања ќе бидат регулирани со Акцискиот план на кој Скопје ќе мора да се обврзе“ (https://www.dw.com/mkдв-ексклузивно-сите-детали-од-францускиот-предлог-за-решавање-на-бугарско-македонскиот-спор/a-62174197). Се разбира, овој бугарски специјалитет од француската кујна, македонската Влада „не го добила“.

– 23 јуни 2022 година: „Предлогот на француското претседателство за деблокада на нашиот европски пат во ваква форма, каква што е во моментов, е неприфатлив за мене, за претседателот на државата, за Владата, за коалициските партнери и за граѓаните на Македонија, изјави премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама по завршување на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел“ (https://kurir.mk/makedonija/vesti/kovachevski-od-brisel-francuskiot-predlog-vo-vakva-forma-ne-e-prifatliv-za-nas/). Така, една изјава на Ковачевски поттикна еуфорија меѓу СДСМ-овските грлати јастреби. Се раскрилија и во рок од неколку часа, прогласија и прославија „ИСТОРИСКО НЕ“.

23 јуни 2022 година: „Бугарите ја негираат нашата сувереност на наша територија, па компромисот со нив не е можен зашто е контрадикторен со самиот поим на нашата самобит. А, конечно, каков и да е договорот со Бугарите, всушност ќе претставува почеток на бескрајните проблеми со нивните вулгарни аспирации во негирањето на се што е македонско, а не нивна разрешница. Затоа, неопходен е нашиот одлучен прекин на преговорите со фашистичките уцени на Бугарија, зашто каков и да е компромис со нивните барања за наше непостоење, ќе го претставува фактичкиот почеток на нашето непостоење. Историското НЕ на Европската Унија е за нас единственото решение на апоријата со бугарското вето. И сознанието дека нашиот суверенитет и нашето постоење се гарантирани единствено со челичната македонско-бугарска граница, која како со нож ќе ги сече лепливите прсти на бугарските аспирации“ (https://www.slobodenpecat.mk/istorisko-ne-na-evropskata-unija/). Реално, радоста за ИСТОРИСКОТО НЕ беше кусотрајна, ама не е важно. Некои од словопеењата за великот говорник на НЕ во Брисел, по личните профили, експресно се избришаа, некои се премолчеа, а грото раскажаа дека постои нов француски предлог, ептен поарен од претходниот.

– 30 јуни 2022 година: „Во однос на историските прашања, едно од нашите барања беше дека историските прашања не може да бидат дел од преговарачката рамка и тоа барање е содржано во овој предлог документ кој е стигнат во министерството за надворешени работи. Протоколот исто така нема да биде дел од преговарачката рамка“ – вели Ковачевски (https://telma.com.mk/2022/06/30/kovachevski-za-francuskiot-predlog-istoriskite-prashanja-i-protokolot-so-bugarija-nema-da-bidat-del-od-pregovarachkata-ramka-so-eu/).

1 јули 2022 година: „Министерот за надворешни работи Бујар Османи на петочниот брифинг со медиумите потврди дека Протоколот, или Записникот од состанокот кој тој го имаше со бугарската колешка Теодора Генчовска во Скопје на 4 јуни, се уште не е потпишан од македонска страна. Засега нема информации кога тоа ќе се случи, но извесно е дека ќе биде набрзо со оглед на фактот што неговата верификација од двете земји веќе се наведува како завршена работа во документите на ЕУ. Поточно, неговото потпишување е наведено како услов за одржување на првата (политичка) меѓувладина конференција меѓу Скопје и Брисел“. (https://www.dw.com/mk/што-содржи-протоколот-од-македонско-бугарската-меѓувладина-комисија/a -62334921).

– 2 јули 2022 година: „ Пред Владата вечерва се одржува протест против прифаќањето на францускиот предлог за тргање на бугарското вето и отворање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Протестот под мотото „УЛТИМАТУМ – Не благодарам“ го поддржаа повеќе политички партии и граѓански организации. Тие се против тоа Владата да го потпише францускиот предлог кој, како што истакнуваат, е исклучително лош за македонскиот народ и македонските национални интереси.“ (https://faktor.mk/golem-protest-pred-vladata-protiv-francuskiot-predlog).

– 7 јули 2022 година: Владата на денешната седница ја разгледала информацијата од МНР за предлог-преговарачката рамка за Македонија со ЕУ, претставена од Француското претседателство и одлучила предлогот да го испрати до Собранието. (https://www.mkd.mk/makedonija/politika/vladata-odluchi-francuskiot-predlog-odi-vo-sobranie)

– 13 јули 2022 година: Шефот на дипломатијата, Бујар Османи за ТВ24 изјави дека протоколот ќе биде објавен пред да биде ставен потпис на него. „Ветувам, протоколот ќе го објавиме пред да ставиме потпис“, рече Османи. Додаде дека јавноста ќе биде информирана, а сега се договараат принципите. Рече дека протоколот не е целосно усогласен и дека тоа е записник од средба која ќе се одржи. (https://www.slobodnaevropa.mk/a/31942031.html).

14 јули 2022 година: „Во македонското Собрание, партениците денеска нема да гласаат „за“ или „против“ францускиот предлог, односно преговарачката рамка која ја предложи француското претседателство со ЕУ, туку за заклучоци со кои на Владата и се дава насока и се задолжува за што може а за што не може да преговара во процесот на интеграција со ЕУ. Врз основа на заклучоците кои ќе ги донесе Собранието, а кои веќе во форма на предлог ги соопшти владејачката коалиција, Владата во никој случај не смее да се впушта во преговори со ЕУ доколку тие го засегаат македонскиот јазик, како и идентитетот, историјата и културата на македонскиот народ“ (https://360stepeni.mk/vo-zhivo-sednitsa-na-sobranieto-za-frantsuskiot-predlog/).

– 16 јули 2022 година: Со 68 гласови „за“ и без „против“ и „воздржани“, македонскиот парламент ги усвои предложените заклучоци за францускиот предлог (https://www.dw.com/mk собранието-ги-изгласа-заклучоците-за-францускиот-предлог/a-62498288). Ова е исходот кој останува запишан во сите интерни и меѓународни документи, а ова е и сликата на македонските „опозиционери“ кои решија, сепак, да не бидат против бугарскиот специјалитет подготвен во француската кујна.

– 16 јули 2022 година: Владата го прифати францускиот предлог: Првата меѓувладина конференција со ЕУ на 19 јули во Брисел (https://24.mk/details/vladata-go-prifati-francuskiot-predlog-prvata-me-uvladina-konferencija-so-eu-na-19-juli-vo-brisel)

– 17 јули 2022 година: „Во Софија денеска министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска го потпишаа билатералниот протокол по состанокот на заедничката меѓувладина комисија. Според најавите, протоколот треба да биде објавен по неговото потпишување“ (https://24.mk/details/potpishan-protokolot-me-u-severna-makedonija-i-bugarija).

– 19 јули 2022 година: „ На оваа прва Меѓувладина конференција ќе биде усвоена Преговарачката рамка за членство на земјава во ЕУ со што започнува процесот на скриниг, по чие завршување и по промената на Преамбулата и на Амандманот 12 на Уставот, по автоматизам се одржува втората Меѓувалдина конференција, по која почнува процесот на преговори по кластери и поглавја. Со измените на Уставот во делот каде што се наведени „албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ…“ ќе треба да се додадат и граѓани кои се дел од други народи, каков што е бугарскиот народ“ (https://24.mk/details/severna-makedonija-gi-pochnuva-pregovorite-za-chlenstvo-vo-eu). И повторно еуфорија кај јастребите на сината роза, а реалноста повторно безмилосна. И тоа преку ЕУ од каде ни кажаа дека „Европскиот Совет ги отпочна преговорите со Албанија, а со Македонија е отпочна фазата на отворање на преговори“ (https://ohridsky.com албанија-ги-започна-преговорите-а-мак/) .

И додека премиерот Ковачевски на 30 јуни 2022 година тврдеше дека „Протоколот исто така нема да биде дел од преговарачката рамка“, министерот Османи на 1 јули 2022 година ја извести јавноста дека Протоколот всушност е Записник од состанок во Скопје одржана на 4 јуни, истиот министер Османи без трошка срам на 13 јули 2022 година објасни дека тоа е Записник од сѐ уште неодржана средба.

Протоколот кој немаше да биде дел од преговарачката рамка стана составен дел од европската рамка, Протоколот за кој се ветуваше дека ќе биде објавен пред потпишувањето беше објавен после потпишувањето, Владата си ги испра рацете со Собранието, ниту го слушна, ниту му придаде некое значење на народот што протестираше со денови против прифаќањето на т.н. француски предлог вклучително и Протоколот.

Нормално. Секој еден партиципиент во секоја досегашна македонската Влада во последниве 20-тина, глава ведне пред оној кој го сместил во фотелја, а тоа со децении не е народот.

Таквиот однос на сите политичари кон македонската јавност е нормалност во уништена држава која, според габаритот на влијанието на „душегрижниците“, станува неоколчена територија.

Advertisement