Проф. д-р Катерина Тодороска: Пред и после Протоколот (Дел 3)

Со оглед на тоа што основата за појавувањето и реализирањето на фамозниот Записник наречен Протокол веќе ја напишав, од денес ви ги презентирам значајните, сериозно загрижувачки точки, за македонската држава во него.

Напомнувам дека за одредени недоумици се консултирав со лица чија досегашна работа предизвикува почит, а чие мислење лично ми значи. Исто така, поради обемноста на материјалот, а за полесно следење на податоците, текстот е поделен на неколку делови.

Секако, не мора да се согласите со изнесените ставови, но убаво ќе биде да се знае дека некој на време кажал дека Протоколот е погубен за македонската држава.

Инаку Записникот наречен Протокол од Вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, формирана врз основа на членот 12 од Договорот на пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, кој се одржал на 17 јули 2022 во Софија имал зацртан:

„Дневен ред:

  1. Преглед на постигнатото во исполнувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија за периодот од 10 јуни 2019 до 10 јуни 2022 година во делот на секторската соработка.
  2. Усвојување на годишните извештаи за работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Македонија и Република Бугарија.
  3. Усвојување на насоки за дејствување во исполнувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија за следниот период
  4. Потпишување на Протоколот од одржаниот Втор состанок на Заедничката меѓувладина комисија“. (https://dw3yoh98rrrmk.cloudfront.net/b8e22e0a1bc041df86a0e597b0cda8d4.pdf)

ПРВАТА ТОЧКА ОД ДНЕВНИОТ РЕД ги содржи прегледите на активностите од политичкиот дијалог и потпишаните билатерални документи.

Меѓу другото, таму стои и информација дека на „1 август 2019, Скопје, Дојран – посета на Претседателот на Владата на Република Бугарија г-дин Бојко Борисов на Република Македонија“.

(https://dw3yoh98rrrmk.cloudfront.net/b8e22e0a1bc041df86a0e597b0cda8d4.pdf, 1.)

Меѓутоа, не пишува дека во таа прилика „Премиерот Зоран Заев и неговиот бугарски колега Бојко Борисов денеска во близина на Дојран го открија возобновениот споменик на генералот на бугарската армија Константин Каварналиев, на местото каде што тој погребан во 1913 година за време на Втората балканска војна. Како што кажа Заев, возобновувањето на споменикот, уништен во 1966 година, е на иницијатива на Борисов“.(https://sdk.mk/index.php/makedonija/spomenikot-na-generalot-kavarnaliev-ke-privleche-turisti-od-bugarija-kazha-zaev-vo-dojran/).

Она што е важно да се спомне е дека само човек кој нема никакво познавање од историјата на македонскиот народ од времето на Првата светска војна смета дека еден крвник на населението од дојранската област заслужува да има споменик кој би го потсетувал на сите злосторства што ги претрпел од генералот на бугарската војска Каварналиев. Точно од тие причини било урнато и многу понезабележителното, спомен обележје кое будело спомени за преживеаните страотии. Но тоа, не било доволен показател за еден премиер барем да ги консултира историчарите зошто е урнато спомен обележјето. Дополнително, ниту еден политичар кој има минимум национално чувство не би подигнал споменик „на иницијатива на Борисов“, односно челник на Влада на туѓа држава, а при тоа да се гордее со отворање на децениските рани на македонскиот народ.

Потоа следат информации:

– Преглед на секторската работа (стр.3),

– Меѓуресорски работни групи I. РГ 1 каде влегуваат: Меѓуресорска работна група за економија, трговија и иновации (стр. 3-4), Во областа на економската соработка (стр. 4), Во областа на земјоделството (стр. 4-5), Во областа на финансиите (стр. 5);

– II. РГ 2 – Меѓуресорска работна група за инфраструктура, транспорт, поврзување (5-7) заедно со повеќе групи.

Во рамките на групата: Соработка во областа на транспортот (стр. 7-8) можете да прочитате: „Од почетокот на 2022 до сега во областа на транспортот се преземени следните активности и постигнати се следните резултати:

На 18 јануари 2022 во Скопје се одржа средба помеѓу министерот за транспорт и врски на Република Бугарија, г-дин Николај Сабев и министерот за транспорт и врски на Република Македонија, г-дин Благој Бочварски. На средбата беше постигнат договор за отворање на авионската линија Софија-Скопје.

За време на првиот состанок на Меѓуресорската работна група помеѓу Бугарија и Македонија „Инфраструктура, транспорт и поврзаност“, кој се одржа на 25 јануари 2022, министрите за транспорт и врски на двете земји ги истакнаа следните приоритетни области за заедничка работа во областа на транспортот:

– Отворање на директна авионска линија Софија-Скопје

На 10 февруари 2022 во Софија се одржа Вториот состанок на Меѓуресорската работна група помеѓу Бугарија и Македонија, за соработка во областа на инфраструктурата, транспортот и поврзувањето. На средбата се разговараше за следните теми:

– Отворање лет на авио линија Софија – Скопје;

На 11.02.2022, како резултат на исполнување на постигнатите договори, се отвори авио линијата Софија-Скопје“.

(https://dw3yoh98rrrmk.cloudfront.net/b8e22e0a1bc041df86a0e597b0cda8d4.pdf)

Никој никому не кажа колку ќе ја чини македонската каса новата авио линија,  важно беше бугарската авио компанија ГуливЕр да ја опслужува линијата и тн., важно беше да се пофалат дека „Редовната авионска линија Скопје – Софија ќе профукционира од 27 март, а до крајот на годината се очекува да биде ставен во функција и граничниот премин Клепало. Вакви ветувања беа дадени на прес-конференцијата на министрите за транспорт и врски на Северна Македонија и Бугарија – Благој Бочварски и Николај Сабев во Скопје. Откако изутрината тие за 35 минути, со лет на „ГуливЕр“ дојдоа од Софија во Скопје, со што го означија официјалното воздушно поврзување меѓу двете земји, оценија дека е направен важен чекор со кој се отвора вратата за патувања, туризам и размена.

‘Новата авиолинија ќе започне да сообраќа од Скопје кон Софија на 27 март. Тоа што изгледаше долги години како невозможно, денеска докажавме дека е возможно‘, рече Бочварски“. (https://www.dw.com/mk/авионска-линија-до-софија-од-27-март-клепало-ќе-се-отвори-до-крајот-на-годината/a-60747455).

Уште пред да се отвори редовната линија, на 8 февруари 2022 година, од стручно лице беше објаснувано дека „Најавената авиолинија Софија-Скопје нема да биде исплатлива ниту за авиокомпанијата, ниту за патниците, освен ако не биде субвенционирана, вели Ѓорѓи Чачкиров, сообраќаен инженер – професионален пилот, поранешен директор на Агенцијата за цивилна воздушна пловидба и директор на летачки оперативи на Палер Македонија и МАТ.

Понатаму, вели тој, колку е дестинацијата покуса, толку е цената повисока, базирано на прелетан километар. Чачкиров вели дека во цената ќе треба да се пресметаат трошоците за аеродромски такси кои не зависат од должината на летот и на сето тоа да се додаде и транспортот до појдовниот и аеродромот на дестинација“.

(https://sdk.mk/index.php/makedonija/aviolinijata-sofija-skopje-e-neisplatliva-i-za-aviokompanijata-i-za-patnitsite-veli-vozduhoplovniot-ekspert-gorgi-chachkirov/).

Меѓутоа, како и за сè друго и за ова прашање мислењето на стучното лице беше оценето како обид на опозицијата да ги омаловажи успесите на владеачката гарнитура, бидејќи така работи слепилото при здрави очи. Секако, слепилото имало своја цена, која за прв пат ја читаме во Записникот наречен Протокол. Имено, „… На 14 март 2022 е испратен допис до Министерот за транспорт и врски на Северна Македонија со барање да се обезбедат слотови кои ќе придонесат за максимален развој на авиокомпанијата“ (стр. 8). Така, според спомнатото барање македонската страна требало да обезбеди слотови за максимален развој на бугарската авио компанија ГуливЕр. Зошто да не, кога Македонија нема своја?

Првиот лет не се случи на 27 март, туку на 26 март 2022 година. Еуфоријата кулминира во утринските часови, кога разбравме дека „ТАВ Македонија, утринава во 5 часот и 48 минути, со воден мост во форма на виножито го пречека првиот лет од Софија на бугарската авиокомпанија GullivAir на Меѓународниот Аеродром Скопје. Со авион од типот ATR 72 – 600 , којшто може да превезе 70 патници, авиокомпанијата го имаше својот прв редовен лет на Меѓународниот Аеродром Скопје, означувајќи го почетокот на нивното официјално комерцијално работење на македонскиот пазар“.

https://makfax.com.mk/ekonomija/тав-го-пречека-првиот-комерцијален-ле/).

Еуфоријата не траеше долго.

Набрзо, на 2 мај 2022 година „бугарската авиокомпанија ‘ГуливЕр‘ престанала да продава билети за летот Софија-Скопје по 21 мај, објави порталот специјализиран за вести од авиосообраќајот, „Exyuaviation.com“. (https://www.slobodenpecat.mk/prestana-prodazhbata-na-aviobileti-za-linijata-skopje-sofija-skopje/).

Времето покажа дека мислењето на професионалците е многу поточно од мислењето на оние кои живеат за пари, но неважно. Никој не понесе одговорност за фијаското со авиолинијата Софија – Скопје, така што освен одредени бенефиции за малкумина цревноврзани „политбизнисмени“ од оваа авиолинија, народот во Македонија немаше некоја корист.

А за оние што не ја знаат „приказната“ за Клепало, добро е да се каже дека „во 1993 година бил изграден современ пограничен објект на Клепало, кој требало да го користат и македонските и бугарските гранични служби. Според договорот, Бугарите таков објект за двете гранични служби требало да изградат на некој од другите два планирани гранични премина. Неколку години по завршувањето на пограничната зграда, (од македонска страна-К.Т.) бил завршен и асфалтиран и патот од Берово до с. Клепало, во должина од 17 километри. Но, и покрај тоа што имале одобрено и европски пари, Бугарија не почнала со асфалтирање на патот од Струмјани до Клепало“.

(https://mk.wikipedia.org/wikiКлепало_(граничен_премин).

Така, паѓаат во вода објаснувањата дека членката на Европската унија многу е загрижена за брза и ефикасна комуникација меѓу Македонија и Бугарија.

Следат информации од групата Соработка во областа на комуникациите (стр. 8), а особено внимание привлекува напишаното во групата Соработка во областа на енергетиката (стр. 9-10).

Македонија постојат две фирми, оператори за пренос на природен гас „ГА-МА“ и „НЕР“. Според Записникот наречен Протокол „На состанокот на Меѓуресорската работна група ‘Инфраструктура, транспорт и поврзаност‘, одржан на 10 февруари 2022, беа презентирани и дискутирани теми поврзани со можностите за диверзификација на испораките на природен гас во Република Северна Македонија

… Технички, Бугарија може да испорачува природен гас за Република Македонија преку единствената постоечка врска Ќустендил – Жидилово. Во моментов нема потпишан договор за интерконекција меѓу двете страни (читај држави-К.Т.). Причината е што во тек е трансформација во спојувањето на двете компании од Република Македонија, кои се занимаваат со пренос на природен гас – „НЕР“ (Национални енергетски ресурси АД) и „ГА-МА“. Дури по спојувањето на двете компании ќе се потпише Договор со Булгартнасгаз ЕАД, кој ќе обезбеди трансфер на дополнителни количини природен гас од Бугарија во Северна Македонија и ќе придонесе за поголемо искористување на постоечките технички капацитети“.

Според познавачите, ова значи дека Бугарија ја држи во неизвесност Македонија во однос на снабдувањето со природен гас, бидејќи нема потпишан договор за интерконекција меѓу двете држави. Од друга страна, двете фирми во Македонија си поигруваат со македонските граѓани, секоја сакајќи да биде монопол за снабдување на населението и  индустриските капацитети со природен гас. Според податоците изнесени во Протоколот, „ГА-МА“ и „НЕЦ“ треба да станат една компанија, а за тоа двете фирми треба да се откажат од некои од досегашните погодности кои ги имаат, што во догледно време тешко е веројатно да се случи.

Во меѓувреме, „Булгартрансгаз ЕАД е во процес на имплементација на проект за проширување Проектот се очекува да биде завршен во последниот квартал на 2024 година, а од 01.01.2025 година објектот ќе биде пуштен во употреба. Успешното завршување на проектот за зголемување на капацитетот на складиштето за гас Чирен ќе има значително влијание врз развојот на пазарите на природен гас во Република Македонија, бидејќи тамошните компании ќе можат да ги искористат флуктуациите на цените во текот на летото и зимата, и ќе ја зголеми нивната конкурентност“.

Врз основа на вака напишаното, Македонија треба да биде ЗАВИСНА од капацитетот на СКЛАДИШТЕТО во Бугарија, наместо таа да изгради свој складиштен простор и да раководи со него. Секако, доколку се изгради складиштен простор на пр. во Полошкиот регион каде веќе има извесна инфраструктура, можат да се снабдуваат и капацитети во Косово и делови од Албанија. Така, наместо Бугарија да ги собира средствата од флуктациите на цената на гасот, тоа ќе го прави македонски оператор. Ама, таквата математика не оди во прилог на „добрососедство и пријателство“, а уште помалку на „соработката“ со братската европејска членка.

Интересен е и делот каде се објаснува дека „Булгартрансгаз ЕАД, преку својата подружница Гас Хаб Балкан ЕАД, оперира со платформа за тргување со природен гас која нуди разновидни производи – краткорочни (интраден, ден пред, викенд и неделно) и долгорочни. За балансирање и зголемување на ликвидноста на системот, идниот оператор на преносна гасоводна мрежа на Република Северна Македонија ќе треба да ги воведе овие производи. Во таа насока, Република Бугаријаим нуди на своите партнери од Република Македонија размена на искуства и добри практики стекнати во текот на функционирањето на платформата“.

Ова би значело дека македонската компанија треба да ги користи производите на Булгартрансгаз ЕАД заради балансирање и зголемување на ликвидноста, прво на Булгартрансгаз  ЕАД, потоа и системот.

Во однос на работата на Третиот состанок на меѓуресорската работна група „Инфраструктура, транспорт и поврзување“,дел „Енергија“ одржан на 25 март 2022 година во Скопје, покрај другото читаме: Се разговараше и за можноста за потпишување на правно обврзувачки документ: „Патоказ за развој на соработката помеѓу Бугарија и Република Македонија во областа на природниот гас“.

Во документот би биле вклучени неколку точки, од кои една се однесува на „Долгорочна резервација на Македонија на капацитет за складирање е (до 250 мил. кубни метри) во UGS Chiren, во рамките на дополнителниот капацитет при неговото проширување“.

Значи, ако бугарските капацитети се прошируваат, Македонија ќе има чест да плаќа долгорочна резервација на капацитет за складирање. И прашањето би било, зошто ние да чекаме тие да се прошируваат? Зошто во Македонија не се направат капацитети потребни за државава и за извоз?

Следно, читаме: „Булгартрансгаз ЕАД одржува комуникација со НЕР АД во врска со изградбата на нова интерконекција помеѓу Република Бугарија и Република Македонија. Потребата од целосно приклучување на интерконектор Петрич-Струмица со проширување на системот за пренос на гас на Република Македонија, на пр. во Неготино, е несомнена, но техничките и инвестициските одлуки се целосно во надлежност на македонската страна“.

Прашањето е зошто Булгартрансгаз ЕАД, кој чека да се фузират „ГА-МА“ и „НЕР“ за да се потпише договор за снабдување со еден оператор, сега се појавува во комуникација само со „НЕР“ за изградба на нова интерконекција меѓу Бугарија и Македонија?

Прашањата се многу, дилемите и сомнежите уште повеќе.

Сомнежите во искреноста на секоја напишана реченици произлегуваат од бројните лаги кои нѝ беа сервирани од врвните политички позиции во Македонија, дека Протоколот нема да биде дел од документите за македонското пристапување кон ЕУ.

Вистината е друга. „Протоколот и натаму си наоѓа место во документите на ЕУ поврзани со интеграцијата на Македонија. Најпрво, тој се споменува во Изјавата за одржувањето на првата Меѓувладина конференција, во делот посветен на регионалната соработка и добрососедските односи каде, во точката 14, се поздравува ‘договорот за Протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија(…) Овој важен чекор ќе придонесе кон добрососедските односи и регионалната соработка, кои остануваат главни елементи на процесот на проширување како и на процесот за Стабилизација и асоцијација“. (https://www.dw.com/mk/што-содржи-протоколот-од-македонско-бугарската-меѓувладина-комисија/a-62334921).

Записникот наречен Протокол содржи 20 страни, а во овој дел застанувам на 10 страна.

 

Advertisement