Проф. Д-р Катерина Тодороска: Пред и после Протоколот (Дел 4)

Записникот од Вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, формирана врз основа на членот 12 од Договорот на пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, кој се одржа на 17 јули 2022 во Софија, наречен Протокол во продолжение ги содржи информациите од работата на РГ 3 – Меѓуресорска работна група „Европска соработка – зелена транзиција и дигитална трансформација, владеење на правото“ (стр. 10 – 13). (https://www.slobodenpecat.mk/wp-content/uploads/2022/07/20220717_210139.pdf).

Таму ќе прочитате дека биле потпишани неколку меморандуми, ќе ја прочитате „Годишна програма на работната група „Европска соработка – зелена транзиција и дигитална трансформација, владеење на правото“, која го опфаќа периодот до крајот на 2022.

Нацрт-програмата ги предвидува следните заеднички активности:

– Ефективно управување

  1. „Европа од моите соништа“ – писмен натпревар за деца. Натпреварот има за цел децата од двете страни на границата да ги споделат своите размислувања за тоа каков треба да биде светот и ЕУ, за каква иднина сонуваат нивните земји. Најдобрите писма ќе бидат наградени со семеен одмор на топ дестинации во другата земја -т.е. победниците од Бугарија одат на Охридското Езеро, а оние од Македонија – во Златните Песоци.“

Имајќи го предвид фактот дека програмата/нацрт – програмата треба да се реализира до крајот на 2022 година, веројатно е дека конкурсот на оваа тема за децата ќе биде распишан во септември 2022 година, а после оценувањето на најдобрите трудови, наградените деца семејно ќе зимуваат.

  1. ……
  2. ……
  3. Размена и развој на граѓанското општество помеѓу Република Македонија и Бугарија. Активностите во оваа област имаат за цел да го зголемат знаењето на претставниците на централната власт и граѓанските организации за постојниот механизам, процедури и финансирање за поддршка на граѓанското општество и граѓанскиот плурализам во Република Македонија и Република Бугарија. Двете земји работат на формирање заеднички фонд за поддршка на соработката на граѓанските организации во Република Бугарија и Република Македонија“ (стр.11).

Имајќи ја предвид добрососедската и пријателската благонаклоност на бугарските власти кон македонскиот народ, само препоставувам дека парите од новоформираниот заеднички фонд за поддршка на граѓански организации ќе бидат дополнителен стимул за уште позасилен бран за никнување на граѓански организации на блиски роднини и пријатели на владините фотелјаши. Секако, тие ќе бидат целосно посветени на детектирање и кодошење на сите оние кои ќе ја зборуваат вистината во врска со процесот на одродување на Македонците и бришење на нивната историја.

Откако ќе се запознаете со содржината за „Зелена транзиција, заштита на животната средина“ во две точки е напишано нешто колку да биде напишано, за на крај да ви кажат дека немало досега одржано ниту еден состанок, напротив „Претстои првиот состанок на Мешовитата комисија за соработка во областа на животната средина и водите во Софија, чиј дневен ред е во подготовка“ (стр. 12).

Уште побанално е она што се нуди како текст во Записник во рамките на т.н. Дигитална трансформација и електронска контрола (стр. 12),. Имено, на 4 април 2022 година била потпишана “Електронска декларација за соработка во областа на услугите за електронска сертификација и електронска идентификација“, а објаснувачкиот текст е во стилот на народната „сакам да кажам, ама не сакам да разбереш“. Веројатно тие што работеле на Декларацијата еден ден ќе објаснат што пишувале и потпишувале.

Во продолжение следува темата „Владеење на правото“, а во неа:

„Планирано е да се работи заедно за: 1. Реални судски реформи. Во моментов, и властите во Република Бугарија и властите во Република Македонија ја .идентификуваа итната потреба за сериозна и решителна акција во однос на судските реформи. Еден од важните акценти во оваа реформа е квалитетот на човечкиот капитал во правните институции, што зависи, пред сè, од квалитетот на правното образование“ (стр. 12).

Секако, смешно е да прочитате дека двете држави ќе се залагаат за владеење на правото, ако при тоа една од двете е држава која не ги почитува правосилните Одлуки на европскот суд за човекови права во однос на признавање на постоењето на Македонците во нејзините граници. Какви ли „реални судски реформи“ може да направи некој кој реално не го почитува највисокиот суд во Унијата чија членка е?

Работата на третата работна група завршила со известувањата за „Соработка во областа на поштенските услуги“ (стр. 13).

Четвртата работна група или РГ 4 – Меѓуресорска работна група за туризам, култура, наука и образование, млади и спорт одржала заедничка средба на 22 март 2022 во Софија, при што биле  „потпишани повеќе билатерални договори кои се предуслов за развој и проширување на меѓудржавните односи на различни полиња.

  1. Програма меѓу Владата на Република Бугарија и Владата на Република Македонија за соработка во областа на образованието и науката за периодот 2022 – 2025 г.;
  2. Програма за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Бугарија и Министерството за култура на Република  Македонија за периодот 2022-2025 г.;
  3. Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за млади и спорт на Република Бугарија и Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија за соработка во областа на младите и спортот;
  4. Меморандум за соработка помеѓу Националните агенции за програмата Еразмус + на Република Бугарија и Република Македонија и Европскиот корпус за солидарност“ (стр. 13-14).

Многу симптоматична е формулацијата која ја читаме во почетокот на презентирањето на активностите на четвртата работна група, каде пишува дека биле потпишани „повеќе билатерални договори“ како ПРЕДУСЛОВ “за развој и проширување на меѓудржавните односи на различни полиња“, а во нивното подетално набројување се гледа дека не станува збор за договори туку за две програми и два меморандума. Поучени од досегашните поигрувања со именувањето и трансформацијата на бројни документи во билатералата со Бугарија, не се сомневаме дека некој од овие меморандуми или програми нема да стане официјален договор, зависно од потребата на бугарската држава.

Четвртата група разговарала и за „Соработка во туризмот“, при што, после „невидениот успех“ на авиолинијата Скопје-Софија, се разгледувала иницијатива за отворање на авиолинии Охрид-Бургас и Охрид-Варна. Можеби сè уште имаме можност да го спасиме бугарскиот „ГуливЕр“, кој, поради неволните ние да плаќаме авионска карта со Софија, несреќно ја заврши авиолинијата.

Иако, не е јасно зошто Меѓуресорската работна група за туризам, култура, наука и образование, млади и спорт расправала за „Соработка во областа на одбраната“ (стр. 14), сепак тоа е наведено како активност во Записникот наречен Протокол. Како членки на НАТО и двете држави се обврзани да ги почитуваат правилата и задачите предвидени со Договорот за пристапување кон НАТО. Оттука е многу чудно што две членки на НАТО треба да „развиваат“ билатерална одбранбена соработка. Покрај другото напишано во овој дел, читаме „ Ветувачки области за продлабочување и развој на одбранбената соработка вклучуваат, но не се ограничени на: обука на воени лекари за потребите на Министерството за одбрана на Република Македонија; јазична обука и тестирање; учество во регионални одбранбени иницијативи; заштита, одржување и реставрација на бугарските воени споменици и воени спомен-локалитети на територијата на Република Македонија; принципиелна поддршка и подготвеност за спроведување, од страна на Република Бугарија, операција за заштита на воздушниот простор според процедурите и во рамките на интегрираниот систем на НАТО; учество во проекти на НАТО и ЕУ поврзани со воена мобилност, вклучително и изградба на транспортна инфраструктура долж Коридорот 8; зајакнување на воената соработка во контекст на новите одлуки за прилагодување на Алијансата во однос на одвраќање и градење на одбранбените капацитети со фокус на источното крило на Алијансата; учество на Република Македонија во мултинационалната борбена група на НАТО формирана во Република Бугарија и последно, но не и најмалку важно, борбата против хибридните закани, сајбер безбедноста и управувањето со кризи“ (стр. 14-15).

Доколку се знае дека англискиот јазик е официјалниот јазик на кој се комуницира при НАТО активностите, нејасно е за каква јазична обука и тестирање станува збор во „ветувачка област за продлабочување“ на одбранбената соработка на македонската држава со бугарската?

Нели е срамно за единици на одбраната на било која држава, соодветно и на македонската, да ги ангажира одбранбените сили во заштита, одржување и реставрација на бугарските воени споменици и воени спомен-локалитети на територијата на Република Северна Македонија; за што пак ќе добиеме дури и принципиелна поддршка и подготвеност за спроведување, од страна на Република Бугарија“?

И нели е срамно Бугарија преку билатерална сорабтка со Македонија да предвидува, промовира или наговестува одвраќање и градење на одбранбените капацитети со фокус на источното крило на Алијансата? Или, можеби има одврзани раце да ја третира македонската територија како веќе освоена?

И кога Меѓуресорската работна група за туризам, култура, наука и образование, млади и спорт можела да расправа за одбрана, зошто не би можела да расправа и за здравство. Така, откако решиле Бугарите како треба да нè штитат, решиле и како треба да нè лекуваат. И тоа е напишано во делот „ Соработка во областа на здравството:

– Поддршка од Република Македонија за проектот „Изградба на центар за рана интервенција кај деца со аутизам во градот Тетово“, финансиран од Официјалната програма за развојна помош на Република Бугарија;

– Поддршка од Република Северна Македонија за проектот „Реконструкција и опремување на Првиот дневен центар за млади и возрасни со аутизам во Република Македонија, со непрофитното здружение „Мојот мал свет“, финансиран од Официјалната програма за развојна помош на Република Бугарија;

– Поддршка од Република Македонија за проектот „Заедничка конференција на педијатри и педијатри пулмолозите од Република Македонија и Република Бугарија на тема: Третман, превенција и превенција на Ковид19 кај децата“. Предвидено е учество на двете министерства за здравство. Проектот е финансиран од Официјалната програма за развојна помош на Република Бугарија;

– Поддршка од Република Македонија за проектот „Обука на психолози за проценка на когнитивниот и бихејвиоралниот статус на децата и адолесцентите“. Проектот е наменет за дополнителна обука на психолози во училиштата во Република Северна Македонија за справување со последиците од Ковид19. Проектот е финансиран од Официјалната програма за развојна помош на Република Бугарија;

– Поддршка од Република Македонија за проектот „Софтвер за поддршка на секојдневното следење на здравјето на пациентите со дијабетес тип 2“. Проектот е наменет за матични лекари и ендокринолози во Република Македонија. Проектот е финансиран од Официјалната програма за развојна помош на Република Бугарија;

– Поддршка од Република Македонија за проектот „Изнајмување клинички аудиометар за потребите на Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас“ – Општа болница Скопје. Проектот е наменет за матични лекари и ендокринолози во Република Македонија. Проектот е финансиран од Официјалната програма за развојна помош на Република Бугарија;

– Поддршка од Република Македонија за проектот „Зголемување на капацитетот за мамографски скрининг“. Изнајмување на првиот мобилен дигитален мамограф за потребите на Министерството за здравство на Република Македонија. Проектот е наменет за матични лекари и ендокринолози во Република Македонија. Проектот е финансиран од Официјалната програма за развојна помош на Република Бугарија“ (стр. 15).

Предвидените проекти од сферата на здравството, според напишаното во Записникот наречен Протокол, без исклучок треба да бидат финансирани од Официјалната програма за развојна помош на Република Бугарија. Кога ќе ги погледнете финансиските извештаи за кондицијата на бугарската држава јасно е дека таа е најсиромашна во Европската Унија. Според тоа се поставува прашањето зошто бугарската држава би трошела средства од својата официјална програма за помош. Освен ако со тоа, од страна на македонскиот државен врв, не ѝ се дозволува на Бугарија да се прикаже македонското здравство како дел од бугарското?

Записникот наречен Протокол продолжува со текст посветен на усвојувањето на годишните извештаи за работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Македонија и Република Бугарија (стр. 15-16).

ВТОРА ТОЧКА ОД ДНЕВНИОТ РЕД:

“Владите на Република Македонија и Република Бугарија ги усвојуваат извештаите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања (наречена понатаму “Комисијата”) за периодот 10 јуни 2019 до 10 јуни 2022 г. со следните забелешки:

  1. Во текот на наведениот период опфатен со извештаите, Комисијата има остварено 13 состаноци. Кон Протоколот, се приложуваат годишните извештаи за овој известителен период. Работата на Комисијата се оценува дека е под очекувањата споредено со Протоколот од состанокот на Заедничката меѓувладина комисија од 2019, согласно чл. 12 од Договорот од 2017.
  2. Двете држави ја охрабруваат Комисијата да ја забрза својата работа и да се постигнат јасни резултати, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот од 2017. Двете влади ја потврдуваат својата поддршка за работата на Комисијата и се ангажираат да создадат поволни услови за нејзина работа, ја охрабруваат да работи со поголема ефективност и за постигнување на конкретни резултати, врз основа на строго научна дебата и со цел претставување на факти и настани од заедничката историја која ги поврзува двете држави и нивните народи, во образовните системи на двете држави.

Во својата работа Комисијата треба да се придржува кон одредбите на чл. 8, т. 2 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, односно “… да придонесе за објективно и научно толкување на историските настани, засновано на автентични историски извори кои се базирани на докази“. Согласно одредбите од договорот од 2017 год., работата на Комисијата не може да биде еднострано прекината.

Двете држави, преку надлежните министерства и единиците на локалната самоуправа, во рок од две години, да ги вклучат сите веќе меѓусебно договорени резултати од работата на Комисијата, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот, во учебните програми, учебници и релевантните учебни материјали, а истите резултати да ги земат предвид и да се рефлектираат врз содржините на натписи на споменици, знаци, информациски материјали во музеи и други објекти со образовно и културно значење, како и релевантните информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост. Двете држави ќе ги усогласат, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот, методолошките упатства, учебниците и други релевантни учебни материјали, соодветно со препораките на Комисијата, во период не подолг од две години по нивното одобрување од Заедничката комисија по чл. 12.

При изучувањето, оригиналите на соодветните историски извори и литературни текстови, да бидат достапни, да се користат и презентираат од соодветните образовни институции. Сите идни резултати од работата на Комисијата ќе се објавуваат заеднички од двете држави во рок од шест месеци по усвојувањето на договорените текстови од Заедничката меѓувладина комисија по член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Ако тоа не е направено во посочениот период, секоја држава ќе има право да ги објави самостојно.

Што се однесува до текстот во Записникот наречен Протокол по втората точка, таа претставува класично фалсификување или подметнување на неточности во однос на Комисијата.

Имено, напишаното дека „Двете влади …. ја охрабруваат (Комисијата-К.Т) да работи со поголема ефективност и за постигнување на конкретни резултати, врз основа на строго научна дебата“ и дрска лага бидејќи доколку се бараше Комисија која ќе работеше „врз основа на строго научна дебата“ членовите на Комисијата ќе беа избрани од исторската фела, а не од политички партии. При тоа, пишувачот на Записникот наречен Протокол цитира текст од на чл. 8, т. 2 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, според кој Комисијата треба “… да придонесе за објективно и научно толкување на историските настани, засновано на автентични историски извори кои се базирани на докази“. Според досеганото виткње на р‘бетот на македонските „избраници“, комично е да се бара научна дебата од политички заштитени ликови, именувани да аминуваат политичко поткусурување со македонската држава.

Кон тој текст за небаре строга научна дебата, пишува: „Согласно одредбите од договорот од 2017 год., работата на Комисијата не може да биде еднострано прекината“ (стр. 16). За информација на јавноста ќе потсетам дека создавањето на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања е предвидено во член 8 од Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.

Во членот 8 од тој Договор се вели:

„1. Двете Договорни страни ќе ја поттикнуваат активната и непречена соработка во областа на културата, образованието, здравството, социјалната грижа и спортот.

  1. Во рок најдоцна до три месеци од влегувањето во сила на овој договор, со цел продлабочување на заемната доверба, двете Договорни страни ќе формираат Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на Договорните страни.
  2. Двете Договорни страни ќе организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности“

(https://vlada.mk/sites/default/files/dogovori/Dogovor_Za_Prijatelstvo_Dobrososedstvo_Sorabotka_Megju_Republika_Makedonija_I_Republika_Bugarija.pdf).

Со оглед на фактот што никаде на друго место не е споманта оваа Комисија во никков контекст, прашањето е како и согласно кои одредби од 2017 година во Записникот наречен Протокол се појави став дека „работата на Комисијата не може да биде еднострано прекината“. Сметам дека ваквото подметнување на непостоечки информации и фалсификување на Договорот од 2017 година има само една цел: да ѝ овозможи на македонската политичка врвушка да се повикува на некаков си документ според кој „нема да смее“ да го послуша мислењето на стручната фела за укинување на Комисијата за распродажба на македонската историја.

Во духот на бугарските фалсификати низ историјата, го бележиме и фалсификатот на ВТОРИОТ СТАВ од ЧЛЕН 8 од Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија потпишан на 1 август 2017 година, кој гласи:

  1. Во рок најдоцна до три месеци од влегувањето во сила на овој договор, со цел продлабочување на заемната доверба, двете Договорни страни ќе формираат Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на Договорните страни.

Според фалсификаторите на Дговорот, овој став треба да се толкува според фрлени гравчиња во тава, што како краен рзултат треба да звучи вака: „Двете држави ќе ги усогласат, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот, методолошките упатства, учебниците и други релевантни учебни материјали, соодветно со препораките на Комисијата, во период не подолг од две години по нивното одобрување од Заедничката комисија по чл. 12“.

Се разбира, како историчари, навикнати сме на „свежо испечени“ документи во бугарските кујни, но убаво е тоа да ѝ се предочи и на јавноста. Не онаа во Европа, која со примерот на Грција докажа дека помили ѝ се уценувачите и фалсификаторите од чесните народи.

И за крај на овој дел.

Денес, прочитав изјава на Ковачевски, во која меѓу другото стои: „Постои Историска комисија и таа нема влијание од политичарите и одлучува со консензус. Во 2022 година, кога сме изградиле општество што е пример за мултикултура во Европа, успеавме да воспоставиме институции какви што нема во Европа, и некој да тврди и да манипулира дека некој ќе го асимилира… Никогаш не бил асимилиран народот во историјата и не го изгубил идентитетот“ (https://fokus.mk/kovachevski-nema-nikakov-protses-na-asimilatsija-ili-bugarizatsija/?fbclid=IwAR2Yr8M3XUgMqGlG23FCX7D5mYRojwdXQSYGiPNCYO_WQLa4nue1gjs3i_g).

Не знам на што ги темели овие тврдења Ковачевски, ама едно е сигурно. И досега во македонската политика имало паушалности, ама олку злонамерни и олку погубни за македонската држава, НЕ.

Advertisement