Проф. Д-р Катерина Тодороска: Пред и после Протоколот (Дел 5)

Третата точка од дневниот ред на Вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, формирана врз основа на членот 12 од Договорот на пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, кој се одржа на 17 јули 2022 година во Софија се однесува на „Усвојување на насоки за дејствување во исполнувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија за следниот период“.

Во Записникот наречен Протокол, по однос на оваа точка  не е наведен периодот во кој тоа треба да се случи, ама затоа стои: “Република Бугарија изјавува подготвеност да се согласи да се одржи првата политичка меѓувладина конференција на ЕУ и Република Македонија, со разбирање дека следната Меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство ќе се одржи веднаш откако Република Северна Македонија во својот Устав ќе ги вклучи оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на државата и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ“ (https://www.slobodenpecat.mk/wp-content/uploads/2022/07/20220717_210139.pdf).

Ова значи дека македонската Влада уште со Записникот наречен Протокол се согласила со тоа меѓувладината конференција „…за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство ќе се одржи веднаш откако Република Македонија во својот Устав ќе ги вклучи оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на државата и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ“ (стр. 16), што од своја страна значи дека еуфоријата за тоа дека македонската држава ги започна преговорите за пристапување кон ЕУ беше предизвикана од лажно претставена перцепција со цел да се замае јавноста од вистината. А вистината е дека не Бугари, не бугарско малцинство, туку БУГАРСКИОТ НАРОД треба да влезе во Уставот на Република Македонија.

За познавачите на користената терминологија ова значи дека оние три илјади и нешто самодекларирани Бугари во Македонија ќе го добијат статусот на Македонците и другите, многу побројни од нив, жители во нашата држава. А тоа дополнително ќе повлече огромен број на измени во нашите закони, трошоци кои ќе треба македонските граѓани да ги плаќаат за да се исполнат „желбите“ на бугарскиот народ во Македонија. При тоа, никаде не се спомнува реципроцител или примена и реализирање на пресудите на Европскиот суд за правата на Македонците во Бугарија.

Во однос на желботеката на Бугарите, кои Македонија треба да ги исполни за да не плаче европското милениче, наведени се, во неколку групи мерки со различни дообјаснувања.

Првата група се однесува на „Мерки кои треба да бидат преземени пред Меѓувладината конференција за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори“ (стр. 16). Самото именување на оваа група од желботеката на Бугарите повторно со игра на зборови, јасно покажува дека Македонија НЕ ги започнала преговорите за влез во ЕУ на 19 јули 2022 година, туку наведените мерки се оние кои треба да бидат РЕАЛИЗИРАНИ, а НЕ ПРЕЗЕМЕНИ, за Бугарија да се одоброволи да потврди дека се КОМПЛЕТИРА ФАЗАТА ЗА ОТВОРАЊЕ НА ПРИСТАПНИТЕ ПРЕГОВОРИ. Првата реченица во овие мерки гласи: „Владата на Република Северна Македонија се согласува следната Меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство на Република Северна Македонија да се одржи откако во сила ќе влезe измената на Уставот на Република Северна Македонија за вклучување на оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на државата и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, согласно внатрешните процедури, вклучително и уставен закон за нивно спроведување“ (стр. 17).

Барањето да се воустави бугарскиот народ во македонскиот Устав на народ кој е ист со македонскиот, со јазик кој е дијалект на бугарскиот е своевидна интелектуална инфантилност, но ете и тоа го имало. Едни го напишале, други потпишале. Од ова произлегува дека НЕ САМО што бугарскиот народ ќе треба да се запиште во македонскиот Устав со иста важност како македонскиот и другите државотворни граѓани, туку треба да се донесе и УСТАВЕН ЗАКОН за нивно спроведување. Што ќе содржи УСТАВНИОТ ЗАКОН, од сега може да се предвиди. Прашањето е дали и реализирањето на дополнителната желботека на Бугарите за спроведување на нивните барања за спроведување на запишаното во УСТАВНИОТ ЗАКОН ќе бидат дополнителен услов за реализирање на дополнителни уцени кон Македонија? Јас мислам, ДА.

Ова покажува само едно. На членовите на македонската Влада уште пред да заминат на т.н. Меѓувладина конференција од 19 јули 2022 година, јасно им било дека само со медиумско бомбардирање преку нивните новинари-пулени, ќе треба да создадат еуфорична перцепција за наводен постигнат невиден успех на патот кон ЕУ, кој по завршувањето на Конференцијата треба доведе до делириум кај огламнетиот дел од македонските жители.

Како и во секој друг билатерален документ и во овој Записник наречен Протокол стои дека „ Владата на Република Македонија во согласност со чл. 11 ал. 5 од Договорот од 2017, потврдува дека ништо во нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статутот и правата на лица, кои не се граѓани на Република Македонија“ (стр. 17). Секако, болката на Бугарија да се потврди дека НЕМА Македонци во Пиринска Македонија е константна, па дури и патолошка. А ова и одлуките на европскиот суд се најдобар доказ дека во Бугарија како европска држава НЕ ВАЖАТ меѓународните закони за почитување на основните човекови права. Но, тоа Европа не ја интересира оти таа е демократска онаму кај што сака.

Додека Македонија „ потврдува дека ништо во нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статутот и правата на лица, кои не се граѓани на Република Македонија“, демократската Европа застанува зад антидемократската членка која бара нејзините граѓани во Македонија да бидат запишани како НАРОД. И ова го потпишал Бујар Османи од име на македонската Влада.

Како подточка во оваа група на желби, Бугарите напишале, а нашиве потпишале пропозиции за „Говор на омраза“ во кои стои: „Државите ја потврдуваат обврската за преземање на мерки против секој вид на говор на омраза и ги определуваат министерствата за надворешни работи за контакт и за информирање на надлежните институции за заедничко идентификување на такви случаи, во написи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор.

Државите ќе создадат, без одложување, соодветна процедура и конкретни чекори за преземање на брзи и ефективни мерки при идентификување на такви случаи.

Двете држави ќе преземат ефикасни мерки за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности, кои би наштетиле на нивните односи“ (стр. 17).

Во 21 век, кога некој зборува за демократија, која меѓу другото вклучува и коментирање на недолични или штетни одлуки и пракси на секоја јавна личност, да предвидувате „ефикасни мерки за превенирање на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности, кои би наштетиле на нивните односи“ во најмала рака е пораз на основното демократско право на слобода на говорот. Дополнително што „ … обврската за преземање на мерки против секој вид на говор на омраза и ги определуваат министерствата за надворешни работи за контакт и за информирање на надлежните институции за заедничко идентификување на такви случаи, во написи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни програми, како и во јавниот простор“, што значи дека кодошењето ќе се одвива преку Министерството за надворешни работи. Веројатно, по принцип од периодот после Вротата светска војна, ќе го накодошам „секој што не ми е по волја“ и ќе оди на Голи Оток. Дури и ако кажаното е вистина, ама не по мерка на кодошот кој, небаре, ќе седи во кафеана на кафе со пријателите. Невиден инфантилизам во 21 век. Секако, ова не важи за бугарските негирачи на историските факти за македонскиот народ, историја, јазик, традиција. И ова го потпишал Бујар Османи од име на македонската Влада.

Следната точка е “Рехабилитација на жртвите на репресии во комунистичкиот период“ (стр. 17-18). Во неа, покрај другото стои: „Владата на Република Македонија, во согласност со ‘Декларацијата за извинување на жртвите од репресиите од режимот во периодот 1945-1990 година‘ усвоена во 2006 год. од Собранието на тогашната Република Македонија и во духот на ‘Резолуцијата на Европскиот парламент за Европската совест и тоталитаризмот од 2009 год‘., да ја реафирмира осудата и извинувањето за неправдите и репресиите извршувани во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенските комунистички власти против граѓани врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучително и Бугарите“ (стр. 17).

Составувачот на оваа желба сигурно ги имал предвид ТРАГЕДИИТЕ што ги преживеале БУГАРИТЕ во Југославија т.е. Македонија, ама ги заборавил РЕПРЕСИИТЕ, ТРАГЕДИИТЕ и УБИСТВАТА на Македонците во Бугарија. Од друга страна, во оваа желба на Бугарија се повикува на “Декларацијата за извинување на жртвите од репресиите од режимот во периодот 1945-1990 година‘ усвоена во 2006 год. од Собранието на тогашната Република Македонија“ (https://dejure.mk/zakon/deklaracija-za-izvinuvanje-na-zhrtvite-od-represijata-od-rezhimot-vo-periodot-od-1945-do-1990-godina). Во неа стои:

„  1. Собранието на Република Македонија како орган на државата и во нејзино име, изра-зува жалење и им се извинува на граѓаните на Република Македонија, како и на членовите на нивните семејства на кои во периодот од 1945 до одржувањето на првите повеќепарти-ски парламентарни  избори во 1990 година,  им е  нанесена неправда  со акти  на кривично гонење и  други видови репресија,  кои  се осудени без  основ и без  докази, без правна  по-стапка или со нејзино кршење или кршење на нивните елементарни права.

  1. Собранието на Република Македонија смета дека е потребно да се создадат законски и други правни основи за утврдување на поединечните случаи на неоправдано репресира-ње на граѓаните и услови за праведна сатисфакција за сторените неправди.
  2. Заради целосна реализација на целите од точката 2 на оваа декларација, Собранието се залага евиденцијата за преземените казнени и други мерки на репресија што во перио-дот од 1945 до 1990 година се води во Министерството за внатрешни работи да се стави на располагање на репресираните граѓани, членовите на нивните семејства и нивните застапници, Министерството за правда, Јавниот обвинител и судовите“(Службен весник. на Р.М. бр:45/2006 од 07.04.2006 година, влезена во сила на:15.04.2006 година.).

Оваа Декларација се однесува на македонските државјани, кои во периодот од 1945 до 1990 година, по разни основи биле репресирани од државните институции. Сега се бара од македонската Влада “да ја реафирмира осудата и извинувањето за неправдите и репресиите извршувани во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенските комунистички власти против граѓани врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучително и Бугарите“. Со оглед на вазалската улога која ја игра македонската Влада во овој процес, дниве забрзано се работи на “… нов закон со кој ќе се обелоденат сите досиеја од ’45та до ’91вата година согласно потпишаниот Протокол со Бугарија. Станува збор за обврска која Македонија ја презеде со потпишаниот Протокол за рехабилитација на жртвите од комунизмот, а во рок од една година мора да се отворат архивите на поранешните државни безбедносни служби од времето на комунизмот, вклучително и полицијата, цивилното и военото разузнавање“ (https://24.mk/details/se-podgotvuva-zakon-za-objavuvanje-). Иако, Декларацијата од 2006 година се однесува на лица во Југославија репресирани до 1990 година, на која се повикува пишувачот на Записникот наречен Протокол тој, во својата желба отишол година натаму, т.е. до 1991 година.

Вториот документ на кој се повикува во оваа точка е „Резолуцијата на Европскиот парламент за Европската совест и тоталитаризмот од 2009 год.“ каде стои „членовите на ЕП повикуваат за отворање на архивите во сите земји-членки,“ (https://www.sobranie.mk/april-5dabb8e3-3356-4e2b-903f-35f4b0e90ef8-ns_article-usvoena-rezolucijata-evropskata-sovest-i-totalitarizmot-03-04-09.nspx). Бидејќи ваквата обврска се однесува на земјите членки, Македонија НЕМА никаква обврска кон оваа Резолуција, што значи дека спомнувањето на Резолуцијата во овој Записник наречен Протокол има намера да манипулира со јавноста. При тоа, на македонската Влада како претставник на земја  аспирант за влез во ЕУ ѝ дава алиби за повикување на европска Резолуција која не ја почитуваат ниту европските членки како Бугарија.

Носењето на ваков Закон значи дека сега Бугарите ќе „одберат“ лица кои имаат двојно македонско и бугарско државјанство и, како членка на ЕУ, ќе мафтаат дека тоа се лица кои биле „насилно помакедончени“ од српските служби во Југославија. И така, една по друга лага ќе повторуваат до недоглед за лагата да стане вистина. Дополнително, ќе добијат можност да измислуваат нови барања и промени во УСТАВНИТЕ ЗАКОНИ за нивни потреби. Секако, тоа ќе биде уште еден од недогледните услови за „одоброволување“ на Бугарите за ЗАПОЧНУВАЊЕ на пристапни преговори на Македонија во ЕУ. Дополнително што со ваков закон би се ставиле на „тацна“ на Бугарите сите оние Македонци кои на било кој начин, ПРЕБЕГАЛЕ од Бугарија во Југославија/Македонија за да си ги заштитат семејствата од ТЕРОРОТ кој го трпеле во Бугарија.

Овде се манипулира со јавноста дека оваа активност ќе биде реципроцитетна, исто како што се манипулира за сè останато. За да се замачкаат очите на македонската јавност во Записникот наречен Протокол стои: „Бугарија изјавува дека веќе овозможила и ќе продолжи да овозможува пристап кон архивите на репресивниот апарат на поранешните служби на државната безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилното и воено разузнавање и контраразузнавање, со што создаде јасни можности за слободен, неограничен и благовремен достап, за проучување и право за употреба, објавување и институционално проучување и заштита на соодветните документи“ (стр. 17). Овој дел од „мерките“ најдобро ги знаат Македонците во Пиринска Македонија, кои од 1945 година до ден денес се под невидена РЕПРЕСИЈА за да “заборават“ дека се Македонци. Ниту ним, ниту било кому се достапни нивните досиеја, но заради амортизирање на македонската јавност и заради замајување на европските институции, стои еден дел во Записникот наречен Протокол, во кој Бугарите „се согласиле“ на реципроцитет.

Дури сега станува јасно дека македонската документација е исклучително важна за опстојбата на државата бидејќи во неа се наоѓаат документите за сите оние кои на овој или оној начин придонеле за опстојувањето на македонската држава, но и за нејзиното поткопување. Овде не можам, а да не го спомнам ОТКОРНУВАЊЕТО на Државниот архив на Република Македонија од неговата наменска зграда, по налог на Никола Груевски. Наместо бесценетото национално богатство да се наоѓа во зграда која е градена по сите светски стандарди за државен архив, денес најважната институција во државата чмае во несоодветни простории покрај Вардар. Денес пак, е уште појасно зошто и Владата на СДСМ не го врати Државниот архив во својата зграда бранејќи се со некаква минорана донација. Секако, ним не им е јасно дека и наменската зграда на Државниот архив е постземјотресна ДОНАЦИЈА.

Последната точка од првата група на мерки, со кои се бара ние, како Македонци да се самоуништиме, се однесува на „Темата за историјата“ (стр.18). Во оваа точка се содржани бројни небулози кои јасно покажуваат дека текстот на Записникот наречен Протокол е набрзина изваден од ракав.

Имено, иако во овој текст зборувам за третата точка од Дневниот ред во Записникот наречен Протокол, ќе се навратам на првата подточка од втората точка од Дневниот ред. Таму стои: „Во текот на наведениот период опфатен со извештаите, Комисијата има остварено 13 состаноци. Кон Протоколот, се приложуваат годишните извештаи за овој известителен период. Работата на Комисијата се оценува дека е под очекувањата споредено со Протоколот од состанокот на Заедничката меѓувладина комисија од 2019, согласно чл. 12 од Договорот од 2017“ (стр. 15-16).

Ова значи дека Записникот наречен Протокол е инвалиден документ бидејќи кон него не се приложени годишните извештаи на Комисијата за историски и образовни прашања, што значи дека не можеме да провериме што содржат тие извештаи. Затоа пак во првата подточка на „Темата за историјата“ од третата точка од Дневниот ред стои: „ По потпишувањето на овој Протокол, државите ќе ги објават на интернет страните на двете влади сите веќе усвоени препораки од досегашната работа на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, во рок од еден месец“ (стр. 18). Вака срочениот текст алудира на тоа дека ИЗВЕШТАИТЕ во кои треба да се застапени „ сите веќе усвоени препораки од досегашната работа на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања,“ НЕ СЕ дел од Записникот наречен Протокол.  Така јавноста не смее да знае што нашите „стучни“ лица нѝ „договориле“ со бугарските им колеги. Секако, ние сме трпеливи па ќе го почекаме и тој еден месец за објавување на  „усвоени препораки“.

Втората алинеја од подточката „Темата за историјата“ кажува дека „Согласно чл. 8 ал. 3 од Договорот, двете држави прифаќаат во 2022 и 2023 да ги чествуваат сите заеднички историски настани и личности кои се веќе договорени од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Доколку има политичка волја од двете држави, ќе се прославуваат и други заеднички историски настани и личности“ (стр. 18).

Да ве потсетам на ал. 3 од член 8 од Договорот: „ 3. Двете Договорни страни ќе организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности“.

Кога ќе се види дека во Договорот НЕ ПОСТОИ обврска „заедничките чествувања на заеднички историски настани и личности“ да бидат одредени од Комисијата, потоа нејаснотијата што Комисијата во меѓувреме нѝ одредила јасна е потребата напишана погоре: „Доколку има политичка волја од двете држави, ќе се прославуваат и други заеднички историски настани и личности“. Ова е најдобар показател дека Комисија за историски и образовни прашања е само параван за реализација на „политичка волја од двете држави“.

Општо познато е дека територијалните претензии на Бугарија кон Македонија, кои се нескриени со славењето на РУСКАТА КРЕАЦИЈА наречена Сан Стефанска Бугарија, се наоѓаат во сите бугарски учебници за децата во основните и средните училишта. И тоа, на демократска Европа не ѝ пречи, но ѝ пречи што нашите соседи се вознемириле од една лекција за Самоиловата држава во учебник за 7 одделение. Дури и тоа е влезено во Записникот наречен Протокол, а преку него и ЦЕЛА ЕВРОПА се „вознемири“ од вистината. За ова ќе прочитате дека: „ Владата на Република Северна Македонија ќе подготви и достави прелиминарен урнек од лекција за 7 одделение од образовната програма на Република Македонија на тема Самоилова држава, во согласност со препораката на Комисијата, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот“ (стр. 18).

Замислете, една Влада на држава во која населението се бори со сиромаштија, држава која не ги има решено основните економски, социјални, политички, здравствени параметри, треба да „подготви и достави прелиминарен урнек од лекција за 7 одделение од образовната програма на Република Македонија на тема Самоилова држава, во согласност со препораката на Комисијата, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот“. Патем, ал. 2 од 8 член од Договорот НЕМА НИТУЕДЕН ЗБОР за ваквата бугарска инфантилна идеја, бидејќи во него стои: „2 .Во рок најдоцна до три месеци од влегувањето во сила на овој договор, со цел продлабочување на заемната доверба, двете Договорни страни ќе формираат Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на Договорните страни“

(https://vlada.mk/sites/default/files/dogovori/Dogovor_Za_Prijatelstvo_Dobrososedstvo_Sorabotka_Megju_Republika_Makedonija_I_Republika_Bugarija.pdf).

И за крај на овој дел од моето видување на Записникот наречен Протокол. Се наведува дека „Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања ќе разработи и реализира план за работа, кој предвидува одржување на 8 до 10 состаноци на годишно ниво“ (стр. 18).

Веќе пишував дека оваа Комисија со запишаното во Записникот наречен Протокол „Согласно одредбите од договорот од 2017 год., работата на Комисијата не може да биде еднострано прекината“ (стр. 16), а одредбите во Договорот од 2017 година, НИКАДЕ не спомнуваат дека работата на Комисијата не може еднострано да биде прекината. Така, сега со овој дел од Записникот наречен Протокол дури се наложува Комисијата да одржи од 8 до 10 состаноци. Ако се знае дека членовите на Комисијата се ДЕБЕЛО платени од парите на народот кој одвај врзува крај со крај, сега дополнително треба да плаќа 8 до 10 шетанции и седенки, придружени со „сериозна“ работа на „креирањето“ на заеднички историски настани и личности.

Ете, тоа е дел од она на што македонската Влада се согласила при седенката со добрососедите и пријателите Бугари, кои, мислат дека другому копаат дупка. Ама, народот рекол: „Кој другому дупка копа, сам во неа паѓа“. А историјата, во многу наврати, тоа го има потврдено.

Advertisement