
Во мојот последен, шести по ред, тематски текст за Записникот наречен Протокол, сè уште се задржувам на третата точка од дневниот ред на Вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, формирана врз основа на членот 12 од Договорот на пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, кој се одржа на 17 јули 2022 година во Софија, која се однесува на „Усвојување на насоки за дејствување во исполнувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија за следниот период“.
Во петтиот дел се задржав на првата група „Мерки кои треба да бидат преземени пред Меѓувладината конференција за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори“ (стр. 16-18).
Секако, пишувачот на овој Записник наречен Протокол не изумил, покрај мерките кои треба да ги преземе Македонија ПРЕД да се комплетира фазата на отворање на пристапните преговори, да наведе и втора група „Мерки кои треба да бидат превземени по одржувањето на Меѓувладината конференција за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори“ (стр. 18). Од самото групирање на овие т.н. мерки јасно се гледа дека НЕ само исполнувањето на мерките од првата група, туку и реализираното на оние мерки ПО одржувањето на Меѓувладината конференција, ќе бидат вреднувани во процесот кој нѝ го зацртала Европа, преку вазалот Бугарија, за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори.
Пред да почнам да го презентирам и коментирам напишаното во втората група мерки, само ќе кажам дека ТЕКСТОТ НА ТРЕТАТА ТОЧКА од Записникот наречен Протокол НЕМА НИКАКВА ВРСКА со напишаното во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија од 2017 година. Напротив, напишанито во Записникот наречен Протокол е наметнување на сосема нови, уценувачки барања од „демократскиот свет“ кон Македонија, барања кои најблаго можат да се подведат на барања за самоуништување на еден народ. Но, и барања кои во историјата на човештвото не се познати. Секако, тоа се и барања кои ниту една политичка постава на една држава не смее да дозволи да ѝ бидат наметнати, а камо ли од неа да бидат и прифатени.
Еве што содржи желботеката на Бугарите во овој дел од Записникот наречен Протокол.
„Владата на Република Северна Македонија до почетокот на учебната година 2023-2024 да ја промени содржината на учебникот по географија за 7 одделение, заради неосновани етнички/територијални претензии.
Двете држави се согласија, при утврдување на други случаи на неосновани етнички/територијални претензии во учебници и учебни помагала, тие да бидат извадени од образовните програми и нивната содржина да биде променета“. (стр. 18). Ова значи дека македонската Владата во чиј состав лекар е министер за надворешни работи, каде госпожа со завршен Педагошки факултет е министер за култура итн. итн. прифатила да ПРОМЕНИ СОДРЖИНА на учебник заради „неосновани етнички/територијални претензии“ ПО БАРАЊЕ на соседна држава која во секој учебник ја има отпечатено картата на РУСКИОТ ПРОДУКТ, Сан Стефанска Бугарија која карта, за европските демократи“ НЕ Е израз на територијални претензии. Патем, македонската Влада со сета нејзина „стручнот“ и поучена од своите советници, треба да „ утврди други случаи на неосновани етнички/територијални претензии во учебници и учебни помагала… тие да бидат извадени од образовните програми и нивната содржина да биде променета“. И сето тоа „ до почетокот на учебната година 2023-2024“ што значи дека ако не им се исполни желбата на Бугарите ДО почетокот на 2023/24 година, НИШТО ОД ПОЧЕТОКОТ НА ПРЕГОВОРИТЕ. Според тоа, ЛАГАТА за тоа дека сме ги почнале преговорите со ЕУ, континуирано се вивнува со помош на пулените-новинари и „интелектуалци“, а информацита за тоа колку пари се трошат за одржување на лажната еуфорија, ќе излезе по некоја година.
Дополнително, како држава ќе треба да ги информираме Бугарите „… за сите промени во содржината на сите учебници, учебни помагала и методолошки поими во своите образовни програми и да достават копии од новите изданија“. Секако, за да биде „забавно“ и замајувачко за народот небаре ваквата обврска вклучува реципроцитет стои дека „Двете страни се обврзуваат последователно меѓусебно да се информираат…“. Перверзија е слаб збор.
Ако се знае дека секоја држава гради образовен систем за своите внатрешни потреби, но и за подготовка на кадар кој, по оспособувањето би работел за добробитта на својата држава, тогаш е јасно дека интересот на друга држава не смее ни малку не влијае во креирањето на образовната политика во било која земја. Ова што го потпишал лекарот – министер во МНР се сведува само на констатацијата за лично и државно понижување и вазалност кон вазалот!
Во вториот дел „ Мерки кои треба да бидат превземени по одржувањето на Меѓувладината конференција за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори“ прва подточка е „Говор на омраза“ (стр. 18-19).
Објаснувањето кое го имавме во првата група на мерки, во оваа група е надградено и проширено до недозволиво понижувачко ниво за македонските граѓани. Во него стои дека не само што треба да се кодошиме во Македонија, туку треба да идентификуваме „говор на омраза …. и во јавниот простор на територијата на другата држава…“.
Натаму, лекарот од македонската Влада потпишал: „Двете држави да гарантираат дека државното финансирање на нови книги, документарни изданија и списанија, филмови и друга уметничка продукција, како и на споменици на културата и прослави, ќе се реализира во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и во овој контекст, секој субјект финансиран од државата ќе потврди преку јасна и обврзувачка изјава дека ќе го следи со неопходното внимание прашањето за неприфаќање на сите форми на говор на омраза и непочитувањето на оваа должност ќе претставува основа за прекин на понатамошното државно финансирање на ваквиот субјект“ (стр. 18). Ова значи дека секој од нас, кој ќе конкурира за државни средства за финансирање/кофинансирање на проект „… ќе потврди преку јасна и обврзувачка изјава …“ дека НЕМА да ја кажува вистината за татарското потекло на Аспарух, за РУСКАТА КРЕАЦИЈА на СанСтефанска Бугарија од 1878 година, за распарчувањето на македонската етничка територија во Букурешт во 1913 година, за колежите од фашистите во Дабница (19 септември 1942 година), Ваташа (16 јуни 1943 година), итн. итн.
Потоа, потпишале дека доколку на Бугарите некој му пречи, ќе се јави кај македонските кодоши и тие кај повисоките државни кодоши кои треба да го казнат „… непочитувањето на оваа должност (што-К.Т.) ќе претставува основа за прекин на понатамошното државно финансирање на ваквиот субјект …“. Замислете, субјектот да е правно лице и тоа на Бугарите не им е по мерка, па македонските власти треба НЕ ДА НЕ ГО ФИНАНСИРААТ проектот кој им пречи на Бугарите, туку „ќе претставува основа за прекин на понатамошното државно финансирање на ваквиот субјект“ односно ФИРМАТА. Така, ќе оставиме стотици лица без егзистенција, а Министерството за култура ќе го претвориме во Министерство за забава, по мерка на Бугарите.
Натаму, благодарение на сервилноста на „интелигенцијата“ од владините фотелји, во Македонија ќе бидеме санкционирани ние, историчарите, по секој наш напишан збор. Единствено добро во овие желанија на Бугарите е што нема казни за нас, во висина од илјадници илјади евра за секоја напишана ВИСТИНА. Или тоа ќе нѝ го одредат лекарот и тајфата му во македонската Влада.
Но, пријатели. И тоа не е сè.
Во натамошниот текст, откако двете држави ќе ги замолчат и обезличат државните институции, следни се приватните субјекти. Оти никој не смее да ја поремети идилата во која Владите на двете држави коегзистираат. Ниту приватните субјекти нема да смеат да работат на проекти со НЕЗАБАВНА содржина. Па затоа запишале: „Двете држави ќе преземат ефикасни мерки за превенција на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе одвраќаат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности кои би ги повредиле нивните односи“.
И секако, дури и за ова се најдоа поддржувачи – „интелектуалци“, широкоградо испрчени пред европската иднина која нè чека по 20-тина години.
Во подточката „Рехабилитација на жртвите на репресии во комунистичкиот период“ (стр. 19) во основа се истите барања на Бугарите како и од претходната група точки (види https://vesnik-ilinden.com/prof-d-r-katerina-todoroska-pred-i-posle-protokolot-del-5/?fbclid=IwAR3ST9uODYiyT-Y26mNJYARvMaWB6QTXLp4qYpAEoBsIUSgxJ66FAEg3jJQ). Она што овде е новина е напишаното дека „… Владата на Република Северна Македонија, во рок од една година, да ја создаде неопходната сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите…“, додека ревносната македонска Влада дниве забрзано работи на закон со кој ќе го стави на тацна секој македонски граѓанин на странска држава. Невидено и нечуено во светски рамки. Како „реципроцитет“ на ова доброволие на македонската Влада, Бугарија ќе донесе пет-шест досиеја во некој новоформиран архив и тоа ќе биде сè од реципроцитетот. Соодветно на сè досега направено од Бугарија кон Македонија тоа ќе биде доволно за демократска Европа бидејќи „…Владата на Република Бугарија ќе ги сподели своите искуства во оваа област, вклучително во однос на создавањето на специјализиран централизиран архив, врз основа на преземеното законодавство од оваа област од страна на државата во текот на 2006 г.“.
Третата подточка е „Темата за историјата“. Сушност, „темата за историјата“ е единствената тема во овој Записник наречен Протокол, бидејќи без сè друго Бугарите би преживеале, ама без „китењето со туѓи перја“, никако.
Многупати беше коментирано што содржи оваа подточка.
Според мене, „двете држави“ ѝ ставаат јамка околку врат на Заедничката комисија. Со „одобрените текстови“ на Комисијата двете Влади треба “… да се придржуваат …. како основа за организирање на заедничко или индивидуално чествување, како и да се придржуваат кон нив во јавните говори и изјави за заеднички личности и настани за кои се организираат ваквите чествувања“ (стр. 19). Замислете, Комисијата да напише дека Бугарите се со татарско потекло, а Македонците со античко/словенско потекло и кон тоа “Двете држави да се придржуваат кон одобрените текстови од Заедничката меѓувладина комисија по чл. 12, …. и да се придржуваат кон нив во јавните говори и изјави за заеднички личности и настани за кои се организираат ваквите чествувања“. Замислете, „… јавните говори и изјави за заеднички личности и настани…“ напишани САМО СПОРЕД одобрените текстови од Заедничката меѓувладина комисија. Погоре реков, перверзија? Не, тој збор е преслаб за да се даде квалификација за потпишаново од страна на лекарот.
За текстот на оваа подточка, според која „ Двете држави, преку надлежните институции, да подготват и претстават предлог текстови за лекции врз основа на препораките на Комисијата во однос на настани и историски личности од заедничката историја, за кои Комисијата постигнала согласност – кои ќе бидат приложени кон Протоколот за следниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија по член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и во иднина да ги вклучат во соодветните учебни програми, учебници и други релевантни учебни материјали, а истите да ги земат предвид и да се рефлектираат врз содржините на натписи на табли, историски споменици, споменици и информациски материјали во музеи и други објекти од образовно и културно значење, како и во информативни медиуми во јавна сопственост“, можам да пишувам многу.
Но, ќе се задржам само на најнеопходните нешта.
Прво, тоа е бришењето на можноста за рационално размислување и креативност на македонските граѓани. Доколку се придржуваме до овде напишаното, ние СИТЕ, без исклучок ќе МОРА да ги следиме „ … препораките на Комисијата во однос на настани и историски личности од заедничката историја, за кои Комисијата постигнала согласност – кои кои ќе бидат приложени кон Протоколот. Ова пак значи дека секој од нас треба да се придржува кон „светите препораки на Комисијата“, кои претпоставувам ќе нѝ ги издлабат на мермерна плоча што не е мермерна, ама личи на мермерна. Ако при тоа, некој од нас си дозволи да напише нешто надвор од нив, ќе го загрози добрососедството со оние кои не признаваат дека постоиме како Македонци, ќе биде шиканиран како бугарохулник, како русофил, или кој знае што уште ќе нѝ прилепат.
Второ, ова значи дека доколку Комисијата напише некои глупости од нејзин калибар, тие стануваат „препораки“, а како такви „… кои ќе бидат приложени кон Протоколот ..“. Тоа пак од своја страна значи дека Записникот наречен Протокол НЕ Е ФИНАЛИЗИРАН во оваа форма во која сега е објавен. За оние со огламник на глава да напишам дека ваквата пракса на измислување, доплнување, претегнување на Бугарите со нивни „протоколи“ ќе трае сè додека не биде избришан и последниот Македонец од Македонија, а ЕУ? Таа ќе ликува оти нашла такви како вас.
Третата небулоза во текстот на која сакам да се задржам е дека „Двете држави ја охрабруваат Комисијата да го заврши прегледот на периодот на Средниот век во рок од една година од потпишувањето на овој Протокол.
На следниот состанок на Заедничката комисија по чл. 12 од Договорот, двете држави да ги одобрат препораките на Комисијата за целиот период кој го опфаќа Средниот век. “ (стр. 19). Пишувачот на овој дел или бил историски неписмен, или сакал да каже ама да не се разбере што кажал. А што кажал? Кажал дека македонскиот дел од Комисијата во која НЕМА СРЕДНОВЕКОВЕЦ, треба да го „завршат прегледот“ на историскиот период за кој нејзините членови ПОЈМА НЕМААТ. И тоа, замислете „…. за целиот период кој го опфаќа Средниот век“. За оние што не знаат, тоа е период што опфаќа: ран среден век (историски период кој следувал по доцноантичкиот период, во почетокот на 5 век); средниот век (од 5 век сè до крајот на 10 век) и развиениот среден век (11, 12 и 13 век). И така, за една година Комисијата треба да ги аминува желбите на Бугарите, БЕЗ колега во македонскиот дел од Комисија кој работи СРЕДЕН ВЕК.
Прочитавме дека „Двете влади ја потврдуваат својата поддршка за работата на Комисијата и се ангажираат да создадат поволни услови за нејзина работа, ја охрабруваат да работи со поголема ефективност и за постигнување на конкретни резултати, врз основа на и со цел претставување на факти и настани од заедничката историја…“ (стр.16). А при тоа, бараат „строго научна дебата“ без можност за соочување на факти се бараат резултати „ во рок од една година од потпишувањето на овој Протокол“.
Дилетантизмот и колизијата во текстовите се присутени во целиот текст на Записникот наречен Протокол, ама во „Темата за историја“ тоа се чита во секој збор.
И ако помислите дека ова е уште еден таков пример се лажете. Во нашишаното дека: „Двете држави ја поддржуваат и охрабруваат Комисијата да ја заврши работата за сите периоди од заедничката историја, кои ги поврзува двете држави и нивните народи, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот, со цел целосно имплементирање на тие нејзини препораки во образовните програми до членството на Северна Македонија во ЕУ“, се крие желбата за брзоплето „Комисијата да ја заврши работата за сите периоди од заедничката историја“, при тоа бивајќи јасно дека за СИТЕ ПЕРИОДИ може никогаш да не се заврши работата на Комисијата. Тоа значи дека Македонија НИКОГАШ нема да стигне до целта за „… целосно имплементирање на тие нејзини препораки во образовните програми до членството на Северна Македонија во ЕУ“.
Така што, за да се обвистинат катадневните лаги на владеачката политичка гарнитура во Македонија дека ги ЗАПОЧНАЛА НЕЗАПОЧНАТИТЕ преговори за влез во ЕУ, а имајќи го предвид досегашното поданичко однесување на македонскиот дел од Комисијата кон „потребите“ на владините фотелјаши, не е тешко да се заклучи дека ќе бидат вложени напори за реализирање на желбите на потомците на Аспарух да бидат претставени како потомци на Самоил, ама да не бидат Македонци.
И така, дојдовме до НАЈСООДВЕТНАТА ТЕМА во „Темата за историјата“. Во неа се напишани дел од обврските што нам нѝ се товарат за да бидат „задоволни и задоволени“ бугарските добрососеди за да нѝ дозволат да бидеме достоен паертнер во ЕУ. При тоа, европска „демократска“ држава која НЕ ПРИЗНАВА Одлуки на Европскиот суд, европска „демократска“ држава која со децении го малтретира и тероризира македонското население во Пиринска Македонија, европска „демократска“ држава која не го признава правото на самоопределување на една суверена држава, европска „демократска“ држава која е опседната со објаснувањето дека е супериорна во однос на нација од која ја добила писменоста, европска „демократска“ држава која нема своја историја па се перчи со туѓа, таква европска „демократска“ држава има вакви барања.
„ Република Северна Македонија ќе преземе мерки со кои ќе осигура ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на културата и идентитетот на бугарската заедница во Република Македонија:
- Постигнување на одржливи резултати за превенција и реакција против појавите на јазик на омраза против Бугарите во Република Македонија во јавниот простор во Република Македонија.
- Постигнување на одржливи резултати во превенцијата, истрагата и гонењето кај кривични дела од омраза, појава на јазик на омраза и дискриминација против Бугарите во Република Македонија.
- Преземање на ефективни мерки за подигнување на свеста, односно институционалните механизми за правата на човекот и подигнување на довербата на Бугарите во Република Македонија кон тие механизми и националните институции.
- Постигнување на одржливи резултати за гарантирање на слободното остварување на правата на Бугарите во Република Северна Македонија за слободно изразување, заштита и развој на идентитетот и специфичните карактеристики на нивната заедница, како и за слободно употребување на симболите на нивната заедница“ (стр. 20).
Потпишувајќи ги овие барања на Бугарија, лекарот од македонска Влада зарил нож во грбот на македонскиот народ бидејќи како министер за надворешни работи има обврска да ги штити правата на секое ниво на македонските граѓани, а не да се обврзува дека „… ќе осигура ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на културата и идентитетот на бугарската заедница…“ во Македонија. Останува нејасно кои ОБВРСКИ ги имаат членовите на бугарската заедница во Македонија или тие единствено ќе имаат права, ќе бидат заштитени како бели мечки и ќе им се тресиме да не им ги навредиме чувствата. И секако, постигнувањето на одржливи резултати во превенцијата, истрагата и гонењето кај кривични дела од омраза, појава на јазик на омраза и дискриминација против Бугарите во Република Северна Македонија, треба да биде само една од мерките кои, ние, Македонците во нашата држава треба да ги исполниме додека Бугарите нѝ се смеат и нè провоцираат во сопствената држава со формирање на фашистички организации, собиранки по градовите со „слободно употребување на симболите на нивната заедница“.
Овие „услови“ треба да ги исполни македонскиот народ за Бугарија да се „одоброволи“ да каже дека е „задоволна и задоволена“ од Македонците за да престане да нè малтретира поддржана од европејските „демократи“, кои се слепи и глуви дека бугарската држава со децении ги тероризира, понижува и омаловажува Македонците на територијата на европска Бугарија.
И за крајот на анализата да кажам дека „ Со потпишувањето на овој Протокол, Бугарија потврдува дека ќе даде согласност за усвојување на конечниот предлог на Француското Претседателство со Советот на ЕУ од 30 јуни 2022 за усвојување на Преговарачката рамка и одржување на меѓувладините конференции за почеток и комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори на Македонија со ЕУ“. Битно е да се прокоментира делот во кој се вели дека Бугарија ќе даде согласност „за усвојување на конечниот предлог на Француското Претседателство со Советот на ЕУ од 30 јуни 2022 за усвојување на Преговарачката рамка и одржување на меѓувладините конференции за почеток и комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори на Македонија со ЕУ“. Во овој текст намерно е испуштено да се спомне Албанија, бидејќи од меѓувладините конференции, едната е за албанскиот почеток, а втората коректно напишана за „ комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори на Македонија со ЕУ“. Ова е исто така, манипулација за оставање простор за „толкување по потреба“ во Македонија.
Во изминатиов период многумина „му честитаа“ на Османи за одработувањето за Албанија за почетокот на преговори со ЕУ со тоа што ја стави Македонија како заложник во процесот. Но, јас би рекла дека покрај ова, албанската Влада сама си го одработи почетокот на преговорите уште во 2017 година. Тогаш во Албанија беше донесен Закон за малцинства, во кој, иако во албанската држава не беше регистриран ниту еден Бугарин, сепак Бугарите се најдоа рамноправно во Законот со Македонците, Грците и другите малцинства. Секако, Бугарија жестоко атакува македонското малцинство да го прикаже како Бугари, а во тоа многу помагаат и македонските платеници и „стипендијанти“ на добрососедска и пријателска Бугарија. Со тоа, вековната лага на Бугарија дека ако од исток на Македонија живеат Бугари, ако од запад на Македонија живеат Бугари, тие на средина МОРА да станат Бугари.
Завршувајќи го шестиот дел од текстот кој го насловив „Пред и после Протоколот“ сакам да кажам дека:
- Внесувањето на бугарскиот народ во македонскиот Устав не е нималку наивна работа, бидејќи со тоа дефинитивно ќе нѝ се затвори можноста за влез во ЕУ;
- Носењето Закон за да им се стават на тацна животите на македонските граѓани на Бугарите е еднакво на смртна пресуда за некои од нив;
- Записникот наречен Протокол, сè уште не е комплетен документ бидејќи кон него не се приложени записниците од заседанијата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, а не е ниту конечен бидејќи кон него треба да се додадат „усогласените ставови“ за измислена „заедничката историја“ подготвени од Комисијата.
- Комисијата за историски и образовни прашања, која во овој состав е за потсмев на секој кој го знае габаритот на спротивната страна, итно треба да се распушти за да не направи поголеми штети по македонската држава од она што е направено десега. Бидејќи со овој Записник наречен Протокол Бугарите си обезбедиле Комисија составена од кловнови од калибар, одработиле таа да не смее да се укине. Затоа пак, членовите на Комисијата можат да си дадат оставка и да не бидат учесници во бришењето на македонскиот народ од светската мапа. Но, дали алчноста ќе им го дозволи тоа?
- Прашање кое постојано ми се повторува, а не наоѓам одговор е зошто се предвидело формирање на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, која на ниту една седница не разговарала на пр. за математика, физика, хемија. Со оглед на досегашните информации јасно е дека името треба да нè утеши дека не се работи за Комисија за бришење на македонската историја и јазик.
- Македонското образование не смее да стане заложник на бугарските желби за извитоперување на историјата и другите науки. Секако, ова е едно од најважните прашања за бугарската држава. Имајќи го предвид 70 – годишното искуство на бомбардирање на учениците со измислена историја, Бугарите се надеваат дека применувајќи го децениското искуство врз децата во македонија, ќе го постигнат истото ниво на „бугаризираност“ на македонското население.
- Правата на Бугарите во Македонија да бидат еднакво применети кај Македонците во Бугарија, во спротивно Европа да си го избрише од документите основното човеково право на самоопределување и демократија во владеењето на секоја нејзина членка.
Со оглед на тоа што се обидов многу пластичко да го објаснам текстот на Записникот наречен Протокол, во 6-те делови на текстот наречен „Пред и после Протоколот“, верувам дека оние што прочитаа ја сфатија штетноста од него. Оние што тоа не го сфатија, ќе го сфатат кога боздоганот ќе им се чукне од глава.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden