
Честопати се жестам кога некој/а пријател/ка ќе почне да ми раскажува колку е успешно нејзиното дете во некоја странскаа земја, а при тоа нагласува дека во Македонија немало шанси за вработување, а напредувањето во струката би било мислена именка.
И почнувам да се прашувам дали разбира што ми зборува, или пак јас наопаку ја разбирам родителската гордост за успехот на детето надвор од македонската држава.
Сетики до мене ќе да е, оти многу често и сè почесто, ми се случуваат такви разговори.
И кога веќе имам дилема со себе, чинам не е лошо да ја споделам со вас. Па некако да ми го разјасните, од една страна, моето горчливо чувство што децата бегаат од татковината и, од друга страна, гордоста на родителите до заминувањето на нивното дете/деца од татковината.
Вообичајувам да си кажам како јас размислувам на одредена тема, а кога веќе имам дилема при размилувањата по прашање што навистина ме вознемирува од многу причини.
Во мојата долгогодишна кариера сум имала можност да запознаам многу лица, некои учени и стамени, некои учени и алипни во главата, некои неучени и стамени, некои неучени и алипни во главата, некои арогантни со причина, некои арогантни без причина при што и алипни во главата.
Од сите нив, сум научила по нешто употребливо во животот. Од некои како треба, од други како не треба да се однесувам во различните ситуации во животот.
Така, имам научено дека најголемиот потенцијал на една држава е човекот. Од моментот на раѓање секое дете станува непроценливо богатство за семејството. Но, со добивањето на документот за раѓање т.е. изводот од книгата на родените, детето добива поширока општествена вредност. Тогаш, неговиот извод станува вредноста хартија на општината и татковината.
Или, секој жител на една држава е вредност за нејината опстојба.
Еве, на пример, во земјоделието.
Познавам цели села во Македонија , кои се активни, а во кои нема ниту една крава. Села во кои цели стада со ситен и крупен добиток секое изгрејсонце се истерувале на пасење, само пред некоја деценија, денес имаат пусти пасишта, оти нема добивка од стока, ама нема ни овчари.
Обраснатите ниви ја раскажуваат приказната за едни убави времиња кога памукот се белеел по нив, кога житото тежело и лежело од род, кога земјоделските производи имале пристојна цена, кога заработувачката од трудот и потта биле награда, а не казна. И денес како и децении наназад, трудот и поттта се на земјоделецот, но заработката е на прекупувачи и партиски хохштаплери на кои им е дозволено да се богатат седејќи по кафеани и исмевајќи ги земјоделците оти работат за цркавица.
Резултат: Вредноста на вредносната хартија не ја сфативме. Затоа, младите бегаат од селата, државата наместо да се прехранува од домашни земјоделски производи внесува туѓи, чинам оти провизиите се повносни од криминалот од ценкарењето со земјоделците.
Младите бегаат оти ние, како генерација, не успеавме да го зачуваме она што нам ни го оставија нашите предци, татковина во која трудот ќе се почитува, а криминалот ќе се казнува.
Еве, на пример, на гобишта.
Зошто баш таму? Веројатно зтоа што при секое мое одење на гробишта гледам сè позапуштени и напуштени вечни почивалишата на нечии предци. Испукани плочи, излупени букви, залепено исушено некогашно цвеќе на спомениците. И се прашувам, со колкава ли љубов и посветеност ги гледале луѓето што почиваат во тие вечни домови, ги одгледале оние некаде со кои се гордееле? Успешни, таму некаде. И се прашувам, какво ли е чувството да нема кој да ти подаде чаша вода додека немоќно лежиш со температура и бесчијно заминуваш во вечноста, бивајќи горд/а со чедата, успешни таму некаде? И се прашувам, дали ние сме на „добар“ пат да бидеме последните генерации што ќе ги посетуваат вечните почивалишта на нашите предци, бидејќи не создадовме услови нашите фиданки да разластаруваат во свој двор, да се радуваат на свои фиданки, во свој двор.
Македонското секојдневие наликува на куќа во која владее домашно насилство. Еден грст силеџии се силат и ги малтретираат домашните. Оние кои, поради некоја причина, немаат каде да одат, го трпат и се помируваат со домашното насилство небаре, ним доделена господова небиднина. Оние, пред коие животот ја чекаат првата прилика за да фатат вит виделија, подалеку од несреќната небиднина.
Разговорот со оној во огледалото ќе ви заврши со заклучокот: Децата бегаат поради ТВОЈАТА неспособност да им обезбедиш здрава средина за здрав живот. Децата бегаат бидејќи навреме не ја сфати ВРЕДНОСТА НА ВРЕДНОСНАТА ХАРТИЈА која ти беше дома.
До кога, не се знае. Ние сме потрошен материјал, кој незапирливо го живее отчукувањето на билошкиот часовник. Некој ќе се праша, кој ќе остане на нивите после него, кој ќе запали свеќа на гробот му, кој? Доколку продолжиме да трпиме некои арогантни без причина и алипни во главата, НИКОЈ.
Затоа, 12 и 5 е да ја сфатиме НЕПРОЦЕНЛИВАТА ВРЕДНОСТ НА ВРЕДНОСНИТЕ ХАРТИИ.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden