Професорката Гордана Силјановска официално поднела кандидатура за претседателски кандидат

Професорката Гордана Силјановска, пратеникот Влатко Ѓорчев и Филип Петровски, се тројцата чии пријави на повикот за претседателски кандидат се стигнати засега во ВМРО-ДПМНЕ, велат неофицијално партиски извори за Македонски весник “Илинден”.

Рокот за пријавување истече синоќа на полноќ, но во партијата ќе почекаат да не стигне некоја пријава пратена по пошта, па најдоцна до 5 февруари ќе се знаат сите пријави на конкурсот. Партискиот кандидат за претседателските избори ќе биде изгласан на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ што ќе се одржи во Струга на 16 февруари, но нашите извори велат дека професорката Силјановска е фаворит на раководството на партијата, а нејзината предност над другите потенцијални кандидати била потврдено и на интерните анкети кои што се спроведуваа во изминатиот период.

Според процедурата, партиската комисија ќе почека да стигнат евентуално и други пријави, а потоа Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе потврдат кои кандидати се одобрени и дали ги исполнуваат сите услови. На конвенцијата во Струга ќе учествуваат 550 делегати, меѓу кои ќе бидат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, членовите на Извршниот и на Централниот комитет, претседателите и членови на Општински комитети, раководствата на Унијата на млади сили и на Унијата на жени и други членови на партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека ставот на партијата дефинитивно е да не ги бојкотираат претседателските избори, напротив, се подготвуваат да извојуваат победа. Пратеникот Ѓорчев беше првиот кој објави дека се јавил на конкурсот во ВМРО-ДПМНЕ и, како што велат од партијата, веќе води и кампања иако му било сугерирано малку да ја „смири“ работата.Петровски вчера самиот објави дека се пријавил на конкурсот на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Advertisement