Промовирани две книги од Славе Катин во Торонто

Во организација на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ од Торонто, Канада, промовирани се делата „Семејството Видиновски“ и „Македонците во светот“ од  Славе Катин.

Монографијата „Семејството Видиновски“ е во издание на  „Македонска искра“ од Скопје, а излезе од печат во 2020 година. На македонски и на англиски јазик се опфатени текстови за  иселениците Рада и Борис Видиноски од Торонто. Рецензенти на делото се проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ и Нада Николовска.

Монографијата е посветена на поетското творештво на Рада Видиновска, која е автор на четиринаесет поетски дела. Таа е прв лауреат на наградата „Иселеничка грамота“ во 1992 година, што првпат Матицата на иселениците од Македонија ја додели на „Струшките вечери на поезијата“ за најдобар поет од дијаспората. Рада Видиновска е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1994 година и член на Медитеранската академија „Браќа Миладиновци“ од Струга.

Публикацијата „Македонците во светот“ од Славе Катин е  издание на  „Македонска искра“ од Скопје и Фондацијата „Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски“ од Прилеп и е објавена на македонски јазик. Рецензенти се д-р Лефтер Манче од Канада, Џорџ Атанасоски од САД, Гојко Јаковлески од Европската Унија и Душан Ристевски од Австралија. Според издавачот, книгата „Македонците во светот“ заслужува внимание од домашната и од пошироката научно–културна јавност, како и од секој Македонец во дијаспората и во татковината.

Advertisement