Протест на претставниците на јавниот превоз во Албанија

Претставниците на јавниот превоз денеска протестираа пред Министерството за инфарструктура и енергетика во Тирана. Тие бараат да почнат со работа или Владата да им ги подмири сметките за вода, струја,кредитите и другите давачки. Само сакаме работа, но јавниот сообраќај не се воспоставува, затоа нека ни платат. Треба да платиме кирија, електрична енергија, вода, кредит. Владата не ни ги исполнува барањата. Имаме многу загуба. Ние само сакаме работа. Ништо друго, велат тие. Пред Министерството имаше и полициско присуство, кое апелираше до граѓаните да заминат,по што тие се разотидоа. Генералниот директор на државната полиција, Арди Велиу, им нареди денеска на сите полициски структури да не дозволуваат никаков собир или групирање, инаку, ќе има мерки. Градскиот и меѓуградскиот сообраќај во Албанија требаше да се воспостави на 15-ти јуни, но поради трендот на зголемување на новозаразени од коронавирус во земјата, тоа беше одложено.

Поради истите причини премиерот Еди Рама вчера доцна попладне најави три мерки договорени со експертите меѓу кои и забрана на секакви групирања и собири, па дури и политички. Посочи дека нема да има толеранција и за бизнисот и доколку не се почитуваат безбедносните протоколи освен парична на сопствениците им се заканува и затворска казна. -Граѓаните ќе може да се движат слободно, но и тие ќе бидат казнети доколку ги прекршуваат правилата на однесување на јавни места. Вака не може понатаму, категорично изјави Рама. По едноцифрените и ниски двоцифрени бројки, од минатиот понеделник, бројот на новозаразени е во постојан раст. Вчера беа регистрирани 82 новозаразени, што е највисока бројка од појавата на пандемијата.