Протести против корупција во Словачка

 

Илјади Словаци вчера учествуваа во протестен марш против корупцијата, со барање за оставка на министерот за внатрешни работи, близок соработник на премиерот Робер Фицо, поради поврзаност со бизнисмен кој е под истрага за затајување данок. И во останатите земји во регионот, меѓу нив и Романија и Унгарија, се одржуваа големи анти-владини протести последниве месеци.

Вчерашните демонстрации во Братислава, кои се едни од најголемите откако Фицо е дојден на власт во 2012 година, најмногу беа насочени кон министерот Роберт Калинак, кој одбива да се повлече од функцијата поради бизнис врските со бизнисменот со недвижнини Ладислав Бастернак, кој е под истрага за можна даночна измама.

Економијата во Словачка зајакнува, додека животниот стандард драстично се подигна откако земјата влезе во Европската Унија во 2004 година, но, многу Словаци сметаат дека нивната држава заостанува зад Западна Европа во борбата со корупцијата.

Критичарите се сомневаат дека додека Калинак е на функцијата, нема да биде возможно да се спроведе независна истрага по наводите за даночни измами. Дури и самиот премиер, Фицо, живее под кирија во стан кој е во сопственост на Бастернак во центарот на Братислава.

Владата на Словачка во последниот период ги зголеми напорите за справување со корупцијата, воведувајќи данок од 35% од компаниите во даночните раеви и забрана на компании со таинствена сопственост да соработуваат со државата. Словачка е рангирана на 54-тото место меѓу 176 држави според индексот за перцепцијата на корупцијата на Транспаренси Интернешнал.

Advertisement