
Протестот на студентите и граѓаните пред Министерството за образование ескалирал во вечерните часови, при што демонстрантите искршиле прозорци и влегле во просториите на најмалку два деловни објекта на улицата „Драчка“ во Тирана.
По судирите со полицијата, демонстрантите со камења и тврди предмети ги нападнале прозорците на една приватна финансиска институција и на продавница за облека, предизвикувајќи материјална штета. Потоа влегле во просториите на финансиската институција, ги изнеле предметите и мебелот на улица и ги запалиле.
Протестот на студентите и граѓаните започнал во 14:00 часот. Уште од самиот почеток, дел од студентите фрлале камења и тврди предмети, најпрво кон зградата на Министерството за образование, а потоа и кон полицијата.
И покрај интервенцијата на полицијата, студентите и граѓаните продолжиле со протестот до вечерните часови. Во текот на демонстрациите, тие запалиле картонски материјали, канти за отпадоци и неколку рекламни паноа поставени покрај улицата, а ги отстраниле и заштитните огради.
Подоцна, демонстрантите се преместиле од улицата „Драчка“ кон зградата на Општина Тирана, каде што фрлале камења кон објектот и ја пробиле влезната врата. Полицијата веднаш интервенирала за да ја растера толпата и привела неколку демонстранти.
Полицијата употребила солзавец во обид да ја растера групата студенти кои протестирале.
Државната полиција соопшти дека по инцидентите биле приведени 23 демонстранти за понатамошни процесни дејствија.
Во инцидентите биле повредени шест припадници на Националните безбедносни сили на полицијата, како и една новинарка.
Во меѓувреме, во Универзитетскиот болнички центар „Мајка Тереза“ биле примени тројца демонстранти со здравствени тегоби по изложеност на солзавец. По лекарскиот преглед, двајца биле пуштени од болницата, додека третиот продолжил со испитувањата од страна на итната медицинска служба.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden