Прв настап на хорот од Бигорскиот манастир на официјален настан во Атина – аплауз и воодушевување од публиката

Атинскиот Соборен храм посветен на Светото Благовештение на Пресвета Богородица, храм-паметник на Православната Црква во Грција, место на многу свештени богослужби, на значајни настани и годишнини, вчеравечер беше сведок на уште едно уникатно и историско собитие.

Имено, на покана на Министерството за култура и спорт на Грција и на Здружението на псалти од Атика „Свв. Роман Слаткопевец и Јован Дамаскин“, а со благослов на Архиепископот Атински и на цела Грција, г. Јероним, хорот на Братството на Свештената Бигорска Обител настапи на Правиот меѓународен фестивал на византиска музика во Атина. Ова е за прв пат хор од нашата Црква да настапува на настан од ваков вид во Грција, така што самото тоа претставува голем исчекор во зближувањето на двата православни братски народи.

Мотото на овој фестивал гласи: „Единството на Уметноста во споменот на заедничката Вера и на истозначното Минато“. Главниот организатор на настанот, Претседателот на Здружението на псалтите на Атика, почитуваниот г. Илијас Редијадис Тумбас, кој со својата хородија досега во два наврати има пеено на богослуженија во Бигорски, во своето поздравно обраќање, посвети посебно внимание на гостувањето на нашето братство, возглавено од старецот, Епископ г. Партениј:

„Пречекуваме две хорски групи, помеѓу кои и хорот на монашкото братство на Бигорски и нивниот Игумен, пријател на грчкиот народ, преосветениот Епископ Антаниски г. Партениј, којшто во 2018 година беше прогласен за почесен граѓанин на Европа од страна на Европарламентот, за неговото многустрано пастирско, хуманитарно и образовно дело во соседната земја, Македонија“.

На концертот присуствуваа претставници од централната и локалната власт во Атина, свештенослужители од Православната Црква во Грција, десетици протопсалти и најистакнати хорарси и учители по црковно пеење од цела Грција и од Константинопол и бројни верници и љубители на источно-православното пеење.

Свое обраќање до присутните имаше и високиот претставник на грчката Влада, г. Јоанис Хрисулакис, генерален секретар во Министерството за надворешни работи. Тој, од името на Премиерот г. Киријакос Мицотакис, му се заблагодари на нашиот Старец за учеството на бигорскиот хор на значајниот фестивал, обраќајќи му се со зборовите:

„Ваше Преосвештенство г. Партение, Игумене на Свештената Бигорска Обител во Македонија единството на уметноста во спомен на заедничката вера и минато нè обединува сите нас вечерва: клирици и лаици, хорови и верници, сите заедно вечерва ќе се помолиме преку спектарот на византиската музика, која носи само единство и радост во нашите души“.

Во текот на концертот со почесни медали беа одликувани десетина знаменити јеропсалти и учители кои дале особен придонес во запазувањето и развојот на древното православно пеење. Од името на сите нив, благодарствен говор одржа протопсалтот на Вселенската Патријаршија од Константинопол, легендарниот г. Демостен Паикопулос.

Нашиот хор, предводен од хорархот Анатолиј јеромонах, настапи на крајот од предвидената програма и со својата беспрекорна изведба ги освои восхитот и воодушевувањето на публиката, а долготрајниот аплауз само го потврдуваше тоа.

По настапот на браќата, завршниот збор го имаше претставникот на Архиепископот Атински г. Јероним, Протопрезвитерот Томас Синодинос, кој воедно е и старешина на соборниот храм на Благовештението каде што се одржуваше настанот. Видно воодушевен од пеењето на бигорските монаси и псалти, тој не ја сокри својата радост од повторната средба со нашиот Старец:

„Ваше Преосвештенство г. Партение, чувствувам особена радост што по многу години Ве гледам повторно во Атина. Се сеќавам како пред многу години бевте дојден со претставници на Вашата Црква, на чело со Високопреосвештениот Митрополит Наум, кај тогашниот Архиепископ г. Христодул, [на разговор] за црковната тема и се радувам што повторно Ве гледам здрав, Игумен на една, од она што се гледа, одлично устроена обител, но и на овој прекрасен монашки хор, кој вистински нѐ потсети на Света Гора, пренесена во неговата Татковина“. За вчерашниот концерт беше изготвен и посебен печатен проспект, во кој најголемото место беше посветено за Бигорскиот хор. Во текстот посветен за него, меѓу другото, пишува:

„Во 1995 година, сегашниот Епископ Антаниски г. Партениј ја зеде врз себе игуменската должност за Свештената Бигорска Обител, понесувајќи го истовремено и значајното дело за возобнова на монаштвото и на запустениот Манастир, по прекин од половина век. Една од првите грижи на новиот игумен беше и дневниот богослужбен ред, со исполнување на поредокот на дневните богослуженија, согласно со светогорскиот типик. Следствено, црковната музика стана секојдневна грижа на монасите, секое утро и секоја вечер“. Во продолжение, г. Илијас Тубас и о. Томас му врачија награда и почесен медал и на нашиот Епископ г. Партениј, за неговата заслуга за возобновата на источно-православното (византиско) црковно пеење кај нас.

Накрај, од името на нашиот Старец и Игумен, Епископот г. Партениј и од неговото во Христа братство, сакаме сесрдно да им се заблагодариме: пред сè, на нашиот длабокопочитуван Архиепископ г. Стефан и на нашиот возљубен Митрополит г. Тимотеј за нивниот татковски благослов да учествуваме на овој фестивал; потоа на грчката држава и Црква за укажаната прилика и чест да настапуваме на овој мошне достоинствен настан, со што уште еднаш ја покажаа својата  православна етика и подготвеност за промовирање на универзалните христијански вредности.

Впрочем, грижата и љубовта за духовното просвештение и свештено-апостолското дело на грчкиот народ се добро познати ширум православниот свет. Посебна благодарност упатуваме кон вискоценетиот Архиепископ Атински г. Јероним за дадениот благослов; кон организаторот, нашиот сакан пријател г. Илијас Редијадис Тумбас, за неговата пожртвувана и докажана љубов; кон почитуваниот г. Јоанис Хрисулакис, кој како претставник на грчката државна власт пројави кон нас големо уважување и чест и кон отец Томас Синодинос, кој се покажа вистински и гостољубив домаќин.

Нека си спомне Бог за доброто дело!

Advertisement