Првпат по повеќе од 60 години во форум во Бугарија беше претставено и македонското малцинство преку Стојко Стојков

На 18 септември на Американскиот универзитет во Благоевград, Бугарија, беше одржана тркалезна маса со учество на правозаштитни организации и државни институции на тема „No-hate-BG: заедно во заштита на малцинствата и во превенцијата на престапите од омраза“.

Конференцијата е организирана од Хелсиншки комитет во Бугарија и Општина Благоевград, а финансирана од Европската комисија. Освен различни организации специјализирани во областа на правата на човекот учествуваа обвинителството, судот, полицијата, општинската и обласната администрација, како и универзитетски професори.

За првпат по повеќе од 60 години на таков официјален форум во Бугарија беше претставено и македонското малцинство преку Стојко Стојков, претседател на партијата на Македонците Омо „Илинден“ – Пирин и вонреден професор на Факултетот за образовни науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, роден во  Сандански, Пиринска Македонија. Тој настапи со тема посветена на македонското малцинство и неговото третирање во Република Бугарија во првиот панел под општ наслов „Малцинствата во Бугарија – лесни за омраза. Меѓу предрасудите и интеграцијата“.