Рама: Европа треба да си го одржи зборот, Албанија во ЕУ во 2030 година

Премиерот Еди Рама изјави дека членството на Албанија во Европската Унија во 2030 година е апсолутно можно. Тиранскиот економски форум се одржува во Албанија, каде што на церемонијата на отворањето присуствуваа албанскиот премиер Еди Рама и други функционери.

Во својот говор на отворањето на петтото издание на форумот, Рама нагласи дека ја претвораат земјата во развоен коридор од север кон југ и според него, Албанија е подготвена за висококвалитетни и долгорочни инвестиции.

„Во Европа која ја преиспитува својата безбедносна и економска архитектура, нашата земја стои како столб на стабилност, сигурен партнер и растечка економија. Ги отворивме сите поглавја од преговорите со ЕУ за рекордно време, го дуплиравме нашиот буџет, нашиот БДП, додека нашиот дефицит е на најниските можни нивоа. Имаме и растечки туристички сектор, имаме и сектор каде што ја обновуваме нашата инфраструктура од пристаништа до железници и ја туркаме дигиталната трансформација со вртоглава брзина“, рече тој, пишува „ТРТ Балкан“.

Премиерот Рама рече дека дигиталната револуција го промени начинот на кој управуваме и начинот на кој функционира бизнисот.

„Европа 2030 не е надеж за нас, туку дестинација, а нашиот компас е јасен кон Европската Унија. Преговорите се отворени, поглавјата се движат напред, а нашата цел е реална и остварлива, секако со еден услов: Европа да го одржи своето ветување и заедно да се придржуваме до календарот за кој заеднички се договоривме. Членството на Албанија во 2030 година е апсолутно можно и ние не сме тука да чекаме на Европа, туку да ја градиме Европа тука“, рече Рама.

Тој додаде, меѓу другото, дека модерната инфраструктура ќе ја претвори Албанија во логистичка раскрсница помеѓу Балканот и Европа.

Дел од форумот беше и министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали, која во својот говор нагласи дека за Албанија единствената кохерентна стратешка позиција останува придонесот кон безбедноста, развојот и регионалната и континенталната интеграција.

Според соопштението од Министерството за Европа и надворешни работи, Спиропали нагласи дека „регионалната стабилност останува еден од главните столбови на надворешната и безбедносната политика на Албанија, потсетувајќи на поддршката на земјата за дијалогот меѓу Косово и Србија и важноста од продлабочување на соработката во регионот“.

Жешките дискусии се фокусираат, според организаторите, на прашања поврзани со глобалните промени, подемот на Албанија како регионален економски центар, патот кон членство во ЕУ и главните инвестициски предизвици.

Тиранскиот економски форум е организиран од Делфискиот економски форум, а на него учествуваат функционери, претприемачи и меѓународни економски експерти.