Рама го достави списокот со имињата на новите министри, Мета побара верификација од Државното обвинителство

Во Албанија на повидок уште еден институционален судир. Само неколку дена по потпишаната уредба со која Еди Рама го наименува за мандатар на новата влада и веднаш по доставувањето на списокот со имињата на новите министри, претседателот Илир Мета побара од Државното обвинителството информации за имињата што Рама ги предложил за министри.

Во дописот до обвинителството се бара информација, која треба да произлезе од верификацијата за „чистотата на личноста на 16-те предложени имиња“.

Претседателот Илир Мета сака да биде информиран доколку имате податоци или информации за имињата на предложените кандидати, во врска со истражни или криминални процеси што се започнати или може да бидат во фаза на оценување што треба да се започнат за секој од нив. Доколку се достапни информации од оваа природа за овие граѓани, без да се загрози тајноста на истрагата, бараме да бидеме информирани за состојбата со постапката и статусот на секој од горенаведените граѓани, стои во дописот.

Се бара оваа информација да биде доставена што е можно поитно и се додава дека претседателот мора да се изјасни за овие назначувања во рок од 7 дена од доставување на предлогот од страна на премиерот, сметано од 12 септември.

За сега нема реакција од Рама во врска со оваа постапка, која за првпат ја применува Мета.

Во третиот по ред владин кабинет, што го официјализираше на втори септември на срдница на Националната асамблеа на неговата Социјалистичка партија, Рама одлучи да не направи многу промени. Од 16 членови на кабинетот само пет се нови имиња а од вкупнот број 12 се жени.

Advertisement