Разговор за актуелните состојби во Македонија со г-дин Огненовски

Во текот на дводневната посета во Скопје, претседателот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, г-дин Никола Ѓурѓај се сретна со претседателот на политичката партија ДЕМОКРАТИ, г-дин Јорго Огненовски. На средбата се разговараше за актуелните состојби во Македонија, но и за ставовите на партијата ДЕМОКРАТИ во однос на македонското национално малцинство во Албанија. Во таа прилика г-дин Огненовски беше замолен за интервју за весникот „Илинден“, кој една деценија се издава како орган на Македонците од Албанија.

Македонски весник „Илинден“: Г-дине Огненовски, пред парламентарните избори во Македонија кои се одржаа на 12 јули 2020 година изјавивте дека политичката партија ДЕМОКРАТИ самостојно ќе настапи на изборите. Тоа го објаснувавте со потребата да се анулира тврдењето дека македонските граѓани треба да имаат можност да гласаат и за други партии, а не само за црно-белата варијанта, како што ги нарековте ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Денес ја гледаме таа црно-бела варијанта повторно, со најмногу пратеници, во македонското Собрание. Каква е вашата оценка за изборите , потоа за резултатот кој го покажа политичката партија ДЕМОКРАТИ и зошто, според вас, повторно гражаните ја избраа црно-белата варијанта?

Г-дин Јорго Огненовски:  Тоа што го изјавив пред изборите е валидно и денес. Црно-белата варијанта е погубна за македонската држава, а со тоа и за македонските граѓани. Мојата оценка за изборите, иако за некого субјективна, е дека тоа беше чин на изигрување на народната волја и крајно перфидно изрежирана театарска претстава токму од црно-белите или бело-црните, ДПМНЕ и СДСМ. Самиот факт што овие претставниците на овие две партии влегоа во Собрание после таков стамен и понижувачки постизборен циркус во изведба на Државната изборна комисија, покажува дека ним не им е важен народот, ниту државата. Во спротивно, двете партии ќе побараа повторување на гласањето. Ако, знаејќи го срамот кој нѝ го приреди ДИК, гласовите кои се прикажани како резултат на ДЕМОКРАТИ се крајно несоодветни и максимално маргинализирани. Не верувајќи во таквите резултати од нашата партија поднесовме приговори до ДИК за проверка на изборниот материјал во неколку изборни единици, но од ДИК ни беа одбиени приговорите, по што поднесовме тужба до Управнито суд, која експресно нѝ беше одбиена. Така што, секому е јасно со каква измама и со колку вложени средства црно-белата варијанта е доминантна во Собранието на Македонија. Ако на тоа ја додадеме измамата во корист на ДУИ, на што беше  жестоко реагирано и од другите албански партии, тогаш јасно е каков квази парламентарен состав моментално се справува со крајно загрижувачката состојба во Македонија.

Македонски весник „Илинден“:  Доколку црно-белата варијанта, засилена со кадрите на ДУИ е толку моќна, како што велите, да изрежира избори и резултати, каде го гледате излезот од ваквиот начин на избори? Имате ли некаква идеја за подобрување на изборниот процес и добивање на резултати според волјата на народот?

Г-дин Јорго Огненовски:  Како политичка партија ДЕМОКРАТИ многупати јавно ги изнесуваме нашите ставови во поглед на ова прашање. Но, во Македонија информативниот простор до тој степен е заробен, што тоа се рефлектира и на државата. Нашите соопштенија до јавноста никогаш не се објавуваат, па така и нашата иницијатива за промена на изборниот законик не беше обзнанета во јавноста, освен на нашата интернет страна, на ФБ профилот на ДЕМОКРАТИ и личните профили на членовите на партијата. Мислам дека сето тоа е смислена тактика за маргинализирање на секоја добра идеја која не е во полза на вечната коалиција ДПМНЕ-СДСМ-ДУИ. Она што ние го предлагаме, но и сѐ уште тврдиме дека е најдобро решение за да не може да се изманупулираат гласовите на македонските гласачи, е една изборна единица со отворени листи без праг. А за да не можат да ги „моделираат“ резултатите, оние кои располагаат со сите механизми за манипулации, бараме намалување на избирачките места, а потоа во време на избори на секое избирачко место да се постават камери насочени кон кутиите, а кои би биле функционални од почетокот на гласањето  до крајот на броењето на гласовите.  Доколку коалицијата ДПМНЕ-СДСМ-ДУИ сака фер и демократски избори, нивните претставници во Парламентот ќе изгласаат измени во изборниот законик во насока на подобрување на изборниот процес, целосна јавност на гласањето и броењето на гласовите. Но, тоа би било погубно за нив.

Македонски весник „Илинден“: Сигурно сте чуле гласини дека политичката партија ДЕМОКРАТИ имала катастрофални резултати на изборите, па сега се наоѓаат начини за да се оправда слабиот резултат. Дали со ова што го кажувате не им го оправдувате ваквиот став на вашите политички противници?

Г-дин Јорго Огненовски: Не, тоа е само начин да се оправда флагрантната кражба на гласови од партиите кои тие ги нарекуваат мали. Ајде да одиме по ред. Многупати сум говорел и сега ќе повторам. Како спортист, сакам да користам спортска терминологија за посликовите да го објаснам моето видување на изборите. Значи вака, изборите се трка на која секој тргнува од исто почетно место, под исти услови и најдобрите победуваат. Но, според некои небулозни закони кои низ децениите наназад законски партиите кои имале претставници во Парламентот добиваат огромни средства за избори, за реклами, за подмитување на телевизии, за срамни и банални небаре соочувања на нивните претставници. Сѐ на сѐ, бламажа од избори. Законите според кои им се делат парите на партиите, повторно си ги гласала коалицијата ДПМНЕ-СДСМ-ДУИ во Парламентот. И ако 90% од средствата им се доделуваат на дотогашните парламентарни партии,  а само 10% се наменети за рекламирање на т.н. мали партии, јасно ви е што значи тоа. Така што, повеќе од јасна е потребата на коалицијата ДПМНЕ-СДСМ-ДУИ да се борат никој друг да не дојде во позиција да им го одземе правото да го делат буџетот на Македонија како што ним им конвенира.

Македонски весник „Илинден“: Имам уште едно прашање, кое е многу актуелно во моментов во светот, а со тоа и во Македонија. Секако тоа е пандемијата со КОВИД19. Кој е вашиот став во однос на тоа како актуелната власт се справува со ситуацијата во Македонија по ова прашање?

Г-дин Јорго Огненовски: Лично јас, постојано ги следам информациите во врска со пандемијата со вирусот КОВИД19. Сериозно ги сфаќаме препораките на Комисијата за заштита од заразни болести, но многупати нивните препораки не се почитуваат од страна на Владата на Македонија. Така што, тука се создава конфузија која потоа, доведува до скепса во одлуките на Владата. Еве, само еден пример. Пред некој месец, додека дел од македонските жители беа затворени во своите домови поради Владина мерка за справување со КОРОНА вирусот, за дел од нив се појавија фотографии по социјалните мрежи како се шетаат по излетнички места, како возат мотори со пријатели по некои планини. Што тоа вам ви зборува? Дека мерките што јас ги носам, важат само за вас. Така што, не, не сум задоволен од тоа како Владата се справува со кризата со КОВИД19 во Македонија бидејќи не успеа, со самодисциплина и сериозно изготвена стратегија во секоја област од животот, да внесе чувство на сигурност и спокој кај граѓаните.

Македонски весник „Илинден“: Еве денес, претседателот Пендаровски потпиша указ со кој и војската, како невооружена формација, ќе помага во справувањето со кризата со КОВИД19. Сметате ли дека тоа ќе значи, она што го велите, внесување на чувство на сигурност кај граѓаните?

Г-дин Јорго Огненовски: Кога сме кај претседателот Пендаровски, ние како политичка партија ДЕМОКРАТИ, го повикавме да ѝм се обрати на граѓаните уште во почетокот на пандемијата. Во нашиот повик наведовме дека претседателот треба да делува смирувачки врз народот со тоа што ќе им објасни колкави се финансиските резерви на државата, колку средства има во државната каса за да се подмират трошоците и потребите на стопанството во време на карантин, колку време можеме да седиме во карантин за да ја сузбиеме  пандемијата итн. Секако  овој наш повик беше игнориран и од средствата за информирање и од кабинетот на претседателот, а за негово обраќање воопшто не стана збор. Лично мислам, дека претседателот кој требаше да биде оној кој ќе влее трпение, мир и спокој сред граѓаните, со сите постапки досега, како и со ова ангажирање на војската го пропушти моментот да биде татко на нацијата.

Македонски весник „Илинден“: Г-дине Огненовски, неодминливо е и прашањето за евроинтегративниот процес низ кој требаше да минува Македонија, после потпишувањето на Преспанскиот договор. Сметате ли дека со промена на името на македонската држава на Грција ѝ беше исполнета желбата зад која застанаа и европските држави? Дали сметате дека сега и Бугарија, како членка на ЕУ ќе добие реализација на, според многумина, нејзините нецивилизирани барања?

Г-дин Јорго Огненовски: Видете. Она што ѝ го бараше Грција од Македонија беше нецивилизирано. Меѓутоа, непотребно започнатиот преговарачки процес еднаш мораше да заврши. Според мое мислење, најдобро ќе беше тој процес да заврши со прекин на преговорите бидејќи уцената, во цивилизираниот свет се казнува построго од убиство. Во случајот со Грција, таа требаше да биде казнета од државите, членки на ЕУ за уцената и стопирањето на европската иднина на цел еден народ и држава. Но, ете тоа не го видовме. Во случајот со Бугарија мислам дека е полесно. Народот сфати дека попусто е да се бори да стане членка на Европската Унија, доколку во демократска заедница на држави треба да влезе обезличен и понижен. Ставот на ДЕМОКРАТИ е јасно и гласно кажан во неколку наврати: Никој нема право да ја менува историјата на македонската држава и народ. Така што, еве јас сум оптимист дека и ЕУ ќе сфати колкава штета ѝ носи можноста за вето од некоја од државите, нејзини членки, кои при тоа, сакајќи да исполнат свои историски фрустрации, ја користат позицијата на членка на Европската Унија. Впроченм, ЕУ веќе голтна едно горчливо апче со Велика Британија и не верувам дека би сакала да ѝ се повтори тој чин. Многу од државите, членки на ЕУ јасно го гледаат настапот на Бугарија, излитени фрази извлечени од креденецот на фашизмот на нејзините највисоки претставници, како и нивниот недозволив комодитет како членка на ЕУ. Како ДЕМОКРАТИ во многу наврати го оспоривме формирањето на мешовитата Комисија за историски и образовни прашања со Бугарија, која произлезе како резултат на  Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, во кој има членови кои се штетни по Македонија. И денес, сметаме дека непотребно се исфрлија народни пари, прекупотребни за македонското стопанство во овој кризен период, за Комисија која воопшто не смееше да се формира.

Македонски весник „Илинден“: Г-дине Огненовски времето и просторот не ни дозволуваат да ги разглобиме сите прашања што нас нѐ интересираат, а за кои вие можете да го кажете ставот на ДЕМОКРАТИ. Но еве, за нас, најважното прашање. Каков е ставот на политичката партија ДЕМОКРАТИ во однос на македонското национално малцинство во Албанија?

Г-дин Јорго Огненовски: По ова прашање, јас жалам што немам повеќе време и простор за да можам да кажам што сѐ ДЕМОКРАТИ прават и кои се начините на кои ние мислиме дека треба да се води македонската политика во однос на македонските малцинства општо. Не само во Албанија. Но, еве за вашите читатели ќе кажам дека ние како ДЕМОКРАТИ во неколку наврати се имаме сретнато со претставниците на македонските друштва во Албанија. Бевме присутни и на изборниот Конгрес на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонската алијанса за европска интеграција. Во секоја прилика, кога Македонците од Албанија ќе нѐ поканат на било каков настан, ние сме таму со нашите во Албанија. Но, како човек кој долги години живеел во САД и многу убаво го знае чувството на македонската дијаспора, никако не можам да прифатам дека македонската држава се откажа од своето население во соседните држави носејќи еден погубен закон со кој македонското национално малцинство во соседните држави го подведе под дијаспора. Тоа е недозволиво. Еве, да го земеме предвид моменталното хистерично барање на Бугарија да се откажеме од мешање во малцинските прашања на Бугарија? Што значи тоа. Дека и покрај тоа што ова коалицијата ДПМНЕ-СДСМ-ДУИ со закон се откажала од Македонците во Бугарија, на Бугарите им е јасно дека тоа малцинство кај нив постои и не може вечно да им ги брани основните човекови права. Ако кон сето тоа го додадеме настојчивиот ангажман на Бугарија да ги побугарчи Македонците во Албанија, повторно со уцени врз албанската Влада од позиција на членка на ЕУ, јасно е колку Бугарија е дволична. Од една страна бара ние да не се мешаме во малцинските прашања на Бугарија, а таа може да се меша и да се заканува за остварување на малцинските права на некои измислени Бугари во Албанија. Ние, како ДЕМОКРАТИ со многу интерес ги следиме и случувањата со малцинските права на Македонците во Бугарија и во Грција, држави, членки на ЕУ, коипатем,  најеклатантно ги омаловажуваат и избегнуваат европските документи за заштита на основните човекови права. И да завршам. Политичката партија ДЕМОКРАТИ постојано се залага и ќе се залага за промена на македонската законска регулатива во однос на македонското национално малцинство во соседните држави. Според ДЕМОКРАТИ секое национално малцинство претставува мост за соработка со неговата матична држава, но е дава придонес за збогатување на севкупната состојба во државата.

Македонски весник „Илинден“: Г-дине Огненовски ви благодарам за интервјуто, ви посакувам лична среќа и успеси на политичката сцена во Македонија на вашата политичка партија ДЕМОКРАТИ.

Г-дин Јорго Огненовски: Ви благодарам и јас вам за можноста да ги популаризирам ставовите на политичката партија ДЕМОКРАТИ, барем по некои прашања. До следно видување, поздрав до сите Македонци низ светот.

Advertisement